Снимањата ни донесоа незаборавни моменти: Интервју со Јован и Саша од „Дајте музика“
Откако ги запознавме Кристина Мукаетова и Филип Поповски, едни од главните протагонисти на серијалот за деца „Дајте музика“, време е за ново запознавање. Овој пат тоа ќе бидат 12 - годишниот Јован Дукмеџиев, кој воедно е најголемиот член од главната шесторка и најмалиот член, 8 - годишната Саша Димитриевска. Јован е ученик во ООУ „11 - ти Октомври“, а Саша во ОУ „Гоце Делчев“.
Овие млади и надежни актери ги спојува љубовта кон музика, Јован и во приватниот живот свири гитара, а Саша клавир. За да дознаете дали има уште нешто што ги спојува овие млади актери, прочитајте го интервјуто во продолжение.
# Што е она што ви го донесе снимањето на Дајте музика, а што ви одзеде?
Јован: Не можам да набројам многу работи што ми одзеде, меѓутоа можам да кажам што ми донесе. Тоа се нови искуства пред камерите, забавен и организиран летен распуст, но и другарство што јас мислам дека ќе трае засекогаш.
Саша: Ни донесе многу повеќе дружба, смеа и незаборавни моменти. Немам чувство дека нешто ни одзеде.
# Колку сте задоволни од финалниот производ?
Јован: Финалниот производ, според мене изпадна одлично, дури и подобро од што мислев. 10/10 - презадоволен.
Саша: Многу сум задоволна со оглед на тоа што на мене, а и на повеќето од екипата ова ни беше прво вакво искуство. Сега сме подготвени за повеќе вакви искуства во кои ќе дадеме многу повеќе од себе.
# Научивте ли некоја животна лекција од снимањата?
Јован: Јас мислам дека епизодите од „Дајте Музика“ се навистина поучни, не само за децата што гледаат, туку и за нивните родителите. Можете само да замислите на снимањата колку нови работи научивме. Тоа беше неповторливо искуство.
Саша: Булингот е многу страшна работа, ама затоа другарството е толку убаво и најважно.
# Која епизода ви е омилена?
Јован: Иако сите епизоди ми се интересни, но како „најомилени“ би ги издвоил: „Милениче“, „Сонот на (чорбаџи) Тео“ , „Скриено Богатство“ и „Патики Оригинал“.
Саша: „Патики оригинал“, „3 на 3“, „Сонот на Тео“, „Скриено богатство“, „Игранка“, „Талент шоу“..... сите ми се омилени.
# Колку ликовите кои ги глумите личат на тоа што сте вие кога ќе се изгасат камерите?
Јован: Најискрено, мислам дека ептен ми го погодија ликот. Навистина сакам „старски“ игри, свирам гитара, слушам рок и метал музика, а исто обожувам да се дружам. Само што не сум од Велес хахаха!
Саша: Не многу, Саша има доста сличности, но има и разлики со Саша од Старо Маало.
# Дали во приватниот живот (надвор од снимањата) се дружите со вашите другарчиња како што се дружите во „Дајте музика“?
Јован: Секако! И за ништо не би ја заменил нашата дружба, бидејќи сите ние сме најдобри другари. Не поминува недела без нашата заедничка дружба.
Саша: Да, постојано и уживаме во нашите дружби
# Во емисијата пеете, играте, глумите. Но, приватно имате ли некое друго хоби?
Јован: Порано одев на играорна и имав супер искуство таму. Јас исто обожувам да моделирам со пластелин, тоа ме релексира. Цртам, а сенчењето ми е омилено. Преку зима, обожувам да скијам, бидејќи ништо не го менува тоа чувство.
Саша: Повторно поврзано со уметноста, уживам во свирење клавир.
# Што би сакале да бидете кога ќе пораснете?
Јован: Без разлика што и да работам кога ќе пораснам, верувам дека 100% би имал свој бенд.
Саша: Сакам да сум пијанистка, да сум глумица, да сум космонаут, да сум доктор........... сеуште е рано да одлучам.
# Имате ли некоја омилена награда која ја имате освоено?
Јован: Имам освоено многу награди по различни предмети во училиште, ама ако се смета за награда, стипендијата која ја добив да учам во музичкото училиште „Enterprise“ од Валентино Скендеровски, сигурно најмногу ми значи.
Саша: Имам неколку награди од натпревари по свирење пијано, но најдрага ми е 2 -ро место на меѓународен натпревар по пијано во Софија, Р. Бугарија. Конкуренцијата беше многу голема, а натпреварувачи имаше од цел свет. Јас го освоив второто место.
# Каква е реакцијата на вашите училишни другарчиња по емитувањето на „Дајте музика“?
Јован: На многу од моите другари им се допадна серијалот „Дајте Музика“. Нивниот однос кон мене не се смени, за што сум среќен и не ни сакам да се смени, бидејќи сметам дека никој не треба да се умилкува кај друг, поради одредена причина.
Саша: Реакцијата...хм, многу убава, позитивна, впечатоците се големи.
# Кој ви е најголема поддршка?
Јован: Мојата сестра Калина, мама, тато, други членови на семејството, целото одделение и мојата класна, како и моите другари од маалото и воншколки активности.
Саша: Најголема подршка ми е семејството.
# Бидејќи новата година ни дојде неодамна, кои беа вашите новогодишни желби?
Јован: Најискрено, јас немав некоја желба за Нова Година, но се надевам на многу здравје, љубов, среќа, а освен тоа и уште многу сезони од „Дајте Музика“.
Саша: Моите желби за оваа година се да имаме сите здравје, среќа, љубов. Да оствариме уште многу нови успеси, да се збогатиме со различни искуства.
Ивана Мисајловска