Девојчето од последниот спот на Тоше крие многу таленти: Марија Јанчевска е успешна поетеса, актерка, пејачка!

Девојчето од последниот спот на Тоше крие многу таленти: Марија Јанчевска е успешна поетеса, актерка, пејачка!

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Има снимено 96 радиодрами, одиграно над 13 претстави, објавено 2 збики поезија, отпеано 3 песни, а има само 14 години – Марија Јанчевска е деветоодделенка која ќе ве воодушеви со нејзините успеси, непосредноста и начинот на кој се иразува. Таа за Hashtag.mk откри дека со нетрпение очекува да застане на штиците што живот значат, но и дека вклучувањето на црвеното светло на камерата ја трансформира во сосема другата личност. За овие и уште многу други нејзини успеси прочитајте во продолжение...

# Активна си на многу полиња, пишуваш поезија, глумиш, пееш, но да започнеме од пишувањето, досега имаш објавено две збирки поезија, кога започна да пишуваш и како дојде до целата идеја твоите песни да бидат објавени?

Започнав сосема случајно со песна напишана за еден конкурс каде освоив награда и каде бев забележана од наставникот Марјан Костовски кој понатаму стана и мој ментор и кој секогаш ми влеваше позитивна енергија дека можам, дека знам и дека имам веќе свој стил на пишување...Tака по една цела година ја издадов мојата прва книга „Сентиментални отпечатоци на времето” , а веднаш потоа за многу кратко време и мојата втора книга „Солза”.

Имаш само 13 години, а поезијата ти е зрела и длабока од каде ја црпиш инспирацијата за пишување?

Инспирацијата! Секако од секојдневниот живот, секојдневните случувања од луѓето кои сакаат, а не можат да се искажат, од оние кои ја бараат правдата, понекогаш испирацијата може да биде и пожолтениот паднат лист, пролетната капка дожд, чадорот, пупката од цветот, некоја сосема случајна статија во некој весник...Значи инспирација може да биде сѐ во зависност од која страна и агол го гледаме сето тоа за потоа тоа да го ставиме на лист хартија. Додека за втората книга „Солза“ како инспирација ми беа раскажувањата и мачните патешествија на мојата мила соседка баба Доминика за децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија.

Кога станува збор за музиката колку песни имаш отпеано досега и на кои фестивали си учествувала?

До сега имам три песни „Шминките на мама“ , „Моето маче“ и последната „Споменар“ со која настапив на овогодинешниот фестивал Златно славејче. Додека пак на фестивали имам настапувано самостојно во Бугарија, Албанија, Србија, Германија, а со хорот на Златно славејче низ цела Европа - скоро и да нема земја што ја немаме посетено.

Дали можеби еден ден би сакала да ја претставуваш Македонија на Детската Евровизија?

Секако ако постои можност со добра песна во што не се сомневам бидејќи имаме одлични автори и композитори имам желба да ја  претставувам нашата држава на Евровизискиот фестивал и би го дала најдоброто од мене за да се представиме во најдобро светло пред публиката од целиот свет.

# Следно нешто е актерството,  од кога се занимаваш со актерсктво и од каде се роди љубовта кон глумата?

Случајно, иако моите родители ми кажуваат дека кога ќе вратат ретроспектива уште кога сум прозборела сум почнала да глумам, па така кога бев трето одделение почнав со снимање радио-драми во Македонската радио телевизија, и под менторство на г-динот Владо Димовски и г-ѓа Софија Гоговска Врчаковска снимив 96 радиодрами. Па како што бев забележана следната година Снежана Конеска Руси ми ја довери главната театарска улога што се играше во Драмски Театар. И така почна се, почнаа проекти, претстави, реклами,спотови, филмови.....

# Колку претстави имаш одиграно досега?

Имам одиграно околу 13- 14 различни претстави каде сум носечки лик и уште десетина каде сум спореден. Еве во моментов се играат две на репертоарите тоа е представата Експеримент при МКЦ и новиот мјузикл „Земја во која не се стигнува“ при ТДМ.

# Знаеме и дека синхронизираш тв – серии, го позајмуваш ли гласот за некоја серија во моментов?

Прв пат го позајмував гласот на неколку детски цртани филмови на Nickelodeon, потоа ја синхронизирав и малата Мелек во серијата „Се викав Мелек“ и по позитивните критики почнав да синхронизирам и  други... Да ,и во моментов синхронизирам но ќе оставам гледачите/слушателите сами да видат каде.

# Беше една од главните улоги во спотот за песната на Тоше „Secret place”, па ќе ни откриеш ли какво беше искуството?

Со еден збор - одлично. После скоро една година од како ми навестија дека ќе имам една од улогите се сними и спотот за нашиот ангел Тоше. Снимањето траеше 6 дена и иако беше многу напорно бидејќи снимавме и по 15 часа дневно (со сите згоди и незгоди) беше многу убаво, целата екипа беше како еден  и од таму се изродија многу пријателства што верувам ќе останат засекогаш.

# Освен што пишуваш поезија, пееш и глумиш ти си и водителка што најмногу те привлекува од сето ова или едноставно ги сакаш камерите?

Не можам да отфрлам ништо бидејќи се ама баш сѐ ме привлекува...Книгата е она што останува засекогаш и што го води човештвото напред...Во театарот тоа се штиците кои живот значат, кај камерата - вклучувањето на црвеното копче ме трансформира во другата „Марија” -ликот кој ми е доверен, микрофонот ме прави посебна зашто преку него со збор или песна можам да се искажам...Мислам дека сите овие работи се дел од мене и дека сите тие работи ја прават Марија да биде Марија.

# Што следно да очекуваме од тебе, работиш ли на нешто ново?

Има неколку нови проекти кои нека останат мала тајна до нивна реализација,сепак сакам и малку одмор бидејки имав многу напорен период .

# Во кое училиште учиш и кое одделение си?

Учам во ООУ „Димо Хаџи Димов“ од Скопје  и сум ученик во осмо одделение. Еве тука сакам и јавно да се заблагодарам на целиот наставнички персонал во моето училиште за подршката и позитивната енергија што секогаш ми ја даваат.

# Од кого добиваш најголема поддршка?

Најголемата подршка се моето семејство кое безрезервно ме поддржува во моите планови, намери и идеи. И секако голема подршка добивам и од останатите наставниците, другарите, пријателите...

# Која е твојата најголема неисполнета желба?

Најголемата желба ми е да гледам постојано насмеани лица не само во мојата блиска околина туку и пошироко...Засега неисполнета желба ми е да снимам некој добар филм и секако Hollywood…

# Што правиш во слободно време?

Освен проектите и учењето за на училиште и надоградување на знаењето, слободното време искрено можеби е она што најмногу ми недостасува, слободно време за повеќе дружба со моите другари и повеќе прошетки во природа. Ретко наоѓам таква прилика, но доколку имам можност се обидувам да го искористам тоа на вистински начин. Се занимавам со моделинг и фотомоделинг во слободно време. Понекогаш знам и да насликам по нешто, а доста ме исполнува и цртањето модни креации.

На крај од ова интервју сакам да им ја честитам Новата 2019 година и да им посакам многу среќа здравје и љубов  на сите читатели на Hashtag.mk  и на сите познати и непознати сограѓани, останете и во Новата година со безгрижни насмевки на вашите лица. 

Б.М.


Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: