Македонска виолинистка го освојува светот: Маријана Лазаревиќ со над 30 државни и меѓународни награди!

Македонска виолинистка го освојува светот: Маријана Лазаревиќ со над 30 државни и меѓународни награди!

Маријана Лазаревиќ има само 15 години, а може да се пофали со над 30 освоени интернационални, меѓународни и државни награди, одржан самостоен концерт и многу интернационални настапи. Оваа млада виолинистка е ученичка во ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј“ - Скопје, свири виолина во класата на професорката Наташа Малиновска и покрај бројните ангажмани на полето на музиката таа е одлична ученичка. Еве како оваа амбициозната и успешна виолинистка ни ја раскажува својата музичка приказна:

„Мојата музичка приказна започна сосема случајно додека со родителите ја чекав мојата постара сестра да заврши со часовите по солфеж и клавир во музичкото училиште. Посакав и јас да влезам на часовите по солфеж, професорката дозволи и веќе на 4 ипол години ги пеев вежбите по солфеж. На 6 години почнав да свирам виолина бидејќи од сите инструменти најмногу ми се допадна“, раскажува Маријана.

Таа од виолината е неразделна речиси 9 години и како што ни откри не потекнува од музичко семејство. „Во моето семејство само јас сум музичар“, вели таа.

За нејзината деветгодишна посветеност на виолината сведочат и бројните награди кои таа ги има освоено. Последна нејзина освоена награда е освоеното 1. место на Меѓународниот натпревар ПОЛИХИМНИА, Скопје. Горада е и на освоените Специјални први награди на Општинскиот, Регионалниот и Државниот натпревар на млади музичари, како и на освоените награди на Меѓународните натпревари „Златне Степенице“, Ваљево, Србија, Меѓународен музички натпревар, Аранѓеловац, Србија; Great composers competition - music of the 19th century; Меѓународен фестивал на гудачи, Ниш, Србија; Меѓународен натпревар, Перник, Бугарија; Интернационален натпревар на млади музичари Охридски Бисери, Охрид и уште многу други. Листата на нејзините освоени награди е навистина долга, па затоа ја прашавме која ѝ најдрага освоена награда и кој ѝ е најзначаен настап.

„Како еден од позначајните настапи би го издвоила мојот прв солистички концерт во 2017 година и настапите на „Виолин фест“. Посебно значајни ми се настапите со Интернационалниот детски симфониски оркестар „РЕГИОНАЛНА ДЕЧЈА ФИЛХАРМОНИЈА“ во кој членуваат млади музичари од сите поранешни југословенски републики“, ни откри таа.

Инаку освен бројните награди Маријана е член е на Интернационалниот детски филхармониски оркестар „РЕГИОНАЛНА ДЕЧЈА ФИЛХАРМОНИЈА“. Добитничка е на годишната награда ФЕНИКС за 2014 година – за постигнување во музиката и Стипендија за Талентиран ученик  во учебната 2017-2018 година од Општина Центар. Прогласена е за Гордост на генерација 2009-2018 во основното училиште каде што учеше ООУ „11 Октомври“, Скопје. Има посетувано повеќе семинари и мастер класови.

За да се биде посветен на нешто потребна е голема поддршка, а Маријана поддршката ја добива од семејството и од нејзините најблиски.

„Посебно би изразила благодарност до мојата професорка Наташа Малиновска која е моја најголема поддршка и која работи со мене од самиот почеток. Моја поддршка се и моите родители и семејството. Посебно би ја спомнала мојата креаторка Маја од „Ателиер Маја Десподовска“ која се грижи за мојот изглед на моите настапи“, вели таа.

Оваа успешна и млада виолинистка има големи планови за во иднина.

„Моите планови за иднината се најпрво да го завршам средното музичко училиште, па потоа ќе видиме. Би сакала школувањето да го продолжам надвор од Македонија на некој од познатите музички конзерваториуми. И се надевам дека еден ден ќе бидам дел од големите музички сцени.“, открива таа.

Во продолжение проследете и еден од нејзините настапи.

Б.М.

Можеби ќе ве интересира: