Мурал за инклузијата го краси ООУ „Григор Прличев“ во Охрид
Муралот со љубопитно девојче, насликан на површина од 21 м2 на училиштето „Григор Прличев“ во Охрид, испраќа порака за инклузивност, прифаќање на различностите и емпатија со оние кои живеат со најразлични предизвици.
Муралот е симболичен подарок за крајот на учебната година од Халкбанк АД Скопје, која продолжува да испраќа важни општествено-одговорни пораки преку јавните простори.
Инклузијата е претставена низ духот на детската игра и отвореноста за различностите, а пораката се испраќа преку ѕидот на охридското училиште во центарот на градот.
- Муралите полека стануваат наш препознатлив знак. Избираме уметници со специфичен уметнички израз и активистички пристап. Овој пат им се обраќаме на најмалите, со цртеж за инклузијата. За нас таа не е поим, туку вистинска состојба на која секојдневно работиме и како банка, но и како поединци. Во нашите општествено-одговорни проекти, инклузијата е застапена на многу рамништа, со цел да ја подигнеме свеста за различните, за оние кои живеат со најразлични предизвици. Негувањето на вистинската свест за тоа дека секој човек е важен започнува од најмала возраст. Нашиот избор овој пат е пораката за прифаќањето да биде преку муралот како еден од најмоќните уметнички форми на едно од најубавите училишта во Македонија, ООУ „Григор Прличев“ во Охрид. Ова е наш симболичен подарок за крајот од учебната година за сите ученици, наставници и родители – потенцира Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Автор на муралот во Охрид е уметникот Трајче Павлов, кој се инспирирал од Охридското езеро и од водата како елемент:
- Сите ја доживуваме водата како нешто привлечно, ама и непознато. Едно девојче загазува во вода со желба да истражи и открие дали е ладна, длабока, убава и слично. Така гледам и на инклузијата и на емпатијата со различните од нас, со луѓето кои секојдневно живеат со предизвици поради нивните посебите потреби. Не секој има сила и желба да влезе во водата. Секако дека ако влезеш ќе се наводениш, но ќе ги видиш нештата и од другата страна. Секој различно гледа на различностите. Мене ме водеше духот на детската игра и детската отвореност. Децата најлесно ги прифаќаат поинаквите од нив. И додека цртав, тие доаѓаа до мене фасцинирани од големината на цртежот, од боите, од различните елементи. Се обидов да го доловам акварелниот ракопис, неговата пастелност и лазурност и тука повторно сакав да се доближам до детската фантазија. Кога цртам и јас сум дете – вели Павлов, кој на муралот што е на површина од 21 квадратен метар работеше цела седмица.
Водејќи се од слоганот „Важни се луѓето“, Халкбанк постојно е со заедницата, облагородувајќи го просторот за живеење, работење, спортување или учење преку силни и моќни пораки. Компанијата својата општествена одговорност ја насочува кон клучни општествени предизвици: екологија, развој на креативност, инклузија и спортот.
Муралот за инклузивноста во Охрид е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“.
* ПР - објава