Момчиња и девојчиња: Љубовни маки
„Дечки, каде се Филип и Борјан?“ - прашува Сергеј, додека се обидува кошаркарската топка да ја врти на еден прст, како што тоа го прават славните кошаркари.
Јован пребарува некоја песна на телефонот и само ги поткрева рамениците, а девојките запираат со дрдорењето и се загледуваат во Сергеј.
„Филип е во некое ќоше со Јована“ - се смее Марија - „Ја црта, а таа ептен е сериозна додека му позира, иако очите ќе ѝ истечат од зјапање во него“.
„Колку е смотан“ - се издишува Ина - „Ич не му текнува да ја покани да одат во кино или на сладолед“.
„Каков сладолед во декември“ - превртува со очите Нина, додека си размислува колку му е убава новата јакна на Сергеј.
„Ќе го поднаучам некои финти како да се однесува со девојчињата“ - се прави важен Јован и мангупски поминува со раката низ коса.
„Еј, сега ми текна“ - извикува Сергеј, а топката му се лизга од прстот и паѓа на ногата на Нина, која не само што не се лути, туку му се насмевнува - „Борјан ја пречекува братучетка му од Америка, дојдена е на неколку недели во Скопје„ - и веднаш ѝ се извинува на Нина, попатно гледајќи ја збунето.
Теди ги гледа двајцата и одмавнува со главата, прашувајќи се кога ќе се одважат да си кажат дека си се допаѓаат еден на друг.
„Еве го Борјан“ - вели Марија и ја крева раката за да го викне. Борјан наближува во друштво со едно убава синоока девојка, која срамежливо ги гледа сите. Јован е загледан во телефонот и не ја крева главата.
„Друштво, ова е Ангела“ - ја
претставува Борјан својата братучетка - „Живее
во Америка, во Мајами и ќе нѐ дружи неколку недели.
Бидете фини и културни, да не ја уплашиме уште првиот ден“ - ги задева другарите. Девојките веднаш се опуштаат и
во знак на поздрав ја гушкаат Ангела. Сергеј се поздравува и со лактот го
поттурнува Јован да биде пристоен и да се поздрави.
Јован ја крева главата и застанува како погоден од гром. Ангела му се насмевнува и ја пружа раката, а тој сиот збунет промрморува - „Hello, my name is Jovan“.
„Да, знам“ - вели Ангела со насмевка - „Борјан ми има раскажувано за сите, се чувствувам како да ве познавам одамна. И ако сакаш, може да зборуваме на англиски, иако нема потреба“ - го задева Јован, кој со подзината уста зјапа во нејзините очи.
Нина прснува да се смее, а по неа и сите други, додека Јован за прв пат во својот живот поцрвенува пред девојче.
Доаѓаат Филип и Јована. Јована сомнително ја гледа убавата Ангела и ѝ олеснува кога Филип отсутно ја поздравува и продолжува да го сенчи цртежот за кој сите се сложуваат дека е прекрасно нацртан.
„Ангела, денес се собираме кај мене“ - вели Нина - „Иако не е сабота, ќе се преспива во мојата соба. Донеси вреќа за спиење, шминки, лакови за нокти и пижами. Ќе ги озборуваме мангупиве тука и ќе се забавуваме. Јована, дојди и ти ако сакаш, ќе се стуткаме некако“ - ѝ намигнува на Ангела, која е воодушевена од идејата, а Јована поцрвенува од среќа дека е примена во клубот.
„Момци, а ние кај ќе шетаме вечерва?“ - прашува Сергеј и ја гледа под око Нина која си ги чисти наочарите.
„Мене никаде не ми се шета“ - како од пушка одговара Јован - „ајде дојдете и вие, па ќе гледаме некој натпревар“.
„Јован се затреска“ - ѝ шепнува Теди на Нина - „Види го, не личи на себе“.
„Абе ваков го немам до сега видено“ - одговара Нина - „Целиот е збунет и на англиски почна да ѝ зборува“ - се обидува Нина да го прикрие кикотењето - „Ако му е, нека види малку како е да си вљубен, за да не се задева после“ - мудрува додека размислува како да се намести собата за да можат сите да спијат на земја во вреќите, земајќи го предвид и Бак, кој ќе сака да се гали со сите.
„Дечки, во 6 сите кај нас“ - вели Јован.
„Уште малку и овие двајцата ќе нѐ избркаат од дома“ - вели тато, додека со мама се спремаат за излегување - „Не ме чуди некој ден и бравата од надворешната врата да ја сменат“.
Мама става кармин и се смее - „Ако, види колку убаво се дружат, а и ние се подмладуваме покрај нив “- го става капутот - „Децааааа, одиме на гости, не оставајте хаос. Ќе се вратиме пред полноќ, а вие до тогаш да сте в кревет“ - ја затвора вратата зад себе.
Нина и Јован се гледаат и кога звончето на вратата се огласува, истовремено извикуваат - „Дами и господа, забавата може да почне“.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Како девојчињата покажуваат дека ги интересираш?!
Момчиња и девојчиња: Вирус и љубов
Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар