Вистинска среќа беше кога ја добив првата честитка со музика: Ване Маркоски за најголемата радост поврзана со новогодишните празници

Вистинска среќа беше кога ја добив првата честитка со музика: Ване Маркоски за најголемата радост поврзана со новогодишните празници

Објавена во: Stars // Интервјуа

Кога се новогодишните празници во прашање, денес поголемиот дел од луѓето желбите за годината што следува ги испраќаат преку социјалните мрежи. Постарите генерации заборавија на испраќањето новогодишни честитки, а помладати не ни знаат како некогаш функционирало тоа.

Токму ова е тоа што му фали на водителот Ване Маркоски, кој само за Хаштаг се потсети како ги прославувал новогодишните празниците, но и на кои подароци најмногу се радувал во детството. Тој ни откри дека и денес на своите најблиски луѓе им испраќа честитки во кои им ги пишува најубавите желби, а се осврна и на првиот организиран дочек со пријателите, вербата во Дедо Мраз.

# До колку години веруваше во Дедо Мраз и кога сфати дека тој всушност не постои?

Уфф. Не знам точно до кога верував, но штом се сеќавам на филмовите во глава дека еден ден ќе дојде баш кај нас дома, а ќе дојде бидејќи тогаш живееме во стара зграда, каде имаше и оџаци, изгледа и не сум бил баш многу мал. Ама, од сегашна перпектива, тоа беа навистина убави бели лаги. Никогаш нема да ги заборавам моментите кога пишувавме честитки до него, па внимававме на ракописот, дали ќе разбере Дедо Мраз или не, па таа магија кога ќе почнеа новогодишните реклами. Никој нема право оваа радост да им ја ускратува на децата, затоа што секој верува во нешто, само се разликува колку години имаме ишто ни е тогаш приоритет и во што сакаме да веруваме.

# Кој ти е омилениот новогодишен подарок што го имаш добиено?

Секогаш се радував на пакетчињата и многу често не оставав никој да ми ги отвора со денови. Имаше караници дома кога ќе забележев дека нешто ми фали. И ден денес си купувам пакетчиња. Убав подарок за овие празнични денови ми беше и кога одевме на скијање.

# На колку години за првпат ја дочека Новата година со друштво? Какво искуство беше тоа?

Тоа беше кога бев 7-мо одделение. Колку бевме возбудени, нема потреба да кажувам. Се сеќавам тоа беше кај еден другар дома, па организации, па храна, пиење. Како низ магла ми е сето ова, ама тоа што со сигурност го чувствувам ден денес, радоста од тие убави моменти.

# Кој дочек досега никогаш нема да го заборавиш?

Искрено сум имал многу убави дружења. Се во зависност од периодот во животот. Сум поминувал убаво по домашни забави, во клубови, на патувања во странство, па и само неколку луѓе сами на планина, минатата година и дома сам. Кога ќе размислам секогаш ми било убаво.

# Дали и денес се радуваш на новогодишни пакетчиња?

И тоа како. Секоја година сам си купувам сеуште.

# Што им подаруваш ти на саканите луѓе за Нова година?

Во последниве години почнав да домашни адреси да им испраќам честитки. Тие моменти кога трчав од училиште и прво, пред да влезам дома проверував во поштенското сандаче, не дали, туку колку честитки имам добиено, се незаборавни. Кога дури ја добив и првата честитка со музика од мојата тетка, па тоа беше, да не ви кажувам какви радости.

# Што е она што сакаш да го оставиш во 2021, а што би си посакал за новата 2022 година?

Лично ми се случија убави работи и предизвици. Колективно сакам да ја оставам злобата, зависта и желбата да се наштетува на другите. Во борбата да наштетиш на некого, сам себе си удираш шлаканица. Во 2022 сакам да продолжам да се смеам, да бидам здрав и семејството, кученцата и пријателите да ми се здрави и живи. Другото сами го креираме.

# Како ќе ја прославиш Новата година?

Дома и годинава, ама овој пат со неколку блиски луѓе. Дали ќе биде журка со музика или потивко со вечера и муабет, не знаеме уште.

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: