Тинејџерот познат по следењето на летовите на Илон Маск има нова мета: Во прашање се руските олигарси
Новиот профил на Твитер под називот „Russian Oligarch Jets“ ги следи воздухопловните патувања на руската елита...
Тинејџерот кој направи профил на Твитер кој ги следи приватните летови на Илон Маск ги насочи своите таленти кон нова мета: руските олигарски.
Новиот профил, под назив „Russian Oligarch Jets“, почна да следи каде се наоѓаат некои од најбогатите руски бизнисмени, објавувајќи кога и каде нивните авиони полетуваат и слетуваат.
Автоматизираниот извор го објави својот прв твит во неделата, откако САД санкционираа неколку членови на потесното опкружување на рускиот претседател Владимир Путин и ветија дека ќе го фатат и замрзнат нивниот имот, вклучувајќи ги и нивните јахти и вили.
Руските милијардери уште крстарат по светот со приватни авиони и јахти и покрај санкциите кои имаат за цел за финансиски да ја ослабнат руската елита, како одмазда за руската инвазија во Украина, пишува Bussines Insider.
CNBC во понеделникот извести дека некои од најбогатите руски бизнисмени почнале да пренесуваат своите мегајахти во Црна Гора и на Малдивите, веројатно во обид да избегнат да бидат запленети.
А, изгледа дека и авионите и хеликоптерите на руските милијардери се во движење. Профилот „Russian Oligarch Jets“ веќе следи неколку летови на авиони во сопствеништво на рускиот милијардер Роман Абрамовиќ, вклучувајќи го и патувањето со хеликоптер на Карибите во понеделникот.
Roman Abramovich's Helicopter M-SOLA Landed near Basseterre, (unassigned), KN. Apx. flt. time 17 Mins. pic.twitter.com/KARQJ6pWQD
— Russian Oligarch Jets (@RUOligarchJets) February 28, 2022
Уште еден профил е формиран за следење на летовите на авионите регистрирани на Путин и руските ВИП личности, иако Џек Свини, студентот кој стои зад тој профил, предупреди во твитот дека не се очекува да биде многу точен, бидејќи постојат неколку ВИП авиони, а не постојат премногу достапни податоци за летовите во Русија.
Свини (19) првпат се појави на насловните страници минатиот месец, откако Маск му понуди 5.000 долари за да го исклучи профилот кој ги следи неговите летови.
Тинејџерот ја одби оваа понуда и наместо тоа побара 50.000 долари.
фото: unsplash.com