Младите кои пораснале без родители сега се под наша закрила: Цеце Николова за работата на Здружението „За тебе“

Младите кои пораснале без родители сега се под наша закрила: Цеце Николова за работата на Здружението „За тебе“

Објавена во: Stars // Интервјуа

Оваа година е пред самиот крај и сега сите ги собираат впечатоците од истата. Иако мислењето на многумина е дека оваа година е нешто слично на „катастрофа“, сепак истата имаше многу светли точки. Една од тие светли точки е и Здружението за помош и поддршка на деца без родители „За тебе“.

Истото почна да работи оваа година и е прва непрофитна организација во нашата земја која работи со млади лица кои пораснале без родители. Полека, но сигурно од Здружението се трудат да им помогнат на сите млади од оваа категорија и да ги изведат на вистинскиот пат.

Пред крајот на годината, Цеце Николова, која е претседател на Здружението, за Хаштаг раскажа што сѐ успеале да постигнат од зацртаните цели за оваа година и кои се нивните идни планови. Таа посочи дека досега можеби немаат помогнато на многумина, но дека особено ја радува фактот што бројката континуирано расте.

#Од каде идејата да отвориш вакво здружение? Дали можеби твојата животна приказна те инспирираше и поттикна за да се одлучиш за овој чекор?

Идејата за „За тебе“ е сосема разбирлива, ако се земе предвид фактот дека младите во социјален ризик се група на луѓе кои се целосно заборавени - и од општеството и од институциите. Зборувам за лицата кои до 18-годишна возраст имале статус на дете без родители. Пораснале во некаков облик на згрижување, но, што потоа? Затоа и се формираше ова Здружение за помош и поддршка на деца и млади без родители и родителска грижа. Отсега тие се во наша закрила. И, да, секако дека мојата животна приказна дополнително придонесе да бидам еден од основачите на ваква организација.

#За што точно се заложува здружението?

Главните две компоненти со кои се занимаваме и допрва ќе се занимаваме, се постојано вработување за младите во социјален ризик и домување. Се разбира, попатно се појавуваат и многу други предизвици со кои тие мора да се соочат како лица пораснати без родители, но затоа постоиме ние, за заедно со нив да ги надминеме.

#На кој начин ги одбирате младите на кои им помагате?

Всушност не ги бираме. Младите кои пораснале без родители и сè уште не успеале да пронајдат место за себе во системот на оваа наша мала земја, нè контактираат, и потоа ги остваруваме потребните средби за да направиме план што понатаму. Приказните и потребите на секој од нив се различни, па соодветно на тоа им го даваме потребното внимание, разговор, едукација, помош при вработување, донации - каква и потреба да имаат, на која ние можеме да одговориме.

#Постоите само неколку месеци. На колку млади луѓе, кои се речиси оставени самите на себе, успеавте да им ја вратите насмевката на лицето?

Бројката на млади во социјален ризик на кои досега сме им помогнале е навистина мала, но од ден на ден се зголемува. Ако пред некој ден реков дека им помогнавме на 20 - тина лица досега, еве, само неколку денови подоцна, уште 10 - тина млади веќе чекаат некаков тип на поддршка од нас. Гордо би кажала дека на голем дел од нив повторно им ја вративме вербата во себе. Тоа се млади кои се желни некој да им даде шанса да се докажат, да ги покажат своите квалитети, да направат нешто повеќе од себе.

#Од кој добивате најголема поддршка?

Изминатиов период најголемата поддршка ја добиваме од индивидуалните донатори и неколку приватни компании. Бројката на пријатели во нашето „За тебе“ семејство постојано расте, потребата на граѓаните да им помогнат на овие лица секојдневно е сè поголема, а со тоа нашата мисија полека, но сигурно се исполнува.

#Новата година е на прагот, кои се идните планови на здружението?

Најпрвин, сакаме успешен завршеток на нашата Новогодишна кампања „Биди и ти Дедо Мраз“, во која собираме подароци за овие лица - храна, хигиена, новогодишни пакетчиња, облека, апарати за домаќинство... Со тоа би им дале уште една причина повеќе на овие млади дечки да веруваат во организацијата „За тебе“, за потоа заедно, со нови сили и нови проекти, наредната година да ја направиме уште поплодна и поуспешна.


#Бидејќи сега сите повеќе или помалку ги дрма новогодишното лудило, има ли некоја Нова година која никогаш нема да ја заборавиш?

Има една тажна Нова година која никогаш нема да ја заборавам. Но, најважно е да научиме да се справуваме со животните ситуации, колку и тие да се тешки и да ги избираме правите луѓе кои ќе бидат во нашето тесно опкружување.

#Која е твојата новогодишна желба?

Мојата најголема желба е што поскоро да го испратиме ова лудило наречено „2020-та година“ и повеќе никогаш да не нѝ се повтори.

#Новогодишна порака до читателите?

Да останат во добро здравје, да ги чуваат најблиските и никогаш да не се плашат да им кажат колку им значат. И, најважното. Да направат малку простор во нивното срце за младите без родители - ако ние не ги сакаме и примиме во нашите животи, тие засекогаш ќе останат заборавени.

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: