Будењето во 6:30 се исплатеше: „Дајте музика“ освои Златна бубамара на популарноста
„Има ли воздух“ во изведба на Филип Поповски долго време беше на врвот на топ листата на „Радио Бубамара“. Токму со оваа песна, јунаците од детската серија „Дајте музика“ се претставија на публиката во преполната сала во СЦ „Борис Трајковски“ на 23-то издание на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“.
Филип, Наташа, Кики, Саша, Јован и Тео придружувани од членовите на танцовото студио „Еурека“ со специјално изготвен перформанс за алармантноста на аерозагадувањето на публиката ѝ порачаа дека децата се всушност најпогодените од овој феномен.
Но, како „Златна Бубамара на популарноста“ е приредба за најдобрите и најпопуларните медиумски проекти во земјава, која годинава се одржа под мотото „Нема правда има Бубамара“, акцентот беше ставен на популарноста на серијалот „Дајте музика“ кај најмладите. Главните протагонисти навистина се израдуваа на златната статуетка која до последен момент не знаеја дека ќе им биде доделена. На сцената, покрај Ранко Рангеловиќ, Ирена Спировска, нивната актерска менторка, Весна Петрушевска и носителот на проектот Цаци Паковска искрената радост беше повеќе од очигледна!
„Дајте музика“ е заеднички проект на „Македонската радиотелевизија“ и продукцијата „Рифенштал“. 30те епизоди од серијалот имаат за цел преку забава да ги поттикнат традиционалните семејни вредности низ призмата на една нова модерна генерација на детски идоли кои ги почитуваат вистинските вредности: добро однесување, здрави навики, искреност, одговорност, вистинско другарство и емпатија.
Имено, во интервју за нашиот портал Анастасија, Тео, Кристина Мукаетова, Филип Поповски, Јован Дукмеџиев и Саша Димитриевска, октрија дека единствен проблем, кој го имале за време на снимањата, било станувањето во 6:30 часот.
фото: Вангел Тануровски, Филип Вирановски