Модна колекција достојна за почит, дизајнирана од учениците со оштетен слух од ДУЦ „Партенија Зографски“: Интервју со проф. по мода Љубиша Савески

Модна колекција достојна за почит, дизајнирана од учениците со оштетен слух од ДУЦ „Партенија Зографски“: Интервју со проф. по мода Љубиша Савески

Објавена во: Stars // Интервјуа

фото: anididimi.photography / mfa.sk

 Учениците со оштетен слух од Државниот училиштен центар „Партенија Зографски“ во Скопје дизајнираа модна колекција „ОДГОВОРНА ИДНИНА“ која е модерна интерпретација на македонското културно наследство и е со одржлив дизајн.


Станува збор за менторски и истражувачки проект во полето на инклузија, занаетчиство и мода, каде во текот на изминатите шест месеци, над триесет младинци, предводени од мноштво ментори, професори, поканети врсници, волонтери од заедницата и универзитетски практиканти од разни креативни дејности, колективно истражуваа како да ги вкрстат занаетчиските и модните референци со личните преференци. Се работи за стручна програма која им го збогати портфолиото на учениците со оштетен слух од Државниот училиштен центар „Партенија Зографски“, за да побараат вработување и ги максимизираат потенцијалите во рамки на посакуваната професија.

Професорот по мода, Љубиша Савески, од училиштен центар „Партенија Зографски“ беше еден од менторите вклучен во целиот процес на креирање на модната колекција.



Проф. Савески за Хаштаг вели:

-Црпејќи инспирација од културното наследство од нашето минато, се стремевме да ги развиваме иноваторите на нашата иднина, преку низа работилници за градење на знаењa и вештини. Модерната стручна програма им го збогати портфолиото за да побараат вработување и максимизираат потенцијалите во рамки на посакуваната професија. На покана од Македонското модно здружение и Е4Е, заедно со дизајнерката Ирина Тошева бевме ментори на групата за мода.

Mладите креативци создадоа оригинални, уметнички и експериментални дела за време на едукативните работилници за мода, традиционално грнчарство, современа керамика, модерна обработка на дрво, продуктен и графички дизајн во рамки на проектот „Одговорна иднина“.


- Во текот на работилниците, енергично работевме кон развој на ученичките вештини за визуелизација, способности за цртање, внимание на детали и познавање на материјали, шиење, техники за правење кроеви, како и знаење за одржливост, маркетинг и рекламна промоција, што е од суштинско значење за кариера во денешната модна индустрија. Младите беа целосно посветени на оживување на етно-елементите и преосмислување на традиционалните носии со современ пресврт, користејќи модни техники за обновлив дизајн на облека и додатоци. Тие внимателно ги избраа материјалите и боите за нивните модели и исткаа оригинални мустри направени од донирани остатоци на ткаенини од домашни фабрики. Финалниот резултат е впечатлива капсулна колекција со одржлив дизајн, којашто претставува модерна интерпретација на македонското културно наследство, изјави проф. Љубиша Савески.

Сите финални производи, вклучително и петте уникатни модни изгледи со древни македонски имиња, може да се погледнат во каталогот „RESPONSIBLE FUTURE“, кој e веќе достапен за јавноста како дигитална публикација. Во процесот на негова реализација учествуваа самите ученици, предводени од Андријана и Димитар Петровски од „AniDimi Photography“. Заштитни лица на модниот едиторијал се моделите Игор Настески и Бојана Златкова. Направена е и виртуелна изложба со истиот назив за приказ на уметноста, занаетчиските продукти и дизајнираните креации, со поддршка од Europe House и Делегацијата на Европска Унија во Скопје. Како видеограф се потпишува Виктор Стојков, 3Д анимацијата е дело на Ѓорѓи Десподов, а автор на музиката е Бојан Филиповски-Gloomié. Дел од „поставката“ се и експонати од Музеј на Република Северна Македонија, чиишто историски артефакти и носии беа појдовен мотив за учениците од „Партенија Зографски“.

- Се надевам дека нѐ очекуваат уште многу презентации на колекцијата, па во брзо време да ја претставиме и со модна ревија пред домашната и странската публика. Реакциите кои веќе ги добивам од сите страни ме прават горд на сето она што досега го направивме, вели за крај проф.Савески.


*Љ.И


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: