За младите кои сакаат да излезат од демократската апатија: Нов проект на Волонтерскиот Центар Скопје
„Европските млади како предводници на активно граѓанство: Насоки за импакт во заедниците на Исток - Запад - Север - Југ“ е најновиот проект на Волонтерскиот Центар Скопје, а тимот од три члена - Никола, Неда и Игор, се труди со сите сили да го доближи до сите млади.
„Целта ни беше да создадеме платформа која директно ќе ги предизвика младите луѓе во Македонија и низ Европа да излезат од демократската апатија во која се наоѓаат. Нашата цел беше да ги мотивираме да престанат да размислуваат дека „политичарите се сите исти“ и дека „ништо не се менува“ и да ги предизвикаме критички да размислуваат и да искусат дека секој од нас може да биде активен граѓанин и директен учесник во процесот наречен демократија.“ - објаснуваат од тимот.
Проектот ги таргетира селектираните млади луѓе во Македонија, Шпанија Романија, Кипар и Данска, кои пред сѐ имаат потенцијал да бидат млади лидери, а потоа и идеи и иницијативи кои аспирираат да ја подобрат заедницата во која живеат.
„Младите луѓе ќе добијат обука за механизми и алатки кои може да ги користат при имплементирањето на нивните проекти, ќе добијат персонализирано менторство за да се осигура максимален резултат, добиваат буџет од 1.000 евра кои можат да ги искористат за својата иницијатива, поддршка да остварат дијалог со претставници од државните институции кои можат директно да влијаат, т.е. помогнат со остварувањето на визиите на младите луѓе, и се разбира поддршка за целокупен проектен менаџмент.“ - открија Никола, Неда и Игор.
Финалната цел на овој проект е преку истиот младите да се здобијат со вештини и компетенции за креативни решенија.
„Во многу програми и можности младите се само краен корисник, но преку овој проект целиме тие да добијат вештини и компетенции за креативни решенија и да инспирираме учество во општествените процеси преку заложби за теми и области кои им претставуваат предизвик. Преку фокусирање на нивната енергија, ентузијазам и одлучност тие ќе можат да направат промена и импакт во нивните заедници. Потребна е смена во размислувањето дека мора да ги прифатиме работите кои не можеме да ги промениме во: ајде да ги промениме работите кои не можеме да ги прифатиме.“
Од тимот на овој проект истакнуваат дека главниот мотив за младите да станат дел од овој проект треба да им биде можноста за личен и професионален развој, но и можноста за да бидат дел од поголем тип врсници од Европа со кои ќе направат позитивни промени.
„Секоја земја вклучена во проектот ќе селектира 5 млади луѓе со потенцијал да бидат лидери, кои ќе имаат за задача да осмислат личен проект со буџет од 1.000 евра. Вкупно 25 - те млади лидери ќе добијат обука и 8 - месечно менторство преку кое ќе работат на нивниот проект. Менторството ќе вклучува разни предизвици, со цел да се стекнат формални и неформални компетенции и вештини. Проектот ќе кулминира со конференција на која ќе може да ги претстават резултатите од нивните идеи, иницијативи, активности и проекти.“ - додаваат од организацијата.
Повикот е се уште отворен и сите заинтересирани може да се пријат. Последниот рок е 28 февруари, а тоа може да го направат на СЛЕДНИОТ ЛИНК:
https://vcs.org.mk/mk/call-for-new-ideas/
И.М.