За децата кои немаат услови за онлајн настава: Мила Јовановиќ, матуратката од „Карев“ организираше хуманитарна акција

За децата кои немаат услови за онлајн настава: Мила Јовановиќ, матуратката од „Карев“ организираше хуманитарна акција

Објавена во: Stars // Интервјуа

Во петокот на 9 април на социјалните мрежи почна да се шири објавата за хуманитарната акција, која викендов се спроведе во Градскиот парк во Скопје. Зад истата стои 18 – годишната Мила Јовановиќ, матурантка од скопската гимназија „Никола Карев“.

„Во чест на крајот на моето средно образование, решив да направам последно нешто кое ќе го оставам зад себе: Една блиц хуманитарна акција која решив да ја наречам „Донирај компјутер“.“ – со овие зборови Мила го започна своето обраќање на социјалните мрежи.


„Донирај компјутер“ е хуманитарна акција која е организирана со цел да се собере ИТ опрема, за сите оние деца на кои им е најпотребна. Вообичаено, хуманитарните акции се поврзуваат со звучни имињата и возрасни личности, но овој пат една 18 – годишна девојка им покажа на сите дека е време за промена во општеството.

Мила за Хаштаг откри како се сетила да ја организира оваа хуманитарна акција, но и кој имал најголемо влијание за таквиот став.

„Оваа одлука може да се каже дека е една завршена сложувалка од многу распространети парчиња, бидејки многу фактори и информации влијаеја на истата. Најпрво беа разговорите со професорите за моменталната ситуација со онлајн наставата. Подоцна овие разговори продолжија и во мојот близок круг на пријатели каде се дискутираше прашањето Што ќе биде со оние деца кои немаат услови за да продолжат со онлајн настава и следната година?“. По кратко време дознав за онлајн акцијата за донирање на компјутери која господинот Борче Стаменов ја започнал. Исто така може да се каже дека имав и некакво влијание и од младинското шоу „Нови Херои“, во кое и јас сум учесник, бидејки неговата цел е да се поттикнат младите да направат некаква општествена промена.Со сите овие информации и фрустрации на ум, решив уште веднаш да се впуштам во акција и да ја направам таа промена за која толку долго сите копнеат во нашава држава.“ – открива Мила, а потоа додаде од кој ја добила најголемата поддршка за сево ова:

„Иако добив огромна поддршка од моите пријатели, семејство, организации и медиумите, морам на прво место да ги ставам моите родители. Од моментот кога ја добив идеата за оваа хуманитарна акција, па и до сега, покажаа огромна поддршка и направија сѐ што можеа за да ми помогнат на било кој начин. За тоа сум им преблагодарна.“

Пандемијата на коронавирус е еден од факторите за согледување на овој проблем со кој многу млади деца се соочуваат, но истата со себе носи многу рестрикции и правила. Но, на Мила пандемијата не ѝ создавала потешкотии во организирањето на хуманитарната акција.

„Иако е тажно да се признае, повеќето од нас поминуваме многу повеќе време онлајн. Но, во овој случај, тоа беше супер за оваа акција, бидејќи најголем дел од информативната кампања беше преку социјалните мрежи. Остатокот од организацијата беше доста лесно изводлив и покрај сите рестрикции и наложени мерки (кои беа испочитувани во целост).“

Сите граѓани кои што имаа можност можеа да донираат во неделата во Градскиот парк во Скопје, а со самото тоа на едно дете да му го олеснат образовниот процес. Младата хуманитарка е задоволна од одзивот и вели дека оваа акција може да се прогласи за успешна.

„Многу сум задоволна од тоа што успеав да го направам за толку кратко време. Иако секогаш може да се собере повеќе опрема од тоа што веќе беше донирано, сепак сум среќна дека уште повеќе го отворив разговорот помеѓу луѓето на теми како „Хуманост во време на пандемија“. Затоа можам да кажам дека оваа акција е успешна.“ – не го криеше задоволството Мила, а потоа откри на кој начин може да се приклучите на акцијата доколку немавте слушнато досега:

„Со наближувањето на државната матура, доаѓа и период каде нема да имам толку слободно време за комплетно да се посветам на акцијата. Но, тоа не значи дека истата ќе заврши. Во најскоро време ќе се обидам да организирам уште една акција, која надежно ќе биде уште поголема и подобра од оваа. А, за оние кои не успејаа да дојдат и да донираат, можат слободно да ме контактираат на моите социјални мрежи за да договориме средба за донации.“

Како што и самата напомена, таа следниот месец ќе стави крај на средношколскиот живот, па оттаму се наметна и прашањето каде планира да го продолжи своето образование.

„Како повеќето матуранти, моето образование би сакала да го продолжам со додипломски студии. Имам голема пасија кон уметноста, а особено архитектурата, па од таму би сакала во блиска иднина да го учам и работам токму тоа што го сакам.“ 

Овој избор на Мила има голема поврзаност со нејзините хобија, а еве и зошто:

„Моите хобија кои не се поврзани со огранизирање на настани, се вртат околу креативниот сектор. Често цртам, пеам или свирам на гитара. А, кога не го правам тоа, се приклучувам на конференции и дебати. Пред скоро време бев и дел од една конференција Model UN, преку огранизација која членувам - MUNA.И ,малиот остаток од слободното време кое го имам го поминувам со семејството, или играјќи онлајн игри со пријателите (бидејќи сепак имаме пандемија).“

Ивана Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: