Александар Динев со солзи во очите проговори за 4-годишната битка со сајбер насилство: Не можев да спијам и се затворив дома (ВИДЕО)
Еден од најпознатите ТикТокери во Македонија, 18-годишниот Александар Динев, проговори на тема, која првенствено е многу важна за тинејџерите. Станува збор за сајбер булингот.
„Во моментот кога гласно зборуваш за твоето искуство со cyber bullying-от престанува теророт од насилството кое ти го нанел „сајбер насилникот“. Токму тој момент од жртва стануваш преживеан“ - напиша Александар покрај видеото во кое ја сподели својата приказна.
Тој преку својата приказна, која започнала уште пред 4 години ги поттикна своите следбеници да се плашат и да ги споделат своите приказни, со цел да добијат поддршка и да сфатат дека не се сами.
„Мојата битка со сајбер булинг започна пред 4 години, кога имав 14 години. Тоа беше и моментот кога започнав со снимање на социјалните мрежи и не бев навикнат на тоа. Добивав коментари и пораки кои што потенцираа лоши работи за мене, за кои што ниту јас не бев свесен дека би требало да ми бидат засрамувачки.“ - започна Динев, а потоа продолжи:
„Во тој период од животот не бев толку созреан колку што сум сега и буквално сѐ си ставав на душа, па дури и им возратував со негативни коментари затоа што бев навреден и лут и не се согласував со тоа што го кажуваат за мене, сѐ додека истите тие коментари не почнаа да стануваат сѐ почести и почести и почести. “
ТикТокерот откри дека коментарите кои најмногу го повредувале биле оние кои се однесувале на неговиот изглед.
„Потоа, почнав да се запрашувам: „Дали сум јас тоа што го зборуваат за мене“? Се приметив како почнувам да се согласувам со нив. Почнав да се гледам во огледало, да во право се, дебел сум. Престанав да јадам. Како можеш да спиеш навечер кога знаеш дека никој не те сака? - ми се вртеше истото прашање секоја ноќ. Дали навистина никој не ме сака? Не можев да спијам.“
Целата исповед на Динев може да ја погледнете во продолжение:
фото: Принтскрин / Инстаграм