ВАНЕ МАРКОСКИ: „ Многу ги нервирав родителите, затоа што уште од тогаш сакав да бидам независен“

ВАНЕ МАРКОСКИ: „ Многу ги нервирав родителите, затоа што уште од тогаш сакав да бидам независен“

Објавена во: Stars // Интервјуа

Ване Маркоски е еден од најпознатите ТВ и радио водители во нашата државата. Долго време не` забавува пред малите екрани со неговите емисии кои се со најразлични тематики, а важи и како голем љубител на животните. Моментално е актуелен со неговата емисија „Најдобри рецепти“, а ние се потрудивме да го навратиме во неговите тинејџерски денови. Од тоа каков тинејџер бил, па се` до тоа од каде се родила љубовта за водителството, Ване ни раскажа се`. Веруваме дека неговата приказна ќе ви биде доволна мотивација за повеќе да работите на себе.

# Веќе долго време си присутен на телевизијата, но може ли да се навратиш наназад и да ни раскажеш како помина твоето прво појавување?

Искрено тоа беше многу одамна, пред некаде 15-тина години. Колку што добро ме држи сеќавањето, ќе пробам да ја навратам приказната, малку ќе биде подолга, но е интересна. Почеток на декември 2002 година и како што листав по TB каналите дома, налетав на еден оглас за водители во локалната телевизија „Кисс“ од Тетово, бидејќи по потекло сум од таму и таму живеат моите родители се` уште. На тој оглас се бараа млади кретивци за нови емисии. Веднаш се пријавив и по некој ден заминав на аудиција. Носев некои светли фармерки и небесно син дуксер, а надвор растопен снег, вода на секој чекор... Тргнав пешки, бидејќи немав пари за такси и како што веќе се приближував до просториите на телевизијата, наиде еден камион и ме направи целиот со кал. Но, влегов таму, ми дадоа да прочитам некои најави, прв пат застанав пред камера во мојот живот и помина се брзо. Не ми се јавија и јас веќе тоа го заборавив се до самиот ден 31 декември, кога заминав да ја скратам косата и во салонот каде бев случајно улета екипа од самата телевизија која нешто снимаше за новата година. Новинарката ме препозна и ми кажа дека не можеле да ме најдат затоа што не сум оставил број, затоа што сакав брзо да киднам од таму, најверојатно. Ми соопшти дека сум избран за да бидам дел од нивниот тим. И така од сосем случајна средба, тој ден, мене ми се промени животот. Можеби да не се случеше тоа, денеска ќе работев нешто друго. Веќе следниот месец од новата година почнаа емисии, проекти и.т.н.

#Дали водителството беше твојот избор уште од тинејџерските денови?

Уште од мали нозе. Играв со останатите деца само игри каде бев водител, а тие гости. Дома цртав некои радио миксети, микрофони, си правев камери. Мајка ми ми раскажува дека уште додека сум бил бебе, најомилено нешто ми било да гледам во радиото дома со саати. Интересно.

# Кое беше твоето омилено ТВ лице? Дали тоа ти беше испирација во оваа работа?

Искрено нема да издвојам ниедно, но ќе кажам дека имам неколку наши и светски тв и радио лица кои се пример за мене како треба еден човек во оваа наша сфера да се развива. Ги следам, сега е веќе и полесно со социјалните мрежи, бидејќи со дел од нив имам и директна комуникација.

#Бидејќи ова е сајт за тинејџери, може ли да ни откриеш каков беше Ване како тинејџер?

Уф. Бев многу темпераментен. Многу ги нервирав родителите, затоа што уште од тогаш сакав да бидам независен од нив, како и секој тинејџер, а тешко ми одеше тоа. Мислев дека се можам сам. Многу се дружевме. Имаше нормално и неубави моменти, но од сегашна перспектива, имав навистина убави „тинејџ“ денови со убави и среќни луѓе околу мене.

#Додека те враќаме наназад во тинејџерските денови, ти се случило ли некогаш да добиеш „корпа“ од девојче?

Секако. На кого не? :)

# Чии совети ги слушаше најмногу, кога имаше „тин проблеми“?

Жалам што ретко разговарав со моите, но тогаш многу читав „тинејџ“ списанија, ги наоѓав некако и од странство, но најмногу споделувавме проблеми и ситуација со врсниците.

# Каков жарн на филмови сакаше да гледаш и секако дали денес знаеш да си пуштиш некој од тие филмови?

Сакам комедии. Ден денес знам да си пуштам и да се смеам на филм кој го имам гледано многу пати, посебно како помлад.

# Моментално си активен со емисијата „Најдобри рецепти“, која многу добро поминува кај публиката. Дали веќе имаш подготвено некој нов проект или целата енергија на насочуваш кон овој?

Целата енергија сега ми е насоччена кон овој проект, бидејќи коментарите на публиката, нивната поддршка и бројките од рејтинзите кои ги добиваме секојдневно, ни укажуваат на тоа колку со овој проект допревме до луѓето и колку тој со текот на сезоните стана еден сериозен телевисики формат кој знам дека ќе се памети. Нормално, ќе дојде денот за промена, но сега сме на средина од тв сезоната и размислуваме само за ова.

# Си размислувал ли некогаш да направиш емисија за тинејџери и секако каква тематика би разработувала?

Своевремено такви ми беа и емисиите. Гледавме да комбинираме различни теми. Имавме забава, познати личности кои преку интервјуа ги советуваа тинејџерите за многу нешта, одевме низ градови да видиме како функционираат таму младите луѓе, односно ги мотивиравме да се вклучуваат во проекти, активности и слично.

#Како за крај каков совет ќе им дадеш на нашите читатели кои сакаат да се занимаваат со водителството?

Годините носат промени и искуство. Неможеме на 20 години да посакуваме да бидеме тоа што треба да бидеме на 30 години. Затоа дозволете да бидете тоа што сте, бидете во тек со вашите години и во тек со промените. Времето носи промени, но не ни ги враќа испуштените шанси и можности, затоа прифатете дека млад човек на публиката треба да и понуди убава енергија, свежина и насмевка. Фрлете кошулите, вратовските и сакоата. Ќе дојде време и за тоа. Сега уживајте со вашата публика, вашите врсници и дајте им го тоа што сакате и вие да го гледате на тв.

Ивана Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: