Заводникот од Србија инспирација за младите пејачи: Кои песни од Ковачевиќ добија кавери?
Младите ѕвезди на различни начини се докажуваат и борат за своето место на естрадното небо. Некои се пријавуваат на музички натпреварувања, други снимаат кавери преку кои ги покажуваат своите вокални способности, а трети пак комбинираат од сѐ по нешто.
Таков е примерот и кај нашите млади и талентирани ѕвезди. Кога ќе се навратиме неколку години наназад не може, а да не забележиме дека ретко кој од нив не бил учесник во некое музичко натпреварување, како во нашата државата, така и во соседните држави.
Но, што после натпреварувања? Приказната не завршува само со учеството, потребни се уште многу години макотрпна работа и анимирање на публиката за да се дојде до врвот. Во обидот да се достигне истиот, младите ѕвезди снимаат и кавери, односно препејуваат песни кои не се нивни, со цел да го задоволат вкусот на публиката, но и да покажат дека добро се снаоѓаат во различни жанрови.
Еден од омилените пејачи кој дефитивно им е инспирација кога се каверите во прашање е српскиот пејач Саша Ковачевиќ. Имено, многу млади и талентирани момци и девојки ги пеат неговите песни, а кои од нив се најдоа во оваа наша листа погледнете во продолжение:
# Мартинијан Кириловски
Кумановецот кој ги освои гледачите на музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ на своите настапи често знаеше да одбере песна од овој пејач. Еден од позабележителните настапи е оној од пред две години, каде во четвртиот круг ја отпеа„Пиши пропало“, песна кога Саша ја објави во 2013 година.
# Антониа Гиговска
Младата и надежна пејачка Антониа во 2018 година го објави каверот за песната „Како после нас“. Оваа песна српскиот пејач ја отпеа во 2011 година, а на каверот за истата Антониа има повеќе од 3,5 милиони прегледи.
# Лина Пејовска
Во 2014 година, Ковачевиќ ја објави баладата „Могли смо све“, а шест години подоцна, младата Лина стави свој печат на истата. Имено, помеѓу честите видеа во кои пее, а ги споделува со своите обожаватели на Инстаграм, пејачката ја отпеа и оваа песна.
# Огнен Здравковски
Момчето кое минатата година високо се пласираше во финалето на „Ѕвездите на Гранд“ напорно вежбаше изминатиот период. За тоа сведочат и видеата на неговите профили на социјалните мрежи. Помеѓу многуте кавери, каверот за „Моја малена“, една од последните песни на Саша исто така може да ја најдете на неговиот Инстаграм профил.
# Мина Блажев
Изборот на талентираната Мина е ист како оној на Антониа. Имено, таа пред неколку дена по долго време сподели видео во кое пее. Каверот на баладата „Како после нас“ е одличен „камбек“, а тоа го потврдуваат и сите позитивни коментари кои ги оставаат нејзините обожаватели покрај видеото.
И.М.