„Во овој проблем - гледаме можност“: Министерот Адеми за дигитализацијата во образованието
Министерот за образование Арбер Адеми денес беше дел од емисијата „Ние и вие“, која се емитува на Канал 5 телевизија. Во емисијата тој одговараше на прашањата на гледачите, поврзани за образовниот процес во оваа ситуација додека владее пандемијата.
„Секое средство за електронска комуникација кое обезбедува двонасочна комуникација меѓу наставникот и ученикот и каде се обезбедува размена на податоци без физичко присуство, тоа значи дека може да се организира наставата. Мислиме на видео конференциските платформи, на електроската пошта, но и секое друго средство за електронска комуникација кое ги обезбедува овие прашања и работи кои веќе ги истакнавме.“ - истакна тој, а потоа додаде дека новата национална платформа за дигитално учење е само нешто опционално, доколку учениците сакаат да добијат некоја дополнителна информација:
„Задолжително е да се одржува комуникацијата помеѓу наставникот и ученикот, затоа што само наставникот го познава својот ученик - неговиот развој, нивото до каде има стигнато и само тој може да предвидува домашни задачи, одредени теми, лекции, исто како да се организира и реализира во училиште. Националната платформа е нешто опционално, нешто дополнително, доколку сакаме плус некоја информација, доколку сме заинтересирани за плус некоја тема.“
Тој, исто така посочи дека наставниците ќе бидат во можност да ги оценуваат учениците, врз основа на ангажманот прикажан за периодот додека трае далечинското учење.
„Не се регулира само учењето од далечина, туку наставникот може да извршува и оценување на учениците. Целиот овој ангажман на учениците прикажан во ова време додека трае вонредната состојба и се организира далечинско учење, треба да биде оценува. Затоа наставникот има можност да го оценува ученикот според прикажаниот ангажман во ова време. Сето ова се поврзува со тоа дали училишната година е успешна или неуспешна.“
Тој верува дека оваа година не е пропадната и дека со помош на овој систем на учење истата успешно ќе се заврши. А, кога е во прашањето за полагање на државната матура истакна дека нема простор за паника.
„Не треба да се грижиме воопшто, бидејќи уште од вчера испратив допис до сите основни и средни училиште, каде една од темите е онаа за проектната задача, поврзана со матурата. Посочив дека директорот на училиштето треба да определи лице кое ќе ги прими апликациите за проектната задача, а преку класниот раководител, апликациите ќе се доставуваат до лицето определено од директорот. За државната матура ние не предвидовме ништо конкретно во Уредбата за средно образование, бидејќи нема потреба да се предвиди. Датумот на организарање на државната матура се опредувува со календарот на организација на учебната 2019/2020 година во сите јавни средни училишта и во нормални и редовни околности би требало да се во јуни, но ние тие рокови можеме да ги поместиме до јули. Едноставно нема потреба за грижа, бидејќи ние можеме да направиме измени во календарот за организација на учебната година за јавни средни училиште и така ќе се определи и дефинира датумот за организирање на државната матура. Веќе имам конкретен предлог во мојата лична адреса како министер за образование и наука од страна на Државниот испитен центар, кои ја спроведуваат државната матура, во кој истакнува истата да се организира во јули. Но, не сум се определил да правам изменување и дополнување во календарот, бидејќи не се знае колку ќе трае оваа состојба.“
Од Министерството за образование овој проблем го гледаат и како можност, а министерот Адеми откри и зошто:
„Во целиот овој проблем и предизвик ние гледаме можност, бидејќи често пати се разговарало за дигитализација на образовниот систем. Сега имаме можност тоа да го направиме, бидејќи сме приморани на тоа.“