16-годишната Афродита ќе биде единствена Македонка која ќе се натпреварува на Светското првенство во танц: Ќе дадам сѐ од себе за достојно да ја претставам мојата земја
Афродита Силјаноска е 16 годишна талентирана тинејџерка. Слободно можеме да кажеме дека балетот е сѐ во нејзиниот живот, а тоа го докажува и фактот што паралелно е ученик во балетското училиште „Art Ballet“ во Скопје и средното балетско училиште во Загреб.
Пред неколку години имавте можност на Хаштаг да ја запознаете преку интервјуто кое го даде за нашиот портал и во кое откри многу интересни работи за себе и својата љубов кон балетот. Денес, три години подоцна, Афродита ќе ги брани боите на нашата земја на Светското првенство во танц, кое се одржува од 24 јуни до 2 јули во Сан Себастијан, Шанија.
Во март, во Пожега, Хрватска ги помина преквалификациите за ова натпреварување од светски размери, каде настапуваше под раководство на „Art Ballet“ од Скопје и се квалификуваше со 3 категории - класичен балет, неокласика и лирикал.
Точките со кои Афродита се претстави на преквалификациите, но и со кои ќе се претстави на светското првенство ги подготвувала со наставничките Бојана Богичевиќ и Тамара Ѓурчиновска.
Не може, а да не напоменеме дека оваа 16-годишна девојка е единствениот учесник од Македонија и дека ќе се натпреварува во тешка конкуренција со 80 кореографии од сите земји во светот.
На неколку часа пред почетокот на првенството, Афродита за Хаштаг ги откри своите очекувања, но и ни посочи дали има трема пред претставувањето пред светот.
„Вежбав многу напорно и искрено имам трема, затоа што треба да ја оправдам довербата и поддршката од сите што стојат зад мене.
Пред сѐ за мене е успех и самата шанса да учествувам на Светското првенство, а за очекувањата не можам конкретно да одговорам, освен тоа што ќе дадам сѐ од себе за достојно да ја претставам мојата земја“ - беше искрена Афродита.
И.М.