Во пливањето нема „местенки", времето сè покажува на стоперица која никогаш не лаже: Македонската пливачка гордост Миа Блажевска Еминова, за Хаштаг

Во пливањето нема „местенки

Објавена во: Stars // Интервјуа

Моментално најуспешната македонска пливачка - Миа Блажевска Еминова, но и најмладата олимпијка на Македонија, во квалификациската група во Токио, на Олимписките игри, беше прва на целта пред останатите седум пливачки и најбрза на 100 метри слободно, на целата стигна со време од 57.19, но сепак резултатот не беше доволен да влезе во полуфиналето.

Иако нашата 15-годишна Миа заврши на 40-тото место од вкупно 52 натпреварувачки во оваа дисциплина на ОИ во Токио, таа нè направи горди, заедно со нејзиниот личен тренер, Илија Стојановски -  вонсериски талент, со кој пливачката вештина ја совладуваат до перфекција.

Во интервју за Хаштаг, Миа ни доближува дел од атмосферата на Олимписките игри, еуфоријата која владеела таму, но и како се подготвувала, а и кои се нејзини идни планови.

ПРВИОТ ДОПИР СО ПЛИВАЊЕТО

- Со пливање се занимавам од 4 - годишна возраст. Случајно го започнав спортот по предлог на татко ми, а љубовта сè повеќе и повеќе доаѓаше сама по себе.
Ова е индивидуален спорт каде треба сама да се вложуваш и да дадеш жртва. Овој спорт е таков, да не можеш да правиш "местенки" бидејќи времето сè покажува на стоперица која никогаш не лаже.

ПОДГОТОВКИ ПРЕД ОИ

- Немав посебни подготовки пред игрите бидејќи само четири дена пред да тргнам бев на Младинско Европско во Рим, но сето тоа беше во рамките на мојот предходен тренажен циклус.

ОЧЕКУВАЊА

- Јас и тренерот очекувавме да завршам прва во оваа група бидејки сите останати беа тука со приближно време како и моето, но послаби. Не можам да кажам дека не се израдував, но сепак ова беше втората група од вкупно 8 каде следеа многу побрзи пливачки.

АТМОСФЕРАТА НА ОИ

- Атмосферата беше прекрасна. Имаше многу дружба, навивање, се чувствуваше натпреварувачкиот дух кај спортистите и радоста кај тренерите.
Тренерот е тука секогаш да ми каже како да ја испливам трката, што е она што треба да го исправам и што и да се случи тој секогаш е тука.

ИДНИ ПЛАНОВИ

- Се надевам на учество на следните Олимписки игри со исполнета норма за која следи многу понапорна работа. Сега откако ќе ми заврши одморот се спремаме за исполнета норма за Светското првенство во мал базен во Абу Даби. 

РИТУАЛИ ПРЕД ВАЖНИ НАТПРЕВАРИ

- Во однос на ритуалите немам некој посебен. Едноставно се фокусирам на работитие кои треба да ги направам и се трудам да ги спроведам работите кои претходно ги договарам со мојот тренер Илија Стојановски.


*Р.Х

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: