Во Германија сите претстави се реализираат беспрекорно: Бојан Мицев ја имаше својата премиера во „TheaterHagen“
Пред повеќе од една година ве запознавме со младото и талентирано момче Бојан Мицев од Штип, кое неуморно го следи својот сон. Балетот и танцувањето воопшто се негово секојдневние, нешто кое му дава елан наутро да стане и да биде продуктивен, а сето тоа се гледа од неговите резултати.
Танцот му помогна одреден период да живее во Шпанија и да ја запознае тамошната култура и принципи на работа, а сега му се отворија вратите на „TheaterHagen“, каде што изминатиот викенд ја имаше својата првата премиера.
22 – годишниот Бојан детално ни го раскажа својот пат до успехот, ни раскажа за искуството во Шпанија, на сегашното во Германија, но и за своите идни планови.
# Патот до успехот е трнлив, а ти си одличен доказ за тоа. Во едно претходно интервју ни откри дека секое утро си патувал од Штип за Скопје за да стигнеш на настава во средното балетско училиште. Сега како повозрасен, може да се каже дека го правиш истото. Минатата сезона беше во Мадрид, Шпанија, каде што танцуваше во „Elephant in the Black Box“. Какво искуство беше тоа за тебе?
Самото чувство на заминување надвор од државата и соочувањето со европскиот систем на работа ме фрли во сосема нов и непознат свет, во друга реалност во која знаев дека уште од првиот момент треба да го вклучам алармот за борба за опстанок. Со сигурност можам да кажам дека тој период беше отскочна даска, врска помеѓу едукативниот и професионалниот свет. Заминав во Мадрид за да се доедуцирам, но за среќа тие имаат развиено таков систем да студентите имаат можност да се вклучат во нивната професионалната компанија каде јас редовно танцував во целиот реперотар од светски реномирани кореографи. Покрај редовните професори, секој месец работевме со професори/кореографи-гости кои беа клучна алатка во нашето оформување како уметници. Живеев со вклучен аларм секој ден, научив што е вистинска пожртвуваност за да го зачуваш своето место во групата, бидејќи танцовиот свет е суров и единствениот начин да се преживее во Европа е голема желба и напорна работа.
# Колку долго остана во Шпанија?
Што е она на што најмногу ќе се сеќаваш од тој период?
Шпанија се уште ми е отворена рана. Таму живеев од јануари 2019 до август 2020. Година и пол можеби не звучи многу, но за мене беше доволно да посакам да останам таму засекогаш. Убавините на Мадрид и околните градови, превкусната традиционална храна,долгите сончеви денови, социјалниот живот надвор од танцовот свет, учењето на јазикот, културата и начинот на живот, настапите и гостувањата со компанијата, ќе бидат причина секогаш да се вратам назад, но засега морав да го жртвувам тоа во име на професијата.
# Твојата желба за успех не запира тука. Моментално си во Германија, каде што си дел од балетската трупа на „TheaterHagen“. Дали ова беше еден од твоите соништа? Како течеше реализацијата?
Дефинитивно чувствувам дека сум на правиот пат, сега дел сум од балетската трупа на театарот во Хаген, Германија – „TheaterHagen“и сметам дека ова е вистинско место за понатамошен развој на мојата кариера. Овде стигнав по пат на аудиција низ неколку селекции. Првата се одвиваше онлајн, а главната аудиција се случи на 1 март годинава во Хаген. Имавме балетски час и репертоар, по што следеше уште една селекција, и за крај за последните неколку „преживеани“ - импровизација и интервју. По два дена ме известија дека јас сум тој што го добива местото и од август 2020 ја почнав сезоната во балетот на „TheaterHagen“под раководство на директорката Marguerite Donlon.
# Минатиот викенд ја имаше и првата премиера. Какви се впечатоците? Колку се разликува тамошниот начин на работа од овој кај нас?
На 3 октомври се случи и првата премиера „ZART“ која мене посебно ми значи. Toa е целовечерна програма составена од две претстави„Jurema“на Francesco Veccione и „Fragile“на Marguerite Donlon, за која публиката нѐ награди со одлични критики. Тоа е резултат на професионалноста и принципите кои овде се база за есенцијалноста во работата. Несомнено, ова е здрава средина во која владее тимска работна атмосфера и мотивирачки дух. Сезоната допрва почнува, следуваат уште четири нови премиери за мене и на репертоарот веќе се фиксирани повеќе од 40 претстави за оваа сезона. Не знам каква е состојбата со театрите кај нас, но овде засега сѐ е под контрола, сите балетски и оперски претстави, мјузикли, концерти се реализираат беспрекорно, секако со ограничен број на публика и според сите протоколи за КОВИД-19.
# На крајот од денот, никогаш не забораваш на своето потекло и секогаш се враќаш дома. Своето знаење се трудиш да го пренесеш и кај нас, но колку е тешко и напорно сето ова за тебе?
Без разлика на сите ангажмани, поривот за да пренесам знаење дома и да допринесам за танцот сѐ повеќе се зголемува. Мора да се отвари пат на новите генерации кои доаѓаат и да им се дава поддршка на младите. Фокусот треба да се стави и во справувањето со стереотипите и неинформирноста околу танцот (особено за родителите чии деца танцуваат), бидејќи танцот се уште не се позиционира како професија. Токму затоа решив да го иницирам проектот „Современа танцова тура“ кој е од едукативен карактер, како би го афирмирал современиот и модерниот танц за полека да се создаваат нови кадри и генерации. Следната година ќе се реализира четвртата сезона на проектот низ повеќе од десет градови низ нашата држава.
# Имаш 22 години, а веќе си полн со животно искуство. Но, каде се гледа Бојан за 10 години? Која е главната цел во твојот живот?
Се уште на сцената. Сакам да танцувам се додека телото ми е во функција, а во меѓувреме работата и собирањето искуство овде од различни кореографи веќе ми развива нови идеи како јас би ги претопил моите мисли во кореографски текст. Оставам сето тоа да дојде природно и во вистинско време. А за главна цел би рекол дека е стремежот да бидам најдобра верзија од себе си.
Ивана Мисајловска
Може да ве интересира:
Воопшто не е лесно да се танцува под маски: Балерината Мила за балетот во пандемија