„Тито и Дино“ е првата македонска сликовница целосно изработена со кирилски фонт за дислексија

„Тито и Дино“ е првата македонска сликовница целосно изработена со кирилски фонт за дислексија

Објавена во: После „Школо“ // PR

Илустрираната книга за деца „Тито и Дино“, која неодамна излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е првата македонска сликовница целосно изработена со специјален фонт за дислексија. Во делото од авторката Ј. Мишо, што е збогатено со илустрации на Оливер Коларевски, е користен кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално изработен од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и Филозофскиот факултет во Скопје со цел да им се олесни читањето на лицата со дислексија.

Дамјан Николовски од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ истакнува дека објавувањето на „Тито и Дино“ е од големо значење за лицата со дислексија, но и воопшто, за издаваштвото кај нас.
– Излегувањето од печат на сликовницата „Тито и Дино“ е од огромно значење за нас како организација што ги застапува правата на лицата со тешкотии во учењето, односно дислексија. Најважното од сѐ е што најголема корист од неа ќе имаат токму учениците со дислексија од раната училишна возраст. Оваа книга ќе донесе многу позитивни промени, не само во издаваштвото туку и генерално. Пред сѐ, поради фактот што ова е првата целосно „дислексија френдли“ (dyslexia friendly) сликовница во нашата држава, изработена со кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално креиран за да го олесни читањето кај лицата со дислексија. Финалниот производ е фантастичен од секој аспект. „Тито и Дино“ е топла интересна приказна со одлични илустрации, која дефинитивно ќе им го задржи вниманието на малите читатели. „Ајнштајн“ има стратешко партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“ веќе неколку години и сосема беше логична соработката и на ова издание, кое е поддржано од нашето здружение – вели Николовски.

Тој ја истакнува и важноста на намерата на „Арс Ламина“ книгите да ги приспособи на лицата со дислексија.
– Сигурни сме дека ова е само почеток и дека во иднина ќе следуваат уште повеќе вакви проекти. Фактот што „Арс Ламина“ има издадено преку 60 македонски лесно читливи лектири и читанки е доволен доказ за нашата успешна соработка. Но, не застанавме тука, отидовме чекор понапред, па така пред извесно време беа издадени и верзиите на лектирите на албански јазик, со што се олеснува читањето кај учениците со дислексија од албанската популација. Од информациите што ги имаме на терен, едицијата „Лесно читливи лектири“ многу им помогнала на децата за полесно да го совладаат читањето, но и со многу поголема леснотија да ја прочитаат содржината во книгата – додава тој.

Со оваа публикација издавачката куќа „Арс Ламина“ ја продолжува својата долгорочна мисија, чијашто цел е книгите да бидат достапни за сите, користејќи внимателно избрани фонтови што се приспособени за фазата на описменување на децата, вклучително и лицата со дислексија. Досега, преку својот импринт „Либи“, во посебната едиција „Лесно читливи лектири“ се објавени 78 лектири од листата за основно образование одобрена од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, на македонски и на албански јазик.
– Секојдневно се обидуваме да ги направиме книгите сè подостапни до читателите. Воедно, тоа значи и адаптација на одредени изданија, нешто што за нас е и предизвик и задоволство. Тоа и ни беше инспирација за едицијата „Лесни читливи лектири“, со којашто, по првпат во македонското издаваштво, лектирите се изработуваат со фонтови за дислексија. Успехот и добриот прием на оваа новина кај лектирите нѐ поттикна да го примениме кирилскиот фонт DyslexicFZF и во изданијата за предучилишна и раноучилишна возраст. „Тито и Дино“ е прва сликовница во нашата земја целосно изработена со специјалниот кирилски фонт за дислексија. Со тоа ќе им се олесни читањето на децата со дислексија, но и воопшто на децата кои се во фаза на описменување. Ние сме убедени дека читањето не треба да е привилегија, туку право. Сакаме да им го олесниме патот кон светот на книгите на сите читатели и затоа постојано работиме во таа насока – вели Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.

„Тито и Дино“ за кратко време од објавувањето стана една од омилените сликовници кај најмладите читатели. Станува збор за приказна за едно необичното пријателство помеѓу диносаурусот Тито и детето Дино, кои делат заедничка пасија – љубовта кон програмирањето. Сликовницата отвора и повеќе актуелни прашања, како соочување со врсничкото насилство во училиштата, прифаќање на различните деца и вклопување на децата кои другите не ги разбираат.

Сликовницата „Тито и Дино“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk

* ПР - објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: