Воопшто не е лесно да се танцува под маски: Балерината Мила за балетот во пандемија
Во продукција на македонската „Национална опера и балет“, за време на пандемија се постави балетското дело „Болеро“. Дванаесет балерини од ансамблот при македонската „Национална опера и балет“, а под раководство на кореографот Саша Ефтимова.
Почитувајќи ги безбедносните мерки и во најтоплите денови од летото вежбаа и танцуваат носејќи заштитни маски, балерините велат дека вежбањето со маски е навистина тешко, а најмногу поради фактот што тешко можат да дојдат до здив.
Блаерината Мила Ниновска, која дел од балерините кои играат во „Болеро“ за Хаштаг раскажаа како ги организираат пробите, но откри и дека не е лесно да се организира една проба во вакви услови:
„Воопшто не е лесно, секоја проба е проследена со мерење на температура при влез во самиот театар, дезинфекции, маски, држење дистанци. Сега од кога започнавме со новата сезона за рутинските вежби сме поделени во 4 групи со по 12 луѓе и меѓу секои вежби има 30 минути пауза за да се проветрат салите. Сето тоа одзема време, концентрација и енергија, но сепак желбата и страста да танцуваме и создаваме уметност е многу посилна од сите тие додатни препреки.“
Тие веќе настапуваа на Охридско Лето, каде што се претставија со познатото балетското дело „Болеро“ на Морис Равел и посочија дека заинтересираноста за таа претстава била голема:
„Можам да кажам дека за таа претстава имаше голема побарувачка и одличен одзив како и кај повозрасната, така и кај младата публика. Сега се подготвуваме за репризата на „Болеро“, која ќе биде во петок на 25.09 пред платото на НОБ во 21 часот, и за која искрено се надеваме дека ќе има публика, бидејќи сакаме нашите емоции и чувства да им ги пренесеме на присутните и заедно да уживаме под ѕвезденото небо.“ - вели Мила Ниновска, една од балерините кои учествуваат во оваа претстава.
Како за крај, Мила ни ги посочи и сите негативни работи кои ги донесе оваа пандемија, кога е во прашање балетот и оваа уметност:
„Покрај очигледното - празни сали, материјални, нематеријални и економски штети, кај нас балетските уметници многу лошо се одрази и на физичките подготовки. Многу тешко, скоро невозможно, беше за повеќето играчи во домашен амбиент да најдат доволно простор и услови неопходни за изведување на основните рутински балетски вежби, а за покомплексните изведби воопшто да не зборувам.“
И.М.