Вие сте наша национална сила и гордост: Министерката Царовска со емотивен статус за наставниците
По повод Светскиот ден на наставникот, претседателот на Владата, Зоран Заев, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставничката на УНИЦЕФ со нашата држава, Патриција ди Џовани, како и наставничката Александра Блажевска, како претставник на наставниците, учествуваат на промовираниот настан на кампањата „Наставниците се важни - Учиме од вас. Ви благодариме!“.
Тие имаа свое обраќање по повод овој ден, а по завршувањето на церемонијата, министерката Царовска на својот профил сподели неколку фотографии од настанот, но и краток текст во кој уште еднаш ги поздрави сите просветни работници.
„Секој од нас има наставник, или наставничка коишто ни биле инспирација и мотивација да го научиме невозможното. За коишто со љубов и жар раскажуваме и денес, затоа што не научиле на најважните мудрости во животот. Затоа, да им одадеме признание и почит со огромно благодарам. Светот и ние, денес го одбележуваме 5 октомври под едно мото: Наставници - водачи во кризата и креатори на иднината. Јас навистина верувам во вашата моќ и сигурна сум дека тоа ќе биде нашата стварност. Вие сте наша национална сила и гордост! Учиме од Вас. Ви благодариме.“ - напиша министерката Царовска на својот профил на Фејсбук.
фото: Фејсбук