Жарко Димитриоски: Уште ме викаат Диме Такси!
Оваа недела на тинејџерските денови се потсетува Жарко Димитриоски или Жаре - Еден на еден.
Кариерата ја започна како член на детското драмско студио на националниот сервис. Повозрасните го паметат по детските серии „Умни глави“ и „Големи и Мали“, на телевизија е од шестгодишна возраст, а сега е фокусиран на ток-шоуто „Еден на еден“ и на неговата маркетинг-агенција.
„ Додека бев во основно ја снимавме серијата „Големи и мали“ и добар дел од 5 и 6 одделение не одев на училиште, искрено многу ми е мака поради тоа. Не бев многу непослушен, ама ретко кога молчев на часови. Често се слушаше: Жарко доста!, Димитриоски! и слично“, откри во едно интервју Жаре.
Тој открива дека како тинејџер го препознавале на улица особено по емитувањето на сериите.
„Првпат почнаа да ме препознаваат случајни луѓе на улица по емитувањето на „Големи и Мали“. Играв во навистина многу детски и играни серии, но долго време, па дури и денес за некои сум Диме Такси. Претпоставувам дека како дете многу повеќе сум се правел важен. Со тек на времето тоа што луѓето те знаат го сфаќаш како дел од работата. Сепак, нема ништо поубаво од тоа да те запре некој за да ти каже дека ја цени твојата работа и дека му е чест што има можност да те поздрави. Таквите моменти се навистина прекрасни“, изјави Димитриоски во интервју за „Дневник“.