ЈАС СУМ МИА (Епизода 10.)

ЈАС СУМ МИА (Епизода 10.)

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Епизода 10.

Седевме во школскиот двор на моето старо основно школо. Не плачев. Луто гледав во дрво. Марко молчеше. Немаше никој. Совршено за да можам да беснеам во тишина.

„Сакав и прееска да ти кажам…” се обиде Марко.

„Па, што не ми кажа?” го пресеков.

„Па, беше многу среќна, и си реков, ај вечер…”

„И така почека ти, и на крај најпаметно беше сама да дознаам. Односно, знаев јас. Требаше сама да се уверам.

Тишина.

Знам дека не беше Марко крив. Ама во тој момент сакав клупата на која седевме да ја изгризам од бес. Сосе Марко. Сосе патики.

„Не знам всушност што си мислев,” ја прекинав тишината после некое време. „Како тоа си заклучив дека, и покрај сите показатели, Стефан нема девојка?”

„Па не знам…”

„Па, глупава!”

„Не си глупава де,” тивко рече Марко.

„Сум. Тамара беше во право. Си направив како што ми одговара. Си дозволив да поверувам дека… Нема врска.” Шутнав едно камче што ми беше пред нога. „Па уште и најмирно на свет ми кажа „нивните часови се до три.” Како да сум го прашала за мајка му. Како да не планирал да ме викне на кафе и на крај да се смува со мене, без разлика што има девојка. Гаден.”

Марко гледаше во земја.

Долго седевме така.

Ми стигна порака.

Само што го видов екранот му го подадов телефонот на Марко.

„Ај земи го.”

„Зошто?” збунето праша Марко и ме послуша.

„ЗЕМИ ГО, ДУР НЕ СУМ ГО ФРЛИЛА ВО КАНТА.”

„Добро, добро,” рече и откако го виде екранот сфати. „Аааа…”

Пораката беше, со цел памет, без грам срам, од Стефан.

кај си? :)

СО СМАЈЛИ.

Идиот.

ИДИОТ!

„Не знам што си мислев,” реков.

„А бе, Миа, таков е тој,” рече Марко. „Да не звучам како тетка, ама и повеќето се такви.”

Уште една порака. Марко ја прочита и ги крена веѓите. Се гледаше дека се мисли дали да ми пренесе.

„Што сака?” прашав јас.

„Па… Еј, извини што не можев да се поздравам, знаеш, Тијана…”

Горко се насмеав. „Леле, тој мисли дека ќе се гледаме паралелно. Леле, каква будала. Не, каква будала бев јас!”

„Миа, ај не се замарај веќе,” рече Марко и стана. „Ајде да си одиме. Ќе те испратам па и јас ќе се приберам.”

„А што не се вратиш во Кашмир, што губиш време со мене,” му предложив јас.

„Миа, не губам време со тебе. И темница е. И ќе си поправиме муабет,” се насмевна Марко.

До дома разговаравме на сосема други теми. За Тамара, за Оливер, за мене, за Стефан, за Сара, за часови, за филмови… Како и секогаш.

„Знаеш што, Марко…” му реков, кога застанавме пред мојата врата. „Тамара би била среќна да се фати со тебе.”

„Тамара да се фати со мене?!” зачудено рече Марко.

„Па да. Си одговарате. И нема дечко. Тебе и онака ти се свиѓа…”

„Тамара ми се свиѓа?!” Марко се однесуваше како да му кажувам сосема нови работи.

„Па, не е така?” го погледнав прашално.

„Миа, бе…” рече Марко разочарано. „Ај, добра ноќ.”

Збун.

Ми се налути?

Се навреди?

Што им е на овие машки, веќе?!!? Од необјасниви причини пак ми дојде да плачам.

Влегов внатре и без да размислувам тргнав кон дневната.

Пак татко ми.

Гледаше филм.

„Овој ти е поубав од другиот,” ми дофрли без да го сврти погледот од телевизор.

„Тато, доста ме шпиунираш.”

„А кого да шпиунирам, мајка ти?”

Превртев со очи и си отидов во соба.

Не можам сега и татко ми да го трпам да ме зеза.

Машки.

Си легнав и гледав stories на Инстаграм. Уште ме држеше бесот. И така непланирано, отидов на плусот за ново story, и така лежејќи, со недоизвадена шминка, ставив филтер, го задржав прстот на крукчето и наместо фотографија, направив снимка.

„Јас стварно не знам што им е на овие машки,” луто и се обратив на камерата. „Едни сакаат да седат на сто столчиња и да се однесуваат како да нема ништо лошо во тоа, други сакаат да ти прават друштво, па магично, како да ги треснал гром ги снемува. Ти пишуваат пораки, па после пишуваат пораки на други. Велат дека те сакаат, па после ги наоѓаш гушнати со некоја друга. Тапа сте. Си легнувам.”

Стиснав send, се свртев и заспав.

Не можев ни да замислам што ме чекаше сабајлето.

@jassummia

by

@janamisho

9. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

8. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

7. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

6. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

5. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

4. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

3. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

2. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука

1. епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.

Објавена во: Совети // ЈАС СУМ МИА

Можеби ќе ве интересира: