Влатко Неделковски: Самокритичноста ме тргна од паркетот како играч, но го најдов своето место во кошарката како тренер!

Влатко Неделковски: Самокритичноста ме тргна од паркетот како играч, но го најдов своето место во кошарката како тренер!

Објавена во: Интервјуа, Кошарка

Влатко Неделковски во момнетов е еден од најмладите кошаркарски тренери во редовите на КК МЗТ. Тој има само 23 години и одговорност на младите категории деца кои за прв пат се среќаваат со кошарката да им ја пренесе љубовта кон овој спорт. Влатко за Hashtag.mk открива какви биле неговите кошаркарски почетоци, кои се предизвиците од работата со деца, но и кои се ноговите следни планови....

# Тренер си на деца кои за прв пат се запознаваат со кошарката, па како започна твојата приказна на паркетот и од каде желбата да бидеш тренер?

Интересно што мојата приказна почна кога бев на нивно место, па стигнав до ова денес. Нема друга причина освен љубовта и страст. За текот на годините да еволуира како начин на живот и егзистенција. Нема подобра сатисфакција од тоа да го правиш она што го сакаш. Сплет на околности, повреди и ќе бидам самокритичен но недоволно залагање ме тргнаа од паркетот како играч и го најдов своето место во кошарката како тренер. Пресреќен сум поради тој факт и правам се да останам каде што припаѓам.

# Започна како кошаркар, а продолжи како тренер што беше пресудно за овој пресврт?

Ќе се надоврзам на претходното. За успех како играч потребно е премногу среќа, напорна работа, желба, посветеност. За сите овие работи не постои граница за доста, туку постојано обиди за подобро и никогаш најдобро. Овде сум да направам нешто големо од младите и да ги однесам на тој пат. Мој успех е и ако не станат кошаркари но да им се роди таа навика и потреба. Навика за подобри луѓе и борци низ животот.

#Добиваш ли поддршка од твоите повозрасни колеги?

Во тој поглед имам безрезервна поддршка не само од колегите со кои соработувам и клубот каде работам. Поддршката ја добивам од секое дете, родител, моите најблиски. Тоа е тоа што ме носи низ цела оваа приказна. Преубаво е чувството кога сите ти веруваат и чувствувам  потреба и одговорност да возвратам на најдобар можен начин.

#Колку групи водиш во моментов и кои се вашите последни успеси?

Во моментов работам со 3 групи дечиња кои се запознаваат со кошарката и со младинскиот тим до 16 години. Во период од 2 години имаме колективни успеси со освоени 1-ви места на интернационални турнири во Романија, Бугарија, Малта, Полска. Во домашното првенство секогаш сме во врвот и атакуваме на титула со сите генерации. Покрај колективните успеси имаме направено играчи кои настапуваат во првиот тим, а потекнуваат од младинската школа. Во тренерската работа не секогаш е важен моменталниот резултат и признание, туку визијата, мисијата и целта за колективно добро на кошарката. Кога сите клубови и тренери би гледале низ таа призма, нашето место на кошаркарската мапа би било на многу поволно место. Од индивидуални успеси сум еден од малкуте млади тренери во Македонија кои имаат шанса да работат во најголемиот кошаркарски бренд и да се едуцираат на високо професионален начин, преку обуки, семинари и работа со најдобрите тренери кои се во организација на клубот. Ќе издвојам уште еден детал на кој сум посебно горд, а тоа е работа со дечиња со пречки во развојот кои тренираат во нашиот клуб. Комплексна задача и одговорност што не ја земале голем дел од тренерите, но ете, нашиот клуб е отворен за секого затоа што спортот не познава граници и секој заслужува да добие ист третман.

# Според тебе што е пресудно за успех на еден спортист, што треба да поседува еден млад кошаркар за еден ден да заигра за светски познатите клубови?

Тренерите се вистинска адреса за тој одговор. Како и секоја друга професија исто е и во спортот само на повисок критериум. Максимална посветеност, работа, талент, истрајност и на крајот е среќата. Играчите во својата кариера се сретнуваат со најмногу успони и падови, победи, порази, повреди. Важното е дека се е релативно и проаѓа. Секоја победа може да биде подобра и секој пораз е лекција што треба да се надмине и заборави. Талентот не толку често е пресуден затоа што се надокнадува со тренинг и работа. Повредите се неизбежен дел, па према тоа клучен фактор е истрајноста. Затоа велам дека спортот раѓа здрави навики кои ќе ги водат низ животот. На крајот од денот резултатот говори за успехот а тоа зависи од самиот играч. Кога сите овие услови ќе бидат исполнети, шансите за нешто големо се неизбежни.

# Со оглед на тоа дека постојано си опкружен со деца кои му се посветени на спортот, па има ли таленти на паркетот кои еден ден би станале кошаркарски ѕвезди?

Таленти има многу и во тој поглед сум вечен оптимист. Умешноста на тренерот е да ги открие и направи играчи од нив. Тој сенс доаѓа со искуството но пак ќе повторам дека тоа зависи и од самиот играч колку ќе сака талентот да го преточи во успех. Веќе имаме такви продукти кои го поминале тој пат и полека но сигурно ќе прераснат во ѕвезди. Тој пат е показател за сите следни генерации кои доаѓаат.

# Како започнува еден твој тренинг?

Тренажниот процес е систем кој се прави на почеток на сезона по месечни, неделни и дневни циклуси во зависност од тимот што го имаш на располагање како би извлекол максимум од играчите. Се тренира на подобрување на техника, шут, тактички дел, физичка спремност што е од исклучителна важност бидејки се во фаза на раст и развој. Има отстапки во тренажниот план во зависност од натпревари, повреди па не секогаш оди според планираниот систем, во тој случај се темпира тренингот според потребата и можностите.

# Што најчесто им препорачуваш на децата што тренираат кошарка?

Интересно е што ние тренерите некогаш имаме поголем авторитет и од нивните родители и наставници во училиште. Многу често децата гледаат идоли во нас. Тешка задача е кога управуваме со детската психа па така прв приоритет кој го наметнуваме е дисциплина, почит и навика за работа. И се тоа на начин на ниво на нивните сфаќања за да полесно и позабавно ја апсорбираат таа информација и им прејде во навика.

# Кои се твоите следни планови?

Во моите следни планови е само KK МЗТ Скопје и желба да направам нешто што не успеал никој претходно да го направи. Во улога на тренер на највисоко ниво за разлика од мојата моментална позиција, а тоа е првиот тим. Целта и мотивот за промовирање на мојот клуб во најдобро светло немаат граници. Така што моите планови се овде во Аеродром.

# Каде се гледаш себеси за 10 години?

Можеби преоптимистички но и скромно. Моето место е само во овој клуб па и мојата визија е поврзана со тоа. Ниеден успех ќе ја нема истата големина ако тоа не е со КК МЗТ Скопје. Овде ги направив првите чекори и овде е местото каде сакам да го изодам тој пат. По природа сум емоционален па и други работи ме врзуваат за дома. Ниеден успех не е вреден ако не си покрај луѓето кои те поддржуваат. Тие ми ја даваат целата енергија и ме движат кон целта.

# Посветен си на спортот и работата со млади, но што е слободното време, што најчесто правиш кога не си во сала?

Голем дел од времето ми е испланирано и се движам по некој шаблон па ретко ми останува слободно време. Но кога го имам се посветувам на најблиските, тие и таа ми се приоритет за да останам да го правам она што најдобро го знам.

# Се занимавш ли со нешто друго освен со кошарката?

Паралелно со кошарката ми се и моите студии. За сега тоа се моите обврски и сум максимално посветен на тоа. Кога човек има премногу работи со кои е окупиран не секогаш стигнува да биде истраен и продуктивен во тоа што го прави.

# Имаш ли некое хоби и која е твојата најголема љубов?

Моето хоби и занимација надвор од животниот шаблон ми се кучињата. Чувам златен ретривер и тоа е една од работите кои позитивно влијаат на мене. Најголема пасија и љубов ми е кошарката.

Б.М.


Објавена во: Интервјуа, Кошарка

Можеби ќе ве интересира: