Немаме сличности со ликовите кои ги глумиме: Интервју со Анастасија и Тео од „Дајте музика“
Откако одблизу ве запознавме со Кристина Мукаетова, Филип Поповски, Јован Дукмеџиев и Саша Димитриевска, дојде време да ве запознаеме со останатите два члена од главната шесторка од детскиот серијал „Дајте музика“. Тоа се 11 - годинишните Анастасија Џабирски и Тео Манев. Анастасија учи во ОУ „11 - ти Октомври“, а Тео во „Јахја Кемал“ во Скопје.
Двајцата велат дека немаат големи сличности со ликовите кои ги глумат, бидејќи во приватниот живот ги интересираат сосема поинакви работи. А, доколку те интересира кои се работите кои ги интересираат - прочитај го интервјуто во продолжение.
# Што е она што ви го донесе снимањето на Дајте музика, а што ви одзеде?
Анастасија: Ни донесе едно ново прекрасно искуство, восхитена сум од работата зад камерите кое е напорно, но многу интересно и пресреќна што има голема гледаност и популарност. Ни одзема дел од летниот распуст (хахахаха), но навистина сите бевме среќни и задоволни додека снимавме. А да, телефоните ни беа одземени за време на снимањето, што беше позитивна работа, сите прекрасно се дружевме за време на паузите.
Тео: Снимањето ми одзема малку од слободното време, но затоа ми донесе повеќе другарување со стари и нови пријатели, ме направи среќен и горд.
# Колку сте задоволни од финалниот производ?
Анастасија: Многу! Јас мислам дека „Дајте музика“ испадна супер на крајот.
Тео: Јас сум многу задоволен од финалниот производ, но секогаш мислам дека можеме и подобро.
# Научивте ли некоја животна лекција од снимањата?
Анастасија: Пораките што ги испраќаме во секоја епизода кон сите деца, ние ги применуваме и за себе.
Тео: Покрај многуте поуки што ги извлековме со секое снимање, најважната е другарството. Сепак на крајот тоа е најважно.
# Која епизода ви е омилена?
Анастасија: Омилена епизода ми е „Филм во старо маало“.
Тео: Омилени епизоди ми се сите, но ако треба да издвојам тоа би биле „Скриено богатство“ и „Сонот на Тео“.
# Колку ликовите кои ги глумите личат на тоа што сте вие кога ќе се изгасат камерите?
Анастасија: Па немам многу сличности. Модата секако не ми е најважна, иако секој сака убаво да биде облечен. Читам многу книги, добар другар сум, учтива и љубезна со сите, а помагам и дома. Најправилно кажано, учествувам во домашните обрски, собата без проблем ми е секогаш средена.
Тео: Не баш, Тео од „Дајте музика“ е многу поразличен од вистинскиот Тео.
# Дали во приватниот живот (надвор од снимањата) се дружите со вашите другарчиња како што се дружите во „Дајте музика“?
Анастасија: Се дружиме многу веќе 4 години. Повеќето од нас ја посетуваме Актерската Школа на Весна Петрушевска, но и со новите членови се здруживме веднаш и навистина сме најдобри другари. Другарувањето е многу важно.
Тео: Дефинитивно. Со нетрпение ја очекувам секоја наша средба.
# Во емисијата пеете, играте, глумите. Но, приватно имате ли некое друго хоби?
Анастасија: Моето хоби е изработка на декорации и цртање на стакло и керамика . Обожувам да изработувам декорации за мојата соба, за мојот роденден и сл.
Тео: Го користам слободното време за слушање музика, играње видео игри, но голема пасија ми е пливањето. Редовно одам на пливање.
# Што би сакале да бидете кога ќе пораснете?
Анастасија: Кога ќе пораснам сакам да бидам актерка.
Тео: Сакам да бидам актер, но сакам да бидам и истражувач, да патувам по светот... сепак, времето ќе покаже.
# Имате ли некоја омилена награда која ја имате освоено?
Анастасија: Наградите по математика и природни науки.
Тео: Да, особено драги меѓу другите ми се наградите кои ги добивав од Brainobrain.
# Каква е реакцијата на вашите училишни другарчиња по емитувањето на Дајте музика?
Анастасија: Јас сум среќна што на сите им се допадна „Дајте музика“. Ја гледаат серијата и не поддржуваат, ги слушаат песните, ме прашуваат за следните епизоди и што ќе се случи во нив, а откако заврши првата сезона постојано прашуваат кога ќе има втора сезона. Вистински другари!
Тео: Интересна, делумно збунети, се снима нова серија и нивниот другар Тео го има во истата.
# Кој ви е најголема поддршка?
Анастасија: Најголема поддршка ми е семејството, мојата класна и предметните наставници кои имаат разбирање за моите отсуства поради ангажманот со „Дајте Музика“, но јас за возврат сум одличен и примерен ученик.
Тео: Најголема поддршка во текот на снимањето ми беше моето семејство.
# Бидејќи новата година ни дојде неодамна, кои беа вашите новогодишни желби?
Анастасија: Сите желби ме пречекаа под Елката. А, патувањето за Париз останува за некои потопли денови.
Тео: Да имам успех во училиште, да сме сите здрави и среќни, а најважно да продолжиме да се дружиме како досега.
Ивана Мисајловска