Универзитетите самопрогласија вонредна состојба: Ангелина Божиновска, директно од САД
Ангелина Божиновска е млада Македонка која живее и работи во Бостон, Масачусетс. Таа за Женски Магазин раскажа, како Бостон се справува со коронавирусот кој го нападна светот.
„Во Масачусетс последниот потврден број на заболени е 777. Бостон како дел од оваа држава секојдневно се соочува со масовно зголемување на бројот на можни заразени лица (досега 133 потврдени случаеви и две жртви). Кај луѓето се чувствува страв и паника, во маркетите има секојдневна „борба“ за купување намирници. Гелови за дезинфекција, средства за чистење, влажни марамици кои содржат алкохол, медицински алкохол и да не ја заборавиме „светата“ тоалетна хартија, се непостоечки низ маркетите во последните неколку недели. Исто така се купуваат и многу тестенини, конзервирана и замрзната храна.“ - започнаа таа.
Во нашата држава се прогласи вонредна состојба и се воведе полициски, но кога е во прашање градот во кој живее оваа македонка, работите се сведени повеќе на препораки.
„Вчера гувернерот Бејкр даде наредба сите бизниси кои не се неопходни во оваа ситуација да се затворат. Останатите да работат од дома колку што е можно повеќе. Граѓаните се секојдневно советувани да избегнуваат близок контакт со други индивидуи, како и изложување на голема маса на луѓе - посета на шопинг центри, концерти, седенки, семејни веселби итн, совети за одржување на редовна лична хигиена - миење на раце, користење алкохол и гелови за дезинфекција.“ - раскажува Ангелина, а потоа додаде:
„Секојдневно се откажуваат многу настани: цела сезона на NBA (The National Basketball Association), концерти на бостонскиот Симфониски оркестар, изведби на бостонскиот балет,многу колеџи и Универзитети како Харвард, Ем Ај Ти ( MIT-Massachusetts Institute of Technology), Беркли самопрогласија вонредна состојба и почнаа со одржување на предавања исклучиво преку интернет од дома. Можно е откажување на J1 visa програмата за студенти кои доаѓаат во САД во летниот период, како и многу други настани и програми.“
Како и сите примерни луѓе во светот, таа внимава на препораките и се труди да се заштити, како себе, така и своите најблиски.
„Мислам дека самото масовно ширење на вирусот и секојдневниот голем број на жртви, многу јасно и брзо ни даде до знаење дека станува збор за многу опасен и сериозен глобален проблем. Самата помисла на можни последици и штетата што веќе ја има нанесено, барем кај мене влева секојдневен страв. Се трудам колку можам повеќе да останам дома, да ги практикувам сите совети за одржување хигиена, секојдневна дезинфекција на просторот во кој се наоѓам и избегнување на контакт со надворешниот свет.“ - посочи, а потоа истакна дека во САД не се чувствува баш сигурно, бидејќи нивната реакција е успорена:
„Според мене реакцијата на САД е успорена, досега требаше да се превземат многу поголеми мерки за заштита на населението. Тоа овозможува побрзо ширење на вирусот и во никој случај не ми влева сигурност. Во САД веќе секојдневно броиме можни нови случаи заразени од вирусот, како и за жал многу жртви.“
Ангелина која живее илјадници километри подалеку од своето семејство, вели дека за да се заштите себе, но и нив не би се осмелила да се врати во Македонија.
„Јас лично не би мрднала ни од дома, иако ми недостасува моето семејство. Ги мислам и се молам за нивното здравје, особено за мајка ми која ја живее својата шеста деценија. Нема ништо поскапоцено од здравје и спокој на најмилите, особено кога сите се на број.“
И. Мисајловска