Слични сме со ликовите што ги глумиме: Интервју со Кики и Филип од „Дајте музика“
Тие се едни од главните протагонисти од детскиот серијал „Дајте музика“. Кристина Мукаетова е ученичка во Меѓународното училиште „Нова“, а Филип Поповски е ученик во ОУ „Гоце Делчев“ во Центарот на Скопје. Не случајно одлучивме да ги споиме, бидејќи тие имаат нешто заедничко, а тоа е нивната возраст - двајцата имаат по 11 години.
Иако се генерација, секој од нив има различни желби, цели и различна перцепција за животот, а што ни открија во разговорот прочитајте во продолжение.
# Што е она што ви го донесе снимањето на Дајте музика, а што ви одзеде?
Кристина: Кога се пријавив на кастингот за „Дајте Музика“, опциите беа снимање на серијалот или посета на пливачко-планинарски камп во Охрид. Навистина ми е драго што испадна првото, затоа што Охрид е отворена опција секако и оваа година! Снимањето ми донесе нови познанства, драги пријателства и непроценливо искуство како со актерството така и со одговорностите кои ги носи еден ангажман!
Филип: Дефинитивно, снимањето на Дајте музика ми донесе непроценливо искуство во глумата и снимањето, многу забава, прекрасна дружба, смеење. Но, и ми го зголеми чувството за одговорност пред сите инволвирани во овој проект и публиката. Снимањата бараа строга дисциплина, а тоа значи и рано станување (6:30 наутро), но тоа не е ништо во однос на она што го добивме со снимањето.
# Колку сте задоволни од финалниот производ?
Кристина: Напорното работење во текот на месец и половина на крајот се исплатеше! Добивме детски серијал кој има одлични содржини, одличен интерес кај публиката, изобилува со музика и поучни нешта.
Филип: Сметам дека Дајте музика е она што им фалеше на децата долго време, производ кој дефинитивно ги поттикна децата, а и возрасните да се вратат во светот на играта, другарството и среќата. Технологијата е нешто без кое не можеме во денешно време, но таа не треба да биде замена за вистинските вредности во животот.
# Научивте ли некоја животна лекција од снимањата?
Кристина: Секоја започната обврска или проект мора да се заврши до крај. Авторитетите мора да се почитуваат. Тешко е, но со упорност и посветеност успехот е неизбежен!
Филип: Ќе ја искористам мојата реплика од снимањето, а воедно и лекција која ја научив: „Треба да се прави разлика помеѓу вистинските пријатели и оние невидливите на интернет!“
# Која епизода ви е омилена?
Кристина: Сите 30 епизоди поедеднакво ги сакам. Најомилено од епизодите ми беше дружењето со ‘колегите’ покрај кои станувањето наутро во 6:30 часот, напорната работа среде лето и секојдневното учење реплики поминаа многу лесно и интересно.
Филип: Секоја епизода ми е омилена и носи посебна порака. Можеби би ја издвоил епизодата „Патики оригинал“, каде со Јован се натпреваруваме чии патики се пооригинални и правиме секакви глупости со цел да докажеме нешто, што воопшто не е ни важно. Меѓутоа, сето ова го дознаваме, дури откако нашите патиките целосно ги уништивме.
# Колку ликовите кои ги глумите личат на тоа што сте вие кога ќе се изгасат камерите?
Кристина: Кики пред камерите е многу слична со Кики зад камерите.
Филип: Во многу нешта мојот лик се совпаѓа со она што сум јас кога камерите ќе се изгаснат. Пред да ми се случи Дајте музика и јас бев целосен зависник од компјутерот, PlayStation, телефонот, но, сега веќе тоа не ми е приоритет. Другарството, дружењето надвор на улица, свирењето гитара е нешто што ме исполнува и не би го менувал за ништо на овој свет. А, да... секако немам чичко од Америка.
# Дали во приватниот живот (надвор од снимањата) се дружите со вашите другарчиња како што се дружите во Дајте музика?
Кристина: Со оглед на тоа дека живееме во различни делови од градот и учиме во различни училишта се дружиме кога можеме, но секој пат, многу тешко се разделуваме!
Филип: Постојано се дружиме, се трудиме слободното време да го поминеме заедно. Посебно за новогодишните празници имавме можност деноноќно да бидеме заедно, со Јован бевме и на скијање од кое имам супер и незаборавни спомени.
# Во емисијата пеете, играте, глумите. Но, приватно имате ли некое друго хоби?
Кристина: Скоро 6 години одам на карате во клубот „Макпетрол“, одам на хип-хоп во студио „Еурека“, на СТЕМ Академија и секако глума веќе 3 години.
Филип: Свирам акустична гитара, скејтам, скијам и сакам се што е поврзано со зголемување на адреналинот. Во последно време ме интересира и фотографијата.
# Што би сакале да бидете кога ќе пораснете?
Кристина: План А ми е инжењерство, а план Б се знае.
Филип: Имам неколку желби, при што ако некоја од нив стане моја професија, ќе се потрудам останатите да бидат мое хоби. Глумата, океанологијата и дизајнот се мојот дефинитивен избор, времето ќе покаже што ќе биде мојата животна определба.
# Имате ли некоја омилена награда која ја имате освоено?
Кристина: Наградите доаѓаат како резултат на многу напорна работа или вложен труд и не би можела да одвојам некоја посебно. Многу ми значат појасите по карате (до сега имам четири), медалите од меѓународните натпреварувања по хип хоп освоени со „Еурека“, а годинава со СТЕМ Академија ќе учествуваме на First Lego League што е всушност глобален натпревар по роботика. Периодов со тимот од СТЕМ интензивно работиме на креирање робот според темата на натпреварот „City Shaper“ чија задача ќе биде да го олесни функционирањето во градовите.
Филип: Тоа се двете медали во ракомет и кошарка кои имаат специјално место на ѕидот во мојата соба.
# Каква е реакцијата на вашите училишни другарчиња по емитувањето на Дајте музика?
Кристина: Јас учам во меѓународно училиште, каде голем дел од учениците се странци, но оние кои гледаат, воодушевени се од серијата, па доаѓаат да се гушнеме или сликаме и скоро сите прашуваат: „Дали ќе има втора сезона?“
Филип: Секојдневно, уште од самиот почеток добивам позитивни реакции и поддршка од моите другари, а и од целото училиште.
# Кој ви е најголема поддршка?
Кристина: Без двоумење: СЕМЕЈСТВОТО!
Филип: Моето семејство, моите другари и мојата класна која има разбирање за сите мои дополнителни обврски.
# Бидејќи новата година ни дојде неодамна, кои се вашите новогодишни желби?
Кристина: Да сме здрави и среќни пред сѐ, а „Дајте музика“ да има уште поголем успех!
Филип: Да снимаме втора сезона Дајте музика и да глумам во театарска претстава. Да гледам среќни лица околу мене и да дишеме чист воздух.
Ивана Мисајловска