За Македонија се навиваше и на „Харвард“: Американка, Зимбабвеец, Индиец, Канаѓани те застануваат и ти викаат: „Еј, абе Македонија тепаше“ (ФОТО)
Вчера македонскиот фудбал напиша историја. Имено, македонската фудбалска репрезентација ја победи Италија со 1-0 во Палермо во полуфиналето на баражот за пласман на Светско првенство во Катар.
На овој успех особено се израдува македонската јавност, кој уште истата вечер почна да се собира на плоштадите во градовите низ државата, а оние кои го следеа натпреварот во Палермо уште на местото на настанот ја прославија оваа голема победа и огромен успех.
На социјалните мрежи сите споделуваат статуси, објави, сториња и што уште не, преку кои ги искажуваат своите најдлабоки емоции и среќа за овој успех на нашите фудбалери.
Во морето статуси, особено се издвои оној младата битолчанка Мила Ивановска, која е студент на реномираниот универзитет „Харвард“, во САД. Мила опиша како се чувствувала по победата, но и како реагирале нејзините колеги од целиот свет. Иако посочи дека во ваквите денови сака да е покрај својот народ, сепак навивала со целото срце.
„Наоѓаш амфитеатар празен цел, го пушташ фудбалот на видео-бим, го гледаш со браќата Срби што на голот се радуваат повеќе и од тебе, до солзи на очи гледаш дека им одат. Завршува, се движиш низ кампусот и како што одиш од мензата на вечера до библиотеката па до соба, Американка, Зимбабвеец, Индиец, Канаѓани те застануваат и ти викаат: „Еј, абе Македонија тепаше“. Во меѓувреме ти стигнува порака од Бразилец што вика „Какво е чувството? Браво, историска победа“, а ти не знаеш дали е вистина ова што се случи и го прегледуваш голот со 10 различни коментатори и гледаш дека цел сет се радува. Ете тоа е фудбалот, тоа е Македонија. Има и некои што не знаат дека (уште) постоиме, ама сите ќе разберат. П.С. И не дека не ти е криво што не си во Македонија или Палерно на вакви денови да прославиш со сите наши, ама важно од цел свет се навива“ - напиша младата студентка на својот Фејсбук профил.
фото: Принтскрин / Фејсбук