Учи од дома: Основниците и студентите започнаа, а каква ситуацијата со средношколците?
Откако минатиот вторник се затворија училиштата, градинките и универзитетите поради коронавирусот, учениците и студентите останаа оставени самите на себе, кога е во прашање нивното школување и едукација. Во повеќе држави низ светот, овој проблем веднаш се надмина со воведувањето на онлајн образование, но кај нас работите по ова прашање се движат бавно.
Повеќе основни училишта, односно наставниците од истите започнаа самоиницијативно да ги контактираат родителите, со цел да се преземе нешто и учениците овој период на изолација да не го сфатат како распуст. Имено, тие на родителите им испраќаат дневни обврски, кои учениците треба да ги завршат, а потоа истите по електронски пат да бидат проверени од наставниците.
Од ООУ „Дане Крапчев“ од Скопје споделија задачи за нивните ученици од прво до деветто одделение за периодот од 11.03 до 20.03.2020 година.
„Почитувани родители по препораките на Министерството за образование и наука и БРО, наставниот кадар на ООУ„Дане Крапчев“ Скопје, ја изготви оваа платформа со насоки како и електорнски материјали за УЧЕЊЕ ОД ДОМА. Активностите во моментов се ажурирани за период од 11.03.2020 до 20.03.2020 год. Со кликање на хипер линкот„Активности за период од 11.03.2020 до 20.03.2020 год.“ – автоматски ќе ви се отворат материјалите за самоучење (презентации, наставни листов, едукативни игри, видеа….).“ - напишаа тие и уште еднаш посочија дека на МТВ ќе се емитува образовна програма за учениците од 1, 2, 3 и 4 одделение со почеток од 10:30 часот.
По ова прашање започнаа да се активираат и универзитетите. Голем број од нив преку е-маил веќе ги контактираа студентите, кои исто така ќе добиваат задолженија кои ќе треба да ги завршат од своите домови. Помеѓу нив беше и Правниот факултет Јустинијан Први, кој објави официјално соопштение на својата официјална веб - страница.
„Почнувајќи од 16.3.2020 година сите облици на настава ќе се одвиваат по електронски пат сѐ до создавањето услови за непречено одвивање на наставата. Оттука, сите наставници за секоја работна недела (за прв и за втор циклус студии) ќе ви ги пратат темите, ќе ви посочат литература и евентуално ќе ви пратат презентации, достапни материјали во електронска форма, кратки упатства, прашања за испит и сл. За полесна комуникација сите информации и материјали ќе бидат објавени на веб на Факултетот или ќе ви бидат пратени на вашиот e-mail преку координаторите на групи.“ - гласеше во соопштението.
Но, она што загрижува е фактот дека од државните средни училишта се уште нема никакви знаци за акција. Средношколците се оставени самите на себе и своеволно да донесат одлука дали ќе преземат нешто. На дел од нив оваа година им е завршна и треба да се подготвуваат за полагање на државната матура и ова им е големо значење, но решение за истата нема од ниту едно средно училиште.
Искрено се надеваме дека наскоро ќе се најде решение и за овој проблем, бидејќи не смее да се дозволи оваа вонредна состојба да се одрази негативно врз иднината на нашата држава.
И.М.