Тројна промоција на романите-финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година

Тројна промоција на романите-финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година

Објавена во: После „Школо“ // PR

На 29 септември (петок), во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Ист гејт“, со почеток во 19 часот, ќе се одржи тројна промоција на романите-финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година. На настанот ќе бидат промовирани насловите „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон. Низ разговор со авторите, книгите ќе ги промовираат уредничките на изданијата од издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, Оливера Ќорвезироска и Татјана Димовска-Атанасова.

„Писма од лудница“ е загадочен политички трилер за уделот на агентите на УДБА во сочувувањето, односно во уривањето на југословенската заедница на народите и крвавиот раскол на идеологијата позната како „братство и единство“. Главното дејство во романот се плете околу навидум обични, љубовни писма што ги праќала дамнешна пациентка од психијатриска болница и кои ќе ги поврзат приказните на младиот стажант-психијатар Војдан и старецот Илија.

Срѓан Ивановиќ речиси целиот професионален век работи во медиуми. Неговата новинарска кариера почнува во 1996 година, во телевизијата „Сител“. Неговите колумни се објавувани и преобјавувани во повеќе медиуми. Одржува обуки и предавања на тема Медиумска писменост и Уметноста на јавниот настап. Романот „Писма од лудница“ е негов втор роман, а своето авторско деби го има во 2015 година со романот „Крвава уметност“.

„Мртва коска“ е широка, епска фреска со мноштво автентични ликови распнати помеѓу стварното и нестварното, помеѓу сонот и јавето, вистината и лагата, желбите и можностите,.. создава цел еден можен, реалистично-ониричен свет сред неможноста на нашето време. Сложената, вмрежена приказна за ликовите извајани од нашите стварносни небитија и населени во една зграда на улицата „Прашка“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, продира до најдлабоките пластови на личното, но и на колективното, општественото.

Димче Парталоски од Вевчани, дипломира на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од 1992 година до денес работи како адвокат. За време на студиите активно се вклучува во весникот „Студентски збор“ како карикатурист, хуморист и афористичар. Пишува и хуморески и раскази. Автор е на дијалектниот речник „Речник на говорот во Вевчани“, две поетски збирки „Кандило“ и „Цибрина“ и на романите „Хајка“, „Велиново“ и „Мртва коска“.

Главен лик во кусиот роман „Есента во животот на професорот по марксизам“ е другарот 068, пензиониран професор по марксизам. Другарот 068 останува вдовец и се задушува во сопствениот стан во кој не е сигурен кој е помртов, тој или неговата Матилда. Револуционер без револуција, тој е како морнар среде пустина. Копнееше, читаше, се спремаше, а револуцијата не дојде. Напротив, контрареволуцијата се вдоми и го обликуваше животот. Секој ден сведочи како победуваат контрареволуционерите. Улица по улица, фабрика по фабрика, дом по дом – без капка крв, без никаков бунт од страна на пролетерите. И покрај тоа, тој тврдоглаво се држи за отпорот како полковникот на Маркес за неговиот петел. Еден ден, собира храброст и го отвора своето досие од УДБА и како од Пандорина кутија ги ослободува духовите од минатото...

Моџо Килингтон е писател, сценарист и активист на социјалните мрежи. Автор е на стихозбирката „Аутопсија на љубовта“ (2019) и на романите „Денот кога не се разбудив“ (2020), „Уништување“ (2021) и „Есента во животот на професорот по марксизам“ (2023). Своевремено работи како еден од сценаристите на комичната телевизиска емисија „Фчерашни новости“ и на ТВ-серијата „Преспав“ и е автор на текстот за стендап-комедијата „Све ли ја да мислам“.

За наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2022 година се натпреваруваа 38 ракописи. Наградата „Пегаз“ му беше доделена на ракописот „Зелениот дворец“ од Сибо, а во потесниот избор беа разгледани романите „Писма од лудница“, „Мртва коска“ и „Есента во животот на професорот по марксизам“.

Пр објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: