За секој успех во секој момент можам да кажам со кое време сум испливал: Интервју со младата пливачка надеж Андреј Стојановски

За секој успех во секој момент можам да кажам со кое време сум испливал: Интервју со младата пливачка надеж Андреј Стојановски

Од средното училиште „Јосип Броз Тито“ излегле многу познати личности – од пејачи, актери, политичари, па се до врвни спортисти. 16 – годишниот Андреј Стојановски, кој е ученик во втора година во оваа скопска гимназија е еден од низата кои со голем труд и посветеност ќе излезе од ова училиште, како познат спортист, поточно пливач.

Од 5 години се занимава со пливањето, а зад себе веќе има 11 рекорди во различни дисциплини, 28 пехари за најдобар пливач и речиси 200 освоени златни медали. Големите цели и соништа се она што го водат низ животот, а досегашните резултати се одличен предуслов за успесите со кои допрва ќе се гордее.

# Од колку години започна да се занимаваш со пливање? Кој ти ја пренесе љубовта кон овој спорт?

Со пливање започнав да се занимавам на 5 години, најпрво со желба да научам правилно да пливам, а потоа да се натпреварувам и да освојувам први места.Сега приоритет ми се рекордите,но и желбата да ја искористам секоја можност достојно да ја претставувам Македонија на натпреварите во странство.Љубовта за овој спорт никој не ми ја пренесе.Ќе бидам искрен и ќе кажам дека пливањето го засакав кога ја освоив првата златна медаља, кога имав 8 години, на натпревар во Србија.

# Кој е твојот идол кога е овој спорт во прашање?

Нема да ви зборам за светски познатите пливачи бидејќи за нив ги имате сите информации на интернет.Моите идоли се на локално ниво.Најпрвро тоа беше Игор Димовски, мојот прв тренер.Но, сега мојот идол е Томи Стефановски, нашиот најуспешен маратонец. Во последниве четири години, со него тренирам секој ден, и наутро и навечер.Тој работи на мојот потенцијал, тој се грижи за мојата форма, тој знае на кој натпревар треба да ги измерам силите со најдобрите пливачи.Безрезервно имам доверба во него и сакам да бидам успешен како Томи.

# Која ти е омилена пливачка дисциплина?

Дисциплините во пливањето можат да се менуваат. Во еден период може да биде тоа стилот-делфин, слободен стил, а потоа резултати да се постигнуваат во грбно! Мене првата омилена дисциплина ми беше делфин , но најдобрите резултати ги постигнував пливајќи градно.Откако тренирам со Томи, се фокусирав на тренинзи со кои се подготвувам за пливање на отворени води,но кога треба да се плива на натпревар во базен, мои дисциплини се мешано, градно и грбно и секако слободен стил на долги стази 400, 800 и 1500 метри.

# На секое натпреварување си се подобар и поуспешен. Во што се крие тајната на овие успеси, односно на соборувањето на рекорди?

Зад секој успех постигнат на натпревар дома или во странство, има само многу вложен труд и поддршка од најблиските. За тренинзите е одговорен тренерот Томи, а кога зборувам за поддршка, тоа најмногу се однесува на баба ми и татко ми.

# Досега имаш учествувано на многу натпревари, освоено многу награди и како што кажавме имаш соборено многу рекорди. Кои успеси или натпреварувања можеш да ги издвоиш како омилени?

Натпревар што ќе ми остане во сеќавање е КОМЕН Купот што се одржа лани на Кипар.Таму меѓу триесетина пливачи од земјите од Медитеранот, го освоив седмото место на пет километри долгата стаза. Од големо искуство ми се учествата на Европското првенство во далечинско пливање што се одржа во Речице, Чешка, како и Светското првентство во Еилат, Израел.

На домашен терен ги сакам сите натпревари.Секој следен ми е нов предизвик и му се радувам како да ми е прв натпревар. Важна ми е конкуренцијата, кога можам добро ги проучувам пливачите со кои ќе пливам, ги анализирам нивните постигнати времиња и со Томи правиме стратегии.

Зад себе веќе имам 11 рекорди во различни дисциплини, 28 пехари за најдобар пливач и речиси 200 освоени златни медали. И што е најинтересно можам за секој од овие успеси во секое време да кажам со кое време сум испливал, каде сум го постигнал резултатот и кои пливачи ми биле најсериозната конкуренција, било да е тоа од Македонија, од Бугарија, Србија, Словенија, Чешка, Португалија, Кипар или Шпанија.

# Кој е твојата најголема мотивација и поддршка?

Мотивација ми дава желбата да бидам најдобар пливач најпрво во својата категорија, родени 2004 година, а потоа и можноста да бидам најдобар маратонец во свет.

# Имаш ли некое друго хоби? Што правиш во слободното време?

Во слободно време обожувам да играм кошарка со моите другари,на маалскиот кош.Секојдневна обврска ми е и прошетката на кучето Лоли, а успевам и меѓу онлајн наставата и двата тренинга дневно, да правам кондициони вежби, некогаш да кревам тегови, некогаш суво пливање на Васа - машината, трчање или вежби со јаже. Хоби??? Хмммм, во овој период од годината тоа е сигурно собирањето костени на Шара.

# Каде се гледаш за 10 години?

Се надевам дека нема да се откажам од овој спорт, дека ќе бидам активен спортист со врвни резултати кои можеби за 10 години ќе ги нижам некаде низ светот.

И. Мисајловска


Можеби ќе ве интересира: