IGTV апликацијата заминува во историјата: Инстаграм повеќе нема да ја поддржува
Инстаграм се повеќе се фокусира на видеата, што ја потврдува веста дека содржината на IGTV целосно ќе биде префрлена на нивната главна апликација.
Компанијата на својот блог објави дека апликацијата IGTV официјално останува без поддршка.
За оние кои заборавија, Инстаграм во 2018 година ја воведе самостојна апликација IGTV за гледање подолги и вертикални видеа. Таа апликација требаше да биде конкурент на Јутјуб, а Инстаграм имаше големи надежи за неа, но сепак не успеа.
Инстаграм во октомври минатата година се обиде да го оживее IGTV барем донекаде со тоа што го преименуваше во Инстаграм ТВ, но и тоа не можеше да ја спаси апликацијата од „сигурна смрт“, пренесува Bug.hr.
„Како дел од нашите напори да ги направиме видеата што е можно поедноставни за откривање и создавање, повеќе нема да ја поддржуваме нашата самостојна апликација IGTV. Наместо тоа, ќе се фокусираме на тоа да се осигураме дека сите видеа се во главната апликација на Инстаграм“ - се вели во соопштението на Инстаграм.
Инстаграм верува дека оваа промена значително ќе им го олесни на корисниците користењето на сите достапни функции и можности во главната апликација, а велат дека ќе го подобри и квалитетот на видео содржините на оваа социјална мрежа.
Инстаграм, исто така, наведува дека сите видеа во главната апликација ќе имаат можност да се гледаат на цел екран и да се исклучи звукот со допир. Дополнително, тие велат дека работат на подобрување на начинот на споделување на различни видови видеа, како и на нов начин на откривање содржина.
фото: Unsplash