Уникатни персонализирани подароци: Која е девојката од Скопје што изминатиов период создаваше празнична магија за сечија елка?
Позитивна, ведра и со огромна креативна енергија, Ива од Скопје со своите раце создава магични персонализирани подароци, или подобро кажано „може да ви нацрта сè што ќе ви текне на памет“.
Во декември, обожава да црта новогодишни лампиони, и да внесе убавина на сечија елка. Едноставно ќе се заљубите во нејзините изработки.
Приказната за тоа која е Ива Креатива, може да ја прочитате во продолжение.
# Од каде идејата за Ива Креатива, кога и како забележа дека имаш талент?
- Уште од најмала возраст, моето најомилено заигрување како дете, а подоцна и во школските денови, беше нешто да „ц`цкам” со рацете, да цртам и украсувам. Подоцна, кога веќе на часовите по ликовно не успевав ‘„да го задоволам’’ својот апетит за цртање и креативност, започнав со изработка на персонализирани подароци за моите најдобри другари и другарки и пресреќна сум што и толку години подоцна, тие ми кажуваат дека се уште ги чуваат и дека истите им се едни од најдрагите подароци.
Целта авантура Iva Creativa започна во 2018 година, кога добив желба она што го правам да му го претставам на светот. Тогаш, отворив профил на социјалните мрежи и буквално си реков: „Ајде, можеби нешто ќе испадне…‘’, но сепак, не можев ниту да претпоставам дека сето тоа ќе прерасне во еден прекрасен дел од мојот живот кој што ме исполнува со позитивна енергија, преку кој ќе запознавам прекрасни луѓе и ќе сведочам на многу љубов со која се смислуваат уникатните персонализирани подароци. Сакам да верувам дека да ја цртав, целата Iva Creativa авантура немаше да испадне токлку убава колку што всушност е!
# Која е Ива со неколку збора, дали е ова твоја единствена професија?
- Ива е девојка од Скопје која е родена да патува и црта, но е приморена да работи. Шега на страна, покрај тоа што уживам во цртањето, најголема желба ми е да го пропатувам светот и да учам нови работи. Дипломирана сум на Економскиот факултет (Сметководство и ревизија), моментално работам во фирма за трговија, а од неодамна се одлучив за нов животен предизвик, па започнав со академија за Data Science. Јас длабоко верувам и сакам животот да го поминам со верба дека кога човек нешто искрено сака и работи на тоа, односно дава сè од себе за тоа да го исполни, тогаш нема нешто невозможно и е само прашање на време кога тоа ќе се исполни.
# Што најмногу обожаваш да црташ?
Не можам да посочам конкретно едно нешто кое што најмногу сакам да го цртам, но можам да кажам дека најмногу сакам кога цртам нешто позади кое се крие уникатна приказна и за кое знам дека на крајот, цртежот ќе ја раскажува истата, а целата креација ќе биде персонализирана, разбирлива и посебна за оној за кого е наменета.
# Од каде црпиш инспирација?
Инсирација црпам од сè што ме опкружува, од моите најблиски, од некои настани во животот, од приказни кои што ми ги раскажуваат другите луѓе, од други креативни умови... Инспирацијата е насекаде, треба само да сум со отворен ум за да можам да им дозволам на идеите да се раѓаат и развиваат.
# Твоја најдобра и омилена изработка?
Идејата за изработка на персонализирани футроли за пасоши ми е омилена, пред сè затоа што инспирацијата за истите ја добив од едно, тогаш претстојно патување на мои сакани пријатели, пар кој тогаш заминуваше на нивниот прв заеднички одмор на далечна дестинација.
Немам конкретно една креација која можам да ја посочам како најдобра, меѓутоа се трудам за се што правам да го дадам својот максимум и најсреќна сум кога ќе успеам и самата себе да се изненадам, односно кога не можам да поверувам дека она што на крајот го гледам пред мене е нешто што јас сум го направила со сопствените раце. Секако, „јаготка на шлагот``е позитивната реакција на оној за кого што е наменета изработката, нешто што ми е само потврда дека луѓето ја препознаваат огромната љубов со која што го правам сето ова и тоа ми е мотивација да продолжам и понатаму.
# Периодов што измина беше пребукирана со цртање новогодишни лампиони. По што се единствени?
- Да, веќе трета година по ред, декември за мене е најнапорниот, но воедно и најубавиот месец од годината. Кога би можеле, јас би сакала сите да ја видат таа љубов со која што луѓето ги смислуваат подароците за своите најсакани и колку им значи да подарат нешто што ќе им остане засекогаш, па јас не можам да одолеам и да не им помогнам во тоа.
Сакам да верувам дека лампионите се единствени по тоа што се изработени со многу љубов и позитивна енергија, а со самото тоа што се персонализирани, оној кој на крајот ги добива како подарок знае дека истите биле изработени баш за него. Знаејќи дека она што го правам на крајот ќе биде причина за нечија среќа, вреди секој час сон што го жртвувам за да изработам лампион плус.
* Колку се за тебе магични празниците?
- Отсекогаш сум го сакала периодот на празниците затоа што ме потсетува на моменти поминати со семејствоото, меѓусебната љубов, дружбите со пријателите и таа некоја посебна енергија која што ја има помеѓу луѓето, па само посакувам да го најдеме „рецептот“ за така да живееме и во остатокот од годината.
# Твоја новогодишна желба
Засекогаш да ја задржам позитивната енергија во себе и за секој предизвик кој ќе ми се издигне на патот да продолжам да наоѓам начин да го гледам како нова можност за учење и напредок, наместо како проблем и да имам доволно време да направам се што посакувам и притоа да уживам во тоа.
# Твоја новогодишна порака.
Новите 365 дена пред нас нека бидат исполнети со здравје, љубов и среќа и на сите нека ни се случуваат убави нешта кои што ќе ни ги смеат и греат душите.
Даница Караташова Илиоска