ЈАС СУМ МИА (Епизода 8.)
Епизода 8.
Вака ли изгледа тоа седмо небо?
Стоев зад влезната врата, само неколку чекори од каде што се случи бакнежот.
СО СТЕФАН!!!
Уште од ходникот почнав да танцувам и да пеам, и така со танцување влегов во кујната и татко ми ме извади од памет.
„Еј, тато, не знаев дека си тука,” набрзинка се прибрав од танцување и пеење.
Татко ми џвакаше од крембананите на Јаков и ме гледаше потсмешливо.
„Што правиш, Миа?”
„Ништо,” побрзав јас.
„Зошто си розева во лицето, Миа?”
„Не знам… Топло е надвор.”
„А што така пееш?”
„Онака, ми влезе песнава во глава,” се извадив некако. „Ај тато чао, имам за учење.” И тргнав нагоре.
„А, Миа,” ми подвикна татко ми од долу. „Знаеш дека имаме камера во двор, нели?” Насмеан до уши.
Оф.
Леле.
Мори.
Мајко.
Татко ми видел се.
Сега ако не умрам од срам, не знам кога. Се зацрвенев уште толку, се зд’ткав, се свртев и си влегов во соба. Пред да затворам врата го слушнав татко ми како се изнасмеа и прекина само затоа што му заѕвоне телефонот.
Да беше ова една недела порано, досега веќе ќе им имав пишано на другарките во групната порака се, од А до Ш.
Ама сега… Со Тамара ова… Не.
Ама морав некому да кажам!
Морам да и пишам на Сара.
Ама не. Сара колку и да ме поддржува, ќе мисли дека сум злоба што сум се смувала со Стефан. Сара не беше на кафето. Не знае како дојде до тоа. Не знам ни јас, не знам ни дали Тијана му е стварно девојка, не знам ништо. Ќе дознаам. Нема ништо да правам веќе додека не дознаам.
НА КОЈ ДА МУ ПИШААААААМ.
На Марко.
Веднаш отворив messenger.
Марко.
Марко.
Марко.
Марко.
И ете ти го.
Аман, бе, што се случило?
Не кажувај на никој, му пишав.
Се смував со Стефан.
seen.
Па пишуваше. Па бришеше. Па пак пишуваше.
Како бе.
Такаааааааа!!! НЕ ЗНАМ!
Набрзина во кратки црти му напишав што се случило. Дека бевме на кафе, дека разговаравме со саати, дека не ни очекував дека ќе се случи тоа. И на крај, дека не сум ни толку сигурна дека Тијана му е девојка.
Марко пак пишуваше и пак бришеше. И на крај пиша:
И што значи ова?
Не знам, Марко. Ама ветувам дека нема да продолжувам додека не дознаам дали е зафатен или не.
И двајцата знаевме дека зад сето тоа се крие реакцијата на Тамара, ама не го напишавме тоа.
После кратка пауза, Марко пиша:
За вечер уште важи?
Важи, пишав јас.
Бевме договорени во Кашмир. Не ни се пробуваше ново, особено после горчливата ситуација минатиот викенд. Некако, ни се одеше на познато место. И да, веројатно и Тамара ќе биде таму, за Сара и Ивона знам сигурно, ама тоа е тоа.
А сега да пуштам гласна музика и да се трескам од земја дека СЕ СМУВАВ СО Стефан!
Чекај да видам што прави на Инстаграм.
…
Профилот му го знаев на памет. Од прва до последна слика. Како тогаш можеше да ги нема последните девет постови, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И ТИЕ СО ТИЈАНА?!
Зарем е можно?!
Не се повеќе заедно?!
Зарем раскинал?!
Или никогаш не ни беа заедно?
Се скарале?
Морам да дознаам.
Да можев на раат да и кажам на Сара, веќе ќе знаев. Вака, ќе морам сама да дознаам.
И почувствував олеснување. Ако навистина не е со Тијана, тогаш не сум воопшто ни лоша, ни виновна.
Колку сакам да дојде вечер во Кашмир…
by
Седмата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Шестата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Петтата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Четвртата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Третата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Втората епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.