Нашиот реален општествен пејзаж е насликан и обоен со празни библиотеки и читални: Сара Нешкоска за „Книгите – некогаш главна атракција, сега, заборавена дестинација“
На почетокот на месецот се одржа 24-тата Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во конкренција од 14 говори, само 8 влегоа во финалето. Осумте оратори, на чело со нивните говори се бореа за една од четирите награди, а оние четири кои останаа без нив, не загубиле - туку само добиле мотив плус за следната година да бидат уште подобри.
Следниот говор, кој ќе имате можност да го прочитате на Хаштаг е говорот на Сара Нешкоска. Таа е студентка на постдипломски студии во петта година, на насока Односи со јавноста, модул – Корпоративно комуницирање на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
За себе вели дека голем вљубеник во говорништвото и дека лично на неа, Ораторските вечери ѝ будат уште повеќе инспирација и афинитет за да пишува, а преку пишаниот збор да се потруди да ја долови силата на сопствените реторички вештини. Сара говореше за „Книгите – некогаш главна атракција, сега,
заборавена дестинација“, а нејзиниот говор ќе може да го прочитате во продолжение:
Ако некогаш, библиотеките, книжарниците и читалните биле главна атракција, во денешно време, се заборавена и непосакувана дестинација.
Да, токму така. За ова, модерново, современо време Ви говорам. Оваа Ораторска вечер, дозволете ми да говорам, за ова современо општество, исполнето со лажен и маскиран фасцинизам и манипулизам, во коешто нема простор за книжевноста и литературата. Општество во коешто владее полуписменоста, како највисоко квалификувана. Како второрангирана е неписменоста, а на третото место е повторно полуписменоста. Нашиот реален општествен пејзаж е насликан и обоен со празни библиотеки и читални, во коишто доминираат само прашината и тишината. Купишта од книги, трудови, зборници, во исчекување, некој да изрази желба, посакувајќи да се подружи со нивната содржина. И, доколку, некогаш, постоеле фотографии од редици луѓе, ученици, студенти, кои чекале за да се послужат со потребната литература во библиотеките, сега сме сведоци на исти такви редици, но, во кафеани, локали, кафулиња... Немам ништо против последно наведениве, убаво е човек да се опушти, прославувајќи го животот, но, уште поубаво, би било, кога, сите ние, би креиралe еден компромис во којшто ќе го усогласиме културно-забавниот живот.
Зошто одличив да говорам на оваа, за жал, запоставена тема?
Затоа што, сметам дека ги преминавме сите лимити. Дозволивме, неписмените да менаџираат со нас, им ракоплескаме и наивно им се восхитуваме на нивните титули, после коишто сопственото име не знаат правилно да го напишат. На оние коишто зазедоа шефoвски позиции, а, книга со рака немаат пролистено. Лекторирање, рецензија и промоција на книга, им претставуваат непознати поими. Затоа што, ова, општествово наше, кое никако не можам да го сфатам, во кое малку беше што владеат нечовечноста, неетичноста, па уште куси беа и полуписменоста и неписменоста како додатни состојки, за манџата да биде уште поневкусна.
Насекаде приказни, со исто сценарио. Режисерот е истиот, само актерите се сменети. Каква корист ќе имаме од книгите, кога, ние како народ сме си надарени – природно интелигентни. Бидејќи книгите станаа прескапи, а, сѐ друго поевтино, ете затоа, нема да нѐ биде како нација, ете затоа, го достигнавме дното на дното.
Постојат статистики во коишто јасно стои дека, илјадници луѓе уживаат повеќе во пороци отколку во читање книги, бројот на млади лица коишто никогаш не читале, се зголемил три пати повеќе од претходните години. Покрај тоа што поминуваме часови пред својот смартфон, никако не одвојуваме минута време, ниту за печатена, ниту за онлајн книга. Од ваковиот аспект, многубројните истражувања, спроведени на испитаници, тврдат дека, читањето книга е мета на потсмев и жртва на критика.
Но, без разлика на секоја критика и сугестија, колку и да имплицираат, јас стојам зад својот став. Став, со кој тврдам, една жена, никогаш не е осамена во друштво со добра книга, а еден маж, треба да се потруди повеќе да чита, за да умее, како да се справи со жената, којашто е љубител на пишаниот збор.
Затоа што, во пишаниот збор, безброј мисли се пренесени, исто толку знаења се совладани, вистини разоткриени, идеи преточени и предлози дадени. Корисно би било, да дадеме сите по еден предлог и едни со други се поттикнеме што повеќе да им веруваме на книгите. Мојот предлог би бил:
Како мал потсетник, на корицата од секоја книга, нека доминира:
- Kнигите се Ваш пријател, читањето неможе да убие!
фото: Правен факултет
Може да ве интересира:
„Тоа што го твориме во овој век ќе го обликува и наредниот“: Савче Ѓошева „За изгубените вредности“
„Дајте државата нека им помогне на нашите луѓе“: Дамјан Стоименовски „За лицата со посебни потреби“„Сакам да ме слушне народот. Таму долу кај Гевгелија, Дојран и мојата Струмица“: Ивана Крстова за „Револуцијата на свеста“