ЈАС СУМ МИА (Епизода 7.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 7.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Епизода 7.

Седев на час и си црткав на последната страна од тетратката. Обично цртав четири човечиња: јас, Сара, Ивона и Тамара, па уште две: Марко и Давид.

Тамара не ја цртав веќе една недела. А на скриени страници, што ги лепев една со друга со лепак за хартија, колку да не се отвараат лесно, ама да можам да ги одлепам - цртав две, со срце: јас и Стефан.

Ни тие две ги немав нацртано од минатиот викенд, кога Тамара луто си отиде од кај мене, а ние останавме, ама викендот веќе не беше тоа што планиравме да биде.

А да, и му вратив на Стефан на пораката. Не се видовме, ама му вратив.

И многу ми е гајле дали ќе дознае Тамара.

Ми немаше пишано неколку дена. Не се потресував. Паметот повеќе ми беше во тоа дека во друштво ми беше многу непријатно. Не дека не разговаравме со Тамара. Ама избегнувавме. Учествувавме заедно само во групни разговори. На Сара и Ивона им беше многу незгодно. Се обидуваа да отвараат заеднички теми, интерни шеги, да планираат излегувања. Залудно. Или јас не учествував, или Тамара.

А сигурно не бев јас виновна, ќе ми текнеше повремено и збеснував. Тоа што таа не знае да си го контролира бесот и што ми се истури мене, баш ми е гајле.

Додека чекавме да почне часот, Сара одново се обидуваше да направи некаков заеднички план, на пример да одиме некаде на кафе после школо, затоа што беше петок и Тамара се вклучи.

Значи, не ми се оди.

Се свртев напред и се задлабочив во телефонот.

Скролав по Твитер кога ми стигна порака од Стефан.

Што ќе правиш после школо?

Не знам дали беше инаетот кон Тамара, или можеби дека веќе не бев толку потресена по него како порано, веројатно затоа што цело време тој прв ми пишуваше, почувствував некоја храброст.

Ништо посебно, му пишав. Зошто, да не имаш некоја идеја?

И сега, чекаме.

Па ајде да одиме на кафе.

Ми се врати познатата хипервентилација.

НА КАФЕ СО Стефан.

Се обидов да ја задржам насмевката, да не ме прашаат „што, што?!”

Па, ајде, му вратив.

Не знам како издржав до крајот на часовите. На одморите молчев. Ги оставив да муабетат.

Едвај чекав да помине времето.

Договорени бевме да се чекаме во трговскиот центар што беше најблиску до школо.

Имавме ист број на часови, ама не се чекавме во школскиот двор. Да, беше чудно, ама внатрешниот глас што ми викаше ‘не одите заедно натаму затоа што не сака да го видат’ и плус што додаваше на тоа ‘и има девојка!’ - го замолчував.

Се најдовме на договореното место. Тој беше насмеан, другарски расположен и прекрасен. И колку што мислев дека првото излегување со него ќе биде страшно и дека ќе трескам глупости од возбуда и дека ќе се сопнувам и ќе се мавам од врати - ич не беше така. Тој правеше сè да биде многу лесно.

За два часа изнаправивме муабети колку што не сум правела ни со некои луѓе што ги познавам многу подолго. Дознав дека тренира пливање, дека има помала сестра, дека кога бил многу мал побарал неговите да му купат да чува слон. Се кикотевме како да се знаеме од деца.

И ништо не дознав за Тијана.

И морав да прашам.

Некако.

Плус, како што изгледа нашево кафе - не правиме ништо лошо. Разговараме и се смееме. Другарски. Да, повремено ми чука срцето кога ќе се насмее или ќе ме погледне подлабоко, ама опуштено е. Не е дејт. Така што, што има лошо во тоа да се праша и за… девојката?

„И што прави Тијана?” прашав невешто.

Не се збуни многу. Се насмевна шармантно. „Супер е. Нивните часови се до три,” кажа кратко.

И толку, не знаев веќе како и што да прашам.

Девојка ти е?

Не ти е?

А јас што?

Само ќе се дружиме?

И тоа е океј.

Што знам…

„Блиску живееш?” праша Стефан.

„Па, да.”

„Ај, ќе те испратам.”

Станавме и не престанавме да зборуваме и по пат. Не ни забележав кога стигнавме до кај мене дома.

И што се случи?

Значи, да повторам:

Бев презаљубена во Стефан со месеци.

Мислев дека не знае ни дека постојам.

Па бев во депресија дека фатил девојка.

Па почна да ми пишува.

И да премотаме понапред, еве веќе трет час како не затвараме уста од муабети. За сè
и сешто. И одлично си поминавме.

„Еј, ако продолжиме вака, нема да ни остане муабет за следниот пат…” се насмевна Стефан.

Следниот пат.

СЛЕДНИОТ ПАТ.

„Еј, да,” реков јас.

„Ај, да одам јас. Вечер ќе излегуваш?”

„Мислам да.”

„Е па… може ќе се видиме,” рече тој.

И тргна кон мене.

Ќе се гушнеме за поздрав? Ќе се… што? Не знам. Паничам!

Ме гушна.

А, добро.

Не се изглупирав.

И таман кога заврши краткото гушкање, и таман да се тргнам, пред да сфатам што се случува, Стефан ја сврте главата и ме бакна во уста.

И не, не беше како мојот „ништо посебно” прв сериозен бакнеж.

Беше сериозно прекрасен, долг бакнеж. Не знам, може траеше со часови. А може и неколку секунди.

Се тргна, полека и се оддалечи еден мал чекор.

„Е па, чао,” рече со насмевка.

„Е па, чао,” рече некој глас од мене што не го ни препознав.

И се сврте.

Ќе се онесвестам.

@jassummia

by

@janamisho

Шестата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Петтата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Четвртата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

Третата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

Втората епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте јатука

Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: