Искрено со Денис Димоски: „Дедо ми е човекот кој прв ме однесе на аудиција“!

Искрено со Денис Димоски: „Дедо ми е човекот кој прв ме однесе на аудиција“!

Објавена во: Музика, Интервјуа

Момчето кое пред повеќе од пред една деценија ја претставуваше Македонија на Јуниорската Евровизија, денес е веќе созреан маж. Денис Димовски, го навративме на детските денови, кога беше во центарот на вниманието, но ни раскажа и некои лични ставови и гледишта. Трудот, макотрпната работа и љубовта кон музика според него се дефиницијата за успех, а што тој раскажа за нашиот портал прочитајте во продолжение!

# Публиката уште во 2005 година те запозна кога ја претставуваше Македонија на Јуниорската Евровизија. Дали и денес знаеш да си го запееш твоето првенче „Роденденски бакнеж“?

Искрено не сум ја запеал многу одамна. Поточно пред неколку месеци додека гостував во емисија во една од нашите телевизии водителите ме замолија да ја запеам за да видиме дали ја памтам...Ја отпеав акапела, ја памтам до последен тон, се уверив. Баш ми е мило што сеуште живее песната.


# Како дете беше пред малите екрани и со микрофон во рака, од каде потекнува желбата за оваа професија?

Од кога знам за себе знам и за желбата за пеење. Дедо ми е човекот кој прв ме однесе на аудиција. Така почнав да пеам на детски фестивали, па настапи на фестивали во странство, собирање искуство, награди. Паралелно почнав да учам во музичко училиште и да го школувам гласот.

# Како се справуваше во обожавателките во тоа време, бидејќи на многу од нив беше симпатија?

Навистина периодот околу Евровизијата за мене беше многу бурен и напорен. Имав само 11-12 години, а ми се оствари најголемиот сон што го имав во тоа време, да настапам на големата евровизиска сцена. Памтам дека одевме по сите градови низ Македонија да ја промовираме песната. На обожавателите секогаш сум им пристапувал со многу љубов, најприроден, таков каков  што сум јас.

# Зошто некако се повлече од музиката по Евровизија, а дури пред неколку годиниповторно се појави?

Целиот тој период го искористив за школување и надградба на моите знаења за музиката. Учев средно музичко училиште, а потоа дипломирав соло пеење на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Игор Дурловски. Паралелно со моето школување учествував на меѓународни натпревари за пеење и добив неколку награди.

# Победи на талент шоуто „Тајно моја“. Какви импресии носиш од тој проект?

Само убави чувства...Еден од најубавите проекти во мојот живот. Целиот мјузикл во кој што јас ја имав главната улога беше за Тоше. Мојот најголем идол, човекот на кого му се восхитувам од мали нозе.

# Но, покрај ова македонско талент шоу, се појави и во неколку во соседна Србија. Што те поттикна  да си ја бараш среќата таму?

Многу сакам да пеам и уживам додека го правам тоа, едноставно живеам за тоа. Мислам дека тие шоуа даваат можност за една добра промоција на твојот талент.

# Пееш и народна, а и забавна музика, но и оперски арии. Во кој жанр се пронаоѓаш повеќе?

Не можам да одберам што мие на прво, второ или трето место. Сакам да пеам се што ми е убаво и ми ја полни душата.

# Кога ќе ја тргнеме настрана музиката, каков е Денис приватно?

За ова мислам треба да ги прашаме моите најблиски другари и другарки...Не би сакал да зборувам сам за себе.

# Кој е твојот совет за сите оние кои сакаат да започнат да се занимаваат со музика?

Бидете упорни, работете на тоа да го остварите сонот што го имате. Нема невозможни нешта, ако доволно силно ги посакувате, можете и да ги остварите.

# И, како за крај кој хаштаг го користиш најчесто?

#alwayssmile


Ивана Мисајловска

Објавена во: Музика, Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: