ЈАС СУМ МИА (Епизода 9.)
Епизода 9.
Кашмир. Девет часот. Влегувам и сите се собрани надвор на една маса. Марко ме гледа малку исплашено. Изгледа му паѓа тешко што само тој ми ја знае тајната.
Седнав и нарачав коктел.
„Што си таква… Блескава?” ме погледна Сара со една крената веѓа.
„Аам,” се замислив јас. Нема шанси да кажам што е. „Имам нов хајлајтер.”
„Значи, многу добро знаеш што сакам да кажам,” рече Сара. И знам дека веќе се сомневаше.
„Ај и мене ставете ми хајлајтер,” се вмеша Марко, и ме извади, затоа што веќе сите почнаа да се смеат, а Ивона навистина извади хајлајтер од ташната и го зашлапа Mарко со бисерна боја на образите. Не се бунеше. Се занесуваше како Џефри Стар.
После половина час, и тепачки да пробаме и Давид да го нашминкаме посакав да одам до тоалет.
„Дечки, ми се моча,” реков, станувајќи.
„Еј, знаеш што?” скокна Марко. „Ај дојди со мене да купам нешто до тобако.”
„Марко, ми се моча. Оди со некој друг,” му реков јас.
„Има WC во тобакото,” бавно кажа Марко.
Што му е па на овој човек. „Како бе, Марко WC во тобако, не ме зезај,” се насмеав јас и тргнав внатре.
Во Кашмир до вратата на тоалетот има сепаре. Отпрвин некаде надвор од видокругот забележав дека се движи некој познат, но не се свртев веднаш.
Се свртев кога му го слушнав гласот.
Меѓу сите луѓе што седеа таму и нешто муабетеа, седеа и Стефан и Тијана, таа припиена до него, а тој со раката преку нејзиното рамо, на милиметар оддалечени со лицата, насмеани.
Како и секој заљубен пар.
Тој ме забележа.
И ми се насмевна, за поздрав!
Онака, израз на лицето „еј, како си”. КАКО НИШТО ДА НЕ СЕ СЛУЧИЛО! Просто да се замислам дали воопшто нешто се случило или конечно сум почнала да халуцинирам!
И таа се сврте. И не беше толку среќна. Ме изгледа од глава до пети, речиси со презир и се сврте кон него.
Сѐ што ми текна беше да влезам во тоалетот и да се заклучам. И да пробам да си го смирам дишењето, и да не паднам во несвест.
Како сега да излезам?
Да седам заклучена до затворање?
А да си поживеам тука?
Добро ќе живеам тука додека не си отидат Стефан и Тијана.
Ми се плаче.
Не, не може плачење. Ќе излезам со молскавична брзина и ќе ме снема од тој дел од Кашмир. Ќе одам надвор и ќе се преправам дека ништо не било.
Да, така ќе направам.
Заборавив и да мочам.
Излегов без да го свртам погледот кон нив и набрзинка се треснав во моето столче каде што седеше моето друштво.
Женските не ме забележаа. Марко ме гледаше со поглед кој сакаше да каже „се обидов да те спречам.”
Ми бучеше во глава.
„А не знам бе, зошто така, и кај мене исто…” се надоврза Ивона на некој претходен разговор со кој не бев во тек.
„И мене прееска, ама ми се вратија,” рече Тамара.
„Што тоа.” рече Марко со посебна интонација, гледајќи во мене, како да сакаше да ги натера да повторат, за да чујам јас.
„Постовите бе, што ги снемува на Инстаграм,” рече Сара. „Некој глич е. Со апдејт се враќаат.”
Јас гледав во Марко. Марко тажно ми се насмевна.
Механички го отклучив телефонот и веднаш отидов кај Стефан на Инстаграм.
И таму беа, последните девет постови што претходно ги немаше.
И да, сликите со Тијана.
И една нова, од нив двајца, од вечерва. И под нејзе напишано:
with my love.
„Не ми е добро дечки, ќе си одам,” реков и станав.
„Аман, бе?” се изненади Сара.
„Да, ај ќе ви се јавам утре.”
„Пиши кога ќе стигнеш дома!” довикна Сара кога веќе бев малку оддалечена.
Пак ли да плачам сега.
Веќе се доближив до булеварот. Стоев сама на семафор, со очите замаглени од солзи, лута и бесна на себе што така погрешно проценив. Стварно се, значи машкиве… Ух.
Не сакам никого ни да видам, ни да чујам, ни ништо. И ќе си одам пешки. Далеку ми е, ама ќе си одам пешки. Луѓето околу мене поминуваа, кој сам, кој во друштво, кој замислен, кој на телефон, кој насмеан, кој тажен. Сите ги мразам. Никој не знаеше како ми е.
„Миа, чекај,” слушнав глас позади мене.
Никој не знаеше како ми е, освен Марко.
by
8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.