Не дозволивме матурантите да бидат оштетени: Сојузот на средношколци експресно реагираше во врска со проблемот околу државната матура

Не дозволивме матурантите да бидат оштетени: Сојузот на средношколци експресно реагираше во врска со проблемот околу државната матура

Објавена во: Интервјуа, School zone

Во февруари оваа година Сојузот на средношколци и Министерството за образование постигнаа компромис во врска со полагањето на државната матура. Тогаш, претставниците од Сојузот имаа средба со премиерот Зоран Заев, пратеничката Зајкова и советникот на премиерот Тасев, на која донесоа одлука да го прифатат решението.

„Овој компромис предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно. Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6) и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени.“ - во соопштението кое го споделија на социјалните мрежи, тогаш посочија од Сојузот.

Како уште една точка од договорот кој се постигна во февруари беше и онаа во која се вели дека „училиштата се должни да ги споделат материјалите за интерните испити и банки на прашања, најдоцна три недели пред денот на испитот. Истите да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања“. Но, Сојузот во понеделникот излезе со соопштение во кое истакна дека матурантите од некои средни училишта во државата се соочиле со професори кои не сакале да ја почитуваат оваа точка од договорот.

По тој повод, поразговаравме со претставниците на Сојузот на средношколци, кои за оваа ситуација сметаат дека и не е некакво организирано делување.

„Сметаме дека ова се дела на неколку изолирани случаи на професори. Не мислиме дека станува збор за некакво организирано делување. Јавноста знае дека постојат авторитарни професори кои мислат дека се апсолутни монарси во училницата. Ова е и една од причините зошто постои Сојузот – за да се залага за еднаквност на учениците во образовните процеси. Со тоа што ги известивме институциите им ставивме до знаење на професорите дека секој мора да го почитува договореното.“

Експресната реакција од страна на Сојузот на средношколци допринесе за сево ова да не влијае врз матурантите кои ќе полагаат државна матура, а воедно и да не бидат оштетени.

„Сето ова дефинитивно можеше сериозно да им наштети на матурантите. Ќе создадеше чувство на несигурност и анксиозност. Не може учениците да мислат дека сме постигнале договор, а договорот да не се спроведува. Токму затоа експресно реагиравме кај институциите. Професорите ќе ги направат банките за прашања и дел од тие прашања ќе бидат дел од интерните испите. Не дозволивме матурантите да бидат оштетени, така што матурантите сега треба да се фокусираат на повторување за испитите, знаејќи дека овој проблем е решен“ - уверуваат од Сојузот, а потоа додадоа:

„Од канцеларијата на премиерот добивме известување уште истиот ден дека веднаш ќе стапат во контакт со надлежните институции за да го решат проблемот. Државниот испитен центар излезе и со јавно соопштение дека тие ќе се осигураат дека договореното решение за државната матура ќе биде испочитувано. Веруваме во дадените гаранции.“

Оваа ситуација е уште еден доказ дека Сојузот на средношколци будно ги следи случувањата и сите проблеми на средношколците.

„Ги охрабруваме сите средношколци да ни пристап со нивните проблеми и прашања, а ние, како и секогаш, ќе направиме сè што можеме за да им помогнeме на средношколците“ - како за крај истакнаа од Сојузот на средношколци.

И. Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, School zone

Можеби ќе ве интересира: