ЈАС СУМ МИА (Епизода 11.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 11.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Епизода 11. 

Оној беџ на иконата за Инстаграм, што покажува колку нови нотификации имаш. 

Пишуваше 574. 

Седумдесет пораки. Четириесет и четири реакции. Триста четириесет и седум нови следачи. И којзнае колку лајкови на стари слики. 

Прво не ми беше јасно. Можно е да сум легнала на телефонот во сон, па магично да се објавила некоја слика што НЕ СМЕЕЛА да се објави? Веднаш ми текна на сликите по гаќи и маица што ги направив во бањата пред некој ден и заборавив да ги избришам. Во тие неколку секунди додека да се отвори апликацијата, полудев. Леле ако се тие слики! Леле, по гаќи, Миа, браво!!! Не дека немаше девојчиња од моја генерација што не објавуваа такви слики намерно, божем исто е како купачи. Ама не сакав и јас! 

Толку. 

Тол-ку. 

Се селам од овде. 

Не постојам. 

Не ми оди, и точка. 

Се отвори. Прво отидов на мојот профил - немаше слики по гаќи. После отидов во тагнати - немаше ни таму страшно. Последна слика беше од пред некоја недела, кога не сликаа сите четири, пред да ни се смени односот со Тамара. 

Ух, добро. Зошто тогаш толку нотификации? 

Крукче горе околу моето story. Ау, да. Вчера снимив видео. Изнервирана. 

Отворив. 

И се видов, со недоизвадена шминка, лута и веројатно поради бесот изгледав опуштено како да сум се родила со камера во рака. 

„Јас стварно не знам што им е на овие машки…” си го слушнав гласот. Се изгледав. Што правам глупости не ми е јасно. 

И после видов. 

3412 луѓе го виделе story-то. Од нив 44 изреагирале. Седумдесет ми пишале порака. 

„Така еееееее!!!!!” 

„Дааааааа Миаааааааа” 

„Кој те изнервирал ма?!?!?!?!??!” 

„Миа ај уште снимај вака” 

… 

Од нив 347 ме заследиле. 

И еден куп лајкале слики. 

Пак го отворив видеото. Како може толку реакции за една ноќ? 

И пораки имав. И од Сара и од Ивона и од Марко и од Давид. 

Сара: „Што се случило и зошто не кажуваш?” 

Давид: „Се на вас нешто не ви чини. Се зезам, Миа, што било?” 

Ивона: „??????????????????” 

Марко: „Ми се јавија 7 души да прашаат што, како ти се случило. Зошто?” 

На Марко му пишав „веројатно заради последното story.” 

Нека му каже на Давид. 

На Сара и на Ивона не знаев што да им вратам. Ќе морам да објаснам во живо. 

„Ај уште видеаааааааа” стигна нова нотификација за порака на Инстаграм од некоја што не ја ни познавав. 

Значи, момент. 

Да сумирам. 

Пред да си легнам постирав мрчење на story. 

Од некоја причина многу луѓе се пронашле. 

Не знам само колку пати беше споделено. Со хаштагови, со мојот профил тагнат со „ДААААААААА”, со гифови. 

Одеднаш ми текна дека и Стефан сигурно го видел. 

Како да проверам, меѓу сите тие 3312 души што виделе? Скролав по луѓето, со надеж дека ќе ми падне во очи. Не ми падна стефф_02 

Ама __tiangel_03 да. 

Тијана. 

Нова порака. 

Како може толку работи да се случат, а уште да не сум станата од кревет? 

Марко. 

Што сум па сега јас крив. 

А да, му реков да го види story-то. 

Се пронашол во она „…други сакаат да ти прават друштво, па магично, како да ги треснал гром ги снемува…”. 

Порака од Сара: „А кој е тој што сакал да ти прави друштво?!” 

Сара не може да поднесе да ги нема СИТЕ информации од прва рака. 

Почнав да се давам веќе од толку информации, среќа „на површина” ме извлекоа звуци на контрабас. 

Татко ми вежба за на работа. Почнав уште звуци да забележувам. Јаков урла на Фортнајт. Мајка ми зборува на телефон. 

Добро е, светот продолжил по старо. 

Морав да станам. 

Не одговарам на никого. 

Така во пижами и разбушавена се симнав по скали. Татко ми беше со слушалки и задлабочен во свирењето и кога ме виде, веднаш ги извади. 

„Сонце!” викна весело. 

„Што ќе јадеме?” прашав јас, обидувајќи се да звучам нормално. 

„Драго ми е, сонце, што одлучуваш сите проблеми да ги споделиш со светот. Така најлесно се решаваат,” ми намигна татко ми. 

Ооооф. Татко ми ме следи на Инстаграм. 

„Ако баш те интересира, не ми беше тоа планот,” му реков зајадливо. 

„Баш ме интересира, ама ти не кажуваш. Само на пола град кажуваш, плус околните села каде што имаат интернет и Инстаграм,” рече татко ми и ги врати слушалките. 

„Што било?” се појави мајка ми. 

„Миа има проблеми со дечковци и го емитува тоа на социјални мрежи,” влета Јована, полузаинтересирано. 

„Ама мора ли дома се да се дискутира и сите да знаат?!” викнав јас. 

Мајка ми се насмевна. „Дај да видам.” 

„Ништо битно, каде е Јаков?” реков јас. Никогаш, ама никогаш не ме интересирало каде е Јаков. Ама се обидов да сменам тема. 

„Еве,” рече Јована. И го покажа телефонот на мајка ми и од таму се слушна моето „Јас стварно не знам што им е…” 

Телефонот ми вибрираше во рака. Уште следачи. Уште лајкови. 

Ама… не е ни толку генијално видеото. Ништо ново не кажав! Ништо посебно! 

„Те бива бе, мама!,” ме прекина мајка ми во размислувањето. 

„За што бе, мамо?” 

„Па за овие, јутјуберски работи!” 

„Инстаграм е, не е Јутјуб,” ја поправив јас. 

„Многу ми е гајле, мило,” рече мајка ми. „Ќе раскажеш што се случило?” 

„НЕ!” 

„Добро тогаш, гледај да не се нервираш,” се насмевна мајка ми. „Машките знаат да бидат глупи,” рече и нежно го погледна татко ми кој во тој момент, со затворени очи, потпевнуваше од тоа што го слушаше и ги тегнеше жиците од контрабасот, несвесен дека мајка ми вљубено му се потсмева. „Ама меѓу сите нив, ќе најдеш еден што нема да те нервира, колку и да е глуп. 

Си ветив дека ќе размислам за тоа. Ама ми стигна нова порака, од Марко. 

„Ок, прави си seen, нема проблем. Што сакаш прави.” 

Супер, сега и Марко ми е лут. 

И од кога тоа јас се потресувам и ми е важно дека Марко ми е лут? 

@jassummia

by

@janamisho

10. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

9. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: