Меѓу најдобрите 2% во светот: Димитар Џорлев - момчето кое освои „Златна почест“ во областа на астрономија и астрофизика
Во конкуренција од преку 80 држави, на светски натпревар по астрономија и астрофизика, Димитар Џорлев од Струмица - ученик во СОУ „Јане Сандански“ - Струмица, ја освои наградата „Златна почест“, со тоа влезе во најдобрите два проценти во светот во таа област и е единствениот во Македонија кој ја има добиено таа награда.
Ова не е првиот успех на Димитар, тој досега учествувал на бројни натпревари, Европски и Светски Олимпијади по физика, математика.
Во интервју за Хаштаг открива какво е чувството да се биде меѓу најдобрите 2% во
светот, во областа на астрономија и астрофизика.
Димитар е скромен и вели дека после секој освоен медал или награда
чувството е прекрасно и така и после ова е многу среќен и исполнет.
„Секогаш за
мене е гордост да се постигне нешто големо и да се претставува Македонија. Но,
после секој натпревар се посветувам на наредниот и радоста ја оставам за
периоди кога нема натпревари“ - вели Димитар.
- Интересот за астрономијата кај мене се јави уште кога бев мал гледајќи ги небото и ѕвездите навечер и восхитувајќи се на вселената. На таа возраст почнав да читам енциклопедии и книги и да ги осознавам тајните на вселената - се присеќа успешниот гимназијалец на самиот почеток, кога кај него за прв пат се појавил интересот за астрономија.
Димитар ни раскажа дека никој од неговото семејство не се занимава директно со астрономија, но вели дека тој е многу благодарен што неговите родители секогаш знаеле како да одговорат на неговата љубопитност и да му помогнат уште повеќе да навлезе во тоа поле.
- Да се натпреваруваш во области како природни науки на високо ниво е многу стресно и бара голема посветеност. За да се постигне голем резултат освен работа и труд потребно и желба и љубов кон тие области. Јас уште од мал имав голем интерес за математика и физика, астрономија и натпреварите ми се дополнителен мотив да се занимавам со наука.
Димитар Џорлев досега учествувал на бројни натпревари, Европски и Светски Олимпијади по физика, математика, бил дел од репрезентации и ја претставувал Македонија на меѓународни олимпијади по физика на сите претходно организирани натпревари од Друштвото на физичари на Македонија.
- Можам
со гордост да кажам дека сум бил дел од сите репрезентаци по физика на
Македонија на кои сум можел да учествувам. Тоа се Интернационалната Јуниорска
Олимпијада по физика, хемија и биологија 2018 која се одржа во Боцвана и на
која освоив бронзен медал, Европската Олимпијада по Физика 2019 во Латвија,
Светската Олмпијада по Физика 2019 во Израел на која бев еден од најмладите
учесници. Оваа година учествував и на Европската Олимпијада која поради пандемијата
од корона вирусот не се одржа во Романија и беше одржана online со надзор од
комитетот на олимпијадата. Исто така минатиот декември на меѓународната
Експериментална олимпијада по физика бев прогласен за апсолутен шампион.
Европска олимпијада по физика - Рига, Латвија / Светска олимпијада по физика - Ерусалим, Израел
Освен олмпијадите по физика, имам учествувано и освојувано медали и на многубројни меѓународни олимпијади по математика меѓу кои и Јуниорската Балканска Олимпијада по Математика 2018 која се одржа на островот Родос, Грција на која освоив бронзен медал.
Димитар вели дека за секој натпревар различно време посветува на подготвување, бидејќи сите
натпревари не се со иста тежина. За натпреварите на општинско и регионално ниво
спремањето не е интензивно, но веќе за државните натпревари и олимпијадите
треба повеќе работа и труд. Тој раскажува дека за ваквите натпревари спремањето трае со недели, неколкучасовно учење, а на неколку дена пред натпреварот е поважна и психичката
подготвеност - потенцира Димитар, додека пак за меѓународните олмипјади подготвувањето трае цела
година бидејќи тие се најобемни и најтешки.
По завршувањето на средното образование желба на Димитар е да се запише на некој од најдобрите универзитети во светот како МИТ,
Харвард, Оксфорд, Кембриџ, Стенфорд итн.
- Сакам да бидам на место каде што би можел
уште повеќе да се надоградувам и да го развивам мојот талент и да ги
надополнувам моите знаења од природните науки и техниката, за потоа да можам да
ги искористам во градењето на мојата професионална кариера.
Вели дека за 10 години од сега, не би можел со точност
да каже што точно би работел, бидејќи неговите интереси се во многу сфери како
роботика, инженерство, астрономија, програмирање, генетика, итн (области
поврзани со математика, физика и информатика).
- Со сигурност можам да кажам
дека која и област да ја работам би работел на подобрување и олеснување на сите
сфери на живеење и откривање на се уште неоткриените тајни на природата.
Гимназијалецот вели дека има време успешно да се
посвети и на другите училишни предмети, бидејќи како што вели тој „Секогаш кога времето е убаво испланирано
може се’ да се постигне“.
- Се трудам секогаш освен ангажманите околу натпреварите
да имам слободно време и за дружење, играње кошарка, гледање филмови, свирење
клавир, итн. Во училиште сум секогаш со одличен успех и немам проблеми со ниту
еден предмет бидејќи во се’ наоѓам нешто интересно кое го привлекува моето
внимание.
*Љ.И