Добивав коментари дека ме платиле за да лажам: ТикТокерот Давор Арџиќ за коронавирусот
Давор Арџиќ сигурно ви е на сите вас добро познат, особено доколку го следите на социјалната мрежа ТикТок. Има 19 години и живее во главниот град – Скопје.
Од љубопитност успеа да се вброи во едни од најпопуларните македонски ТикТокери. На својот профил има повеќе од 42.000 следбеници, а за секое видео се труди да биде поразличен.
Особено внимание привлече откако сподели дека е позитивен на коронавирус, а за Хаштаг откри како го победи вирусот, но воедно ја раскажа и својата ТикТок приказна.
# Како започна твојата ТикТок приказна? Од кога имаш профил на оваа социјална мрежа?
На ТокТок почнав да снимам пред околу 5 месеци, ме интересираше каква е таа платформа и зошто се крева толку прашина околу неа, па решив да почнам да снимам видеа и да видам како ќе ми оди.
# Бидејќи се занимаваш со глума, дали тоа ти помогна полесно да се вклопиш во целата ТикТок приказна?
Па да бидам искрен и не се занимавам професионално со глума, од типот да глумам во театар или во некои професионални филмови, но сепак талентот за глумење си го прави своето и да, секако дека ми помага, затоа што мојот „контент“ на ТикТок најмногу се базира на глумење.
# Моментално имаш голем број на следбеници на ТикТок. Можеш ли да се сетиш од кое видео почна да се зголемува нивниот број?
Секако, тоа беше за време на почетокот на пандемијата кога имаше полициски час, знам дека снимив видео каде што зборам околу тоа на колку смешен начин се шири вирусот. Потоа видов дека луѓето сакаат таков „контент“, па решив да почнам да снимам редовно такви видеа.
# Кое твое видео ти е омилено?
Па да бидам искрен, немам омилено видео. За секое видео сум се потрудил да биде интересно, забавно и да носи нешто посебно, односно да не биде копија, па затоа сите видеа на мојот канал ми се драги.
# Во светот прават многу пари од ТикТок, каква е ситуацијата во Македонија. Може ли да се заработува од оваа социјална мрежа?
Да, во светот прават пари од прегледите на видеата на ТикТок, а кај нас тоа го нема, но може да се заработи од платени реклами. Јас лично не заработувам од ТокТок, за другите Македонски ТикТокери не знам.
# Кој е твој омилен ТикТокер?
Лично, немам омилен ТикТокер, бидејќи сметам дека секој што снима на оваа платформа, се труди да биде посебен и да биде забавен за луѓето.
# Што правиш во слободно време? Имаш ли некое друго хоби освен глумата и ТикТокот?
Да секако, јас уште пред да почнам да снимам на ТикТок се занимавав и се уште се занимавам со пеење. Пеам уште од мал и сакам да бидам музичар. Сметам дека ТикТокот ми служи како добра промоција за музиката и за моите песни во иднина.
# Објави дека си позитивен на коронавирусот. Како ја прифати оваа вест?
Да бидам искрен, јас не ја прифатив таа вест како нешто трагично, повеќе бев исплашен за моите родители, но сѐ помина во најдобар ред и повеќе нема простор за паника.
# Сподели го твоето искуство. Како течеше лекувањето?
Јас лично не примав никакви антибиотици поради вирусот, пиев само повеќе витамини и повеќе одмарав, бидејќи како што кажав веќе на ТикТок, младите и здрави луѓе, овој вирус го пребродуваат доста полесно од постарите.
# Се соочи ли со негативни коментари по ова прашање? Како реагираше на истите?
Да, имаше негативни коментари од типот: лажеш, те платиле за да лажеш и така натаму, но не ми беше воопшто грижа, бидејќи сметам дека е апсурдно да се базирам на таа мала негатива, во споредба со морето од поддршка којашто ја добив кога објавив дека сум позитивен. Во секој случај, ми заврши изолацијата, повеќе не сум во изолација и ете помина и ова.
# Каде се гледаш за 10 години?
Па, можам да кажам дека сакам да се занимавам со пеење, па затоа мислам дека ќе бидам пејач, бидејќи ја сакам музиката.
# Како за крај, кој хаштаг најчесто го користиш?
Кој, ако не најупотребуваниот на ТикТок - #Foryou.
И. Мисајловска