Наместо недела да биде ден за одмор, во недела ќе се пере, суши, пегла: Драган Ѓуровски за моменталната ситауција во Македонија

Наместо недела да биде ден за одмор, во недела ќе се пере, суши, пегла: Драган Ѓуровски за моменталната ситауција во Македонија

Објавена во: Совети // School zone

Пред неколку дена се одржа ораторската вечер во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, на која осум ученици од училишниот клуб на оратори „Гарда на мудроста“ ги презентираа своите говори. Само тројца од нив добија една од наградата, а останатите си заминаа дома побогати за едно искуство и со желба за следната година да бидат помеѓу наградените.

Во продолжение ќе имате можност да го прочитате првонаградениот говор на Драган Ѓуровски, кој е ученик од трета година, на правниот смер. Тој за Хаштаг откри дека досега има учеството на повеќе оратоски вечери, па самото тоа потврдува дека важи за искусен оратор. 

Драган говореше за моменталната ситуација во нашата држава - од проблемот околу вакцинација, па сѐ до поскапувањето на цените на основните продукти. Целиот победнички говор може да го прочитате во продолжение:

„Сите сте со сертификати така? Вакцинирани сте или да си ја ставам маската? Лошо време дојде. Секој од секого да се чува. Па дезинфицирај ги рацете, па телефонот, па ќе ти текне телефонот си го фатил, ајде пак рацете. И така стравот не обзема, самоинцијативно си го уништуваме социјалниот живот, но најважно, се штитиме од Корона, а како што гледам и вакцините не заштитуваат од неа. 

Секако рака на срце, голема битка беше да ги обезбедиме вакцините. Но, по толку непреспиени ноќи успеавме. Ја скоцкаа математиката, кој, колку, од каде, што, како, и ги донесоа. Начелно имавме откажани вакцини, па тргнати од употреба, ама нема врска, давај ги тука, ќе поминат. Најпрво, вакцинацијата не е задолжителна. Ама скоро никој не се вакцинираше. И повторно не ги оставаме мирно да спијат! Мислеа и се сетија. За влез во кафеана, мора вакцина. Иако тие што одат во кафеана веќе се вакцинирани, но нема врска, народот го натераа да се вакцинира. Потоа, супер чувство, имаме примено вакцина, антитела, заштитени сме од Корона. И по 4 месеци тешка настинка, а тоа Корона да било. Значи вакцината гарантира влез во кафеана, но не и целосен имунитет против болеста? Па во тој случај, апсурдно и бесмислено е да се вакцинирам! И ајде некаде да влезам невакциниран? Ќе сносам казна. Па добро на некој начин мора да се полни буџетот. Не е дека нема пари во државата. Има пари за сѐ, економијата е стабилна, има пораст, а и „чушките многу родиа ваа година“. Од друга страна, ајде да ја погледнеме пазарната моќ, дали бензинот е 60 или 90 денари, дали зејтинот е 40 или 100 денари. Ваквиот режим на инфлација ја носи Македонија во пропаст, а сето ова се темели на неспособноста на корумпираните политички елити, кои освен што се менуваат едни со други, ништо друго околу себе не променија. Но, тие го имаат изговорот и за ова: „Така е секаде во светот, па и кај нас“. Заслужуваат аплауз. Го оставија тој изговор во минатото и конечно почнаа да си ја вршат својата работа, да слугуват на народот. Вештачки ги замрзнаа цените на лебот, брашното, зејтинот и со тоа магично се реши голем проблем. Но, потоа поскапе електричната енергија. Се укина дневната евтина тарифа и со тоа ни дадоа дополнителна мотивација да бидеме економични. За среќа во недела остана евтината дневна тарифа. Наместо недела да биде ден за одмор, во недела ќе се пере, суши, пегла. Скап е овој живот европски нели? И решението за инфлацијата и енергетската криза ќе ни е скромното подигање на рамениците и „Што да правиме. Ќе штедиме“. Ајде ќе штедиме, ама не знам од што би се заштедило. Ааа не! Извинете, сега се покачи минималната плата и има од каде да се заштеди. Да се надеваме дека по минималната ќе се покачат и сите останати плати, а тоа ќе резултира со отпуштања по приватните фирми. Но, таква политика и не ме изненадува од лица со морален банкрот, бидејќи тие се оперирани од срам и ги интересира само личниот профит. А, ние ќе продолжиме да живееме во системот кој ни налага да егзистираме од денес за утре како во некое гето. 

Моќта на ораторството е пораката да стигне на вистинското место. Мене ќе ми значат аплаузот и честитките кои ќе ги добијам по овој настан, но повеќе ќе ми значи доколку придонесам да настане некоја промена, промена која ќе ни донесе подобро утре и подобар животен стандард, затоа што состојбата во Македонија е навистина загрижувачка. Јас сум Македонец и моето место е во Македонија. Тука треба да живееме колку и да e тешко, и да работиме за добро на својата земја, бидејќи тоа им го должиме на идните генерации.“

фото: Клуб на оратори „Гарда на мудроста“

Може да ве интересира:

„Загубата на родител е острица која секогаш ќе ме потсетува колку животот е непредвидлив, краток и единствен“: Леонора Стојкова за најголемата трагедија за едно дете

Вистински патриот не се станува само со веење знамиња, туку и со користење на мајчин јазик: Моника Стојковска за јазичната несвесност и непознавање

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: