Драго ми е што видеото допре длабоко во срцата на сите: Наставничката Цанка за изненадувањето
Пандемијата на коронавирус на сите ни го измени начинот на живот. Родителите започнаа да работат од дома, а учениците започнаа да учат на далечина. Имено, предавањата, испрашувањата и тестовите ги правеа онлајн од своите домови, а од март па се до крајот на учебната година училиштата ширум државата останаа без детскиот џагор.
Досега многу просветни работници и ученици се издвоија со своите успеси и дела за време на кризата, но последната наставничка во оваа низа која доаѓа од Неготино убедливо води во „битката“. Цанка Костова предава во Основното училиште „Страшо Пинџур“, а поради желбата да добие искрена прегратка од своите ученици, која ја добива на крајот од секоја година, направи еден неверојатен гест.
Имено, таа подготви по еден мал скромен подарок за нејзините ученици и лично им ги достави до дома за да може да ги види барем од далечина, а истиот беше поттик за да ја контактираме оваа посветена наставничка за да ни открие како се одвиваше целиот процес и организација на ова изненадување, кое долги години ќе се прераскажува.
# Неодамна на социјалните мрежи се појави видео кое откри дека ги имате посетено своите ученици. Од каде идејата за оваа иницијатива?
Кај нас во училницата многу од настаните досега ги одбележуваме на спектакуларен начин, особено крајот на училишната година, кој беше еден свечен чин на кој што присуствуваа учениците заедно со своите родители и на завршна приредба ги добиваа признанијата и успехот за наставната година. Така во училницата со прегратки, бакнежи и насмевки си посакувавме среќно лето. Оваа година сето ова недостасуваше, па затоа решив да ги изненадам учениците на малку поинаков начин. Наместо во училница овој пат место на настанот беа токму нивните домови.
# Колку време ви беше потребно за да ја организирате оваа иницијатива?
Подготовката траеше цели две недели. Дечињата добија задача на лист хартија да го нацртаат својот омилен лик. Потоа на секое од децата изработив колаж на кој имаше од фотографија од детето и омилениот лик. Моравме со дел од родители да одиме до Скопје да ги набавиме плишените срциња и торбичките на кои подоцна беше испринтано името на училиштето и одделението кое ќе бидат следната година. Исто така во торбичките учениците имаа сет линијари, диплома за успешно учење од далечина, благодарница за родителите, табло од одделението. За сево ова уште еднаш им упатувам огромна благодарност на родителите за соработката и вниманието.
# Иако во видеото ги има реакциите на вашите учениците, ќе може ли од ваша перспектива да опишете како изгледаа тие кога ве видоа пред вратите на своите домови?
Чувство кое само се доживува. Чувство на збунетост и неверување, а сепак среќа и задоволство на лицата. Социјалната дистанца не ни дозволи да се прегниме и бакнеме, но затоа срцето беше виртуалната прегратка која може да ја погледенете и од фотографиите.
# Сигурно на ваша адреса се пристигнати многу пофални зборови. Колку истите ви значат?
Да, да, да многу пофални зборови, прекрасни коментари, поддршка и споделување на веста. Ми значи многу и навистина ми е драго што видеото допре длабоко во срцата на сите. Сепак добрите дела далеку се слушаат. Нема поголема среќа од тоа некого да направите среќен, особено во ова тешко време за сите нас.
# Училишната година е веќе зад нас, но како ја завршивте? На кој начин ја одржувавте наставата?
Повеќе од три месеци реализиравме настава од далечина поточно импровизација на настава. Работевме на платформата hangouts.google. Реализацијата се одвиваше тешко бидејќи сите деца немаат исти можности за следење на настава од овој вид. Најголем проблем беше техничкиот недостаток во домовите.
# Ги завршуваа ли учениците сите задолженија кои им ги дававте? По кој предмет се соочивте со најголеми проблеми?
Со оглед на тоа дека учениците се второ одделение добро се снаоѓаа со моја помош, но и од родителите секако. Одговараа редовно на задолженијата се трудеа максимално да дадат се од себе. Но, се соочувавме и со проблеми, а најчесто кога имавме потреба од практични примери, нагледни средства, бидејќи немавме директен преглед на сработеното од страна на учениците.
# Што е она што најмногу им недостасуваше на нив, а што на вас за време на учењето од далечина?
Децата се инвентивни кога учат преку игра, по пат на обиди и грешки. Екпериментираат, воочуваат, креираат. Ни фалеше тимската работа, ни фалеше секој заеднички чекор. Ни фалеа моментите во кои бевме заедно во секој збор, во секој плач и во секоја насмевка. Ни фалеше говорот на телото кој е многу поважен од комуникацијата. Ни фалеше чувството на сигурност кое го имаме само кога сме заедно.
# За крај, што ќе биде првото нешто што ќе го направите кога ќе се вратите во училишните клупи?
Па и не сум размислувала на оваа тема, хахахах. Изненадувањата сигурно нема да изостанат и овој пат, кои се дел од мојата професија. Живееме со надеж дека ќе се вратиме повторно на местото каде што приѓаме, во нашето училиште, во нашиот нормален и реален свет. Дотогаш да сме само сите живи и здрави.
И. Мисајловска