Од Апасиев и Груевски, до Карлеуша, Ди Каприо: Велешанката Андријана е кралица на трансформациите
Андријана е девојка од Велес која има огромна љубов кон шминката и моќта на шминката воопшто, но пред сè има неверојатен талент да се трансформира во која личност и да посака - буквално.
Од македонските политичари, актери, пејачи, сè до регионалните и светски познати ѕвезди, а кога доаѓа време за маскенбали и карневали, нејзиниот профил на Инстаграм е вистинска ризница.
Во интервју за Женски магазин, Андријана ни открива многу интересни факти за нејзината пасија. Интересно е што порано за една трансформацијата ѝ биле потребни две години да дојде до решение како да ја изведе маската, но со тек на време научила и најтешките маски да ги прави за неколку часа.
Најбарани и најсмешни за нејзините следбеници, се нејзините трансформации во македонските политичари, „мислам, на кој не би му било интересно да биде Груевски или Амди Бајрам на еден ден?“ - се шегува Андријана и додава дека секогаш добива позитивни реакции на тие трансформации.
Андријана трансформирана во Груевски, Катица Јанева, Амди Бајрам и Димитар Апасиев:
- Шминката има огромна моќ. Тоа за мене одсекогаш било фасцинантно и инспиративно. Замислете со помош на две нијанси, посветла и потемна од сопствениот тен, можеш да се претвориш во друга личност. Тоа за мене е нешто неверојатно и навистина сум благодарна за овој талент што го имам. Јас лично преку шминката ги изразувам моите емоции, како и сите артисти. Немам некоја цел кога станува збор за што точно сакам да постигнам со моите трансформации, едноставно уживам додека се шминкам и се претворам во друга личност. Ако има нешто што сакам да постигнам, тоа е да ги инспирирам младите шминкери да пробаат нешто ново, да не се плашат од грешки затоа што така се учи, да учат нови работи за да напредуваат и секако да уживаат во процесот.
За најпредизвикувачкиот и најтешкиот изглед кој досега го направила ѝ требале две години да дојде до решение како да го изведе
- Пред да ги направам Halloween маските, трансформацијата во The mask или Jim Carry ми беше нај голем предизвик. Ми требаше буквално 2 години за да дојдам до решение како да ја изведам. Сега, истото го правам за 3 часа. Научив многу нови техники и со многу импровизирање направив дупло потешки маски. Така да, можам да кажам дека сум горда на Halloween маските, посебно на The night king од Game of thrones, Venom, Voodoo куклата и Hedgehog маската. Тие беа тешки за правење но после многу труд, успеав.
Секоја маска ѝ одзема различно време - од час, два до два-три дена
-Ако маската е покомплицирана, обично ја правам на face cast, тоа е гипсена форма од мене што ја направив пред неколку години. На неа можам со денови да моделирам, обликувам, лепам и се друго што ми е потребно да направам маска. Навистина е од голема помош.
Андријана трансформирана во Џамбазов, Карлеуша, Анџелина Џоли.
Трансформациите во наши политичари се едни од најкоментираните, но и најбарани од Андријана, а во истите таа се вложува и со глума
- На секоја трансформација имам различни реакции. По тоа што јас можам да забележам е дека трансформациите во македонски политичари им се најсмешни и најинтересни на моите следбеници. А и мене исто. Мислам, на кој не би му било интересно да биде Груевски или Амди Бајрам на еден ден. Во секој случај, секогаш се позитивни реакциите и баш се радувам на тоа.
Со нејзиниот талент и креативност, beautyanica стана позната регионално, но и пошироко, иако живеела и надвор од Македонија, вели дека овде ужива најмногу и не би одела пак настрана
- Сум работела во Театар во Велес и Штип. Работам на претстави, секогаш е различна шминката и секогаш ми е забавно да работам и креирам за нив. За во филмска индустрија или некаде настрана од државава не сум имала желба и не планирам да одам. Сум живеела во Шведска две години и се вратив бидејќи сакам да живеам овде, во Македонија. За разлика од многу луѓе, јас не би живеела настрана . Уживам овде, го работам тоа што го сакам, снимам видеа и го покажувам тоа што го можам преку нив. Тоа ми е сосема доволно.
Трансформациите ги прави веднаш штом ѝ дојде идеја, а она што ѝ е важно, е дека има премногу желба и инспирација периодов за снимање така да очекувајте многу разни маски и трансформации од неа
Но, освен шминката, обожава да креира, црта, се занимава со градинарство и ужива да готви. Вели дека после шминката, готвењето ѝ е втора љубов. Сака да експериментира со вкусови и да пробува нова храна. Истата пасија кон готвењето ја дели со нејзиниот сопруг, па така најомилен дел од денот им е да готват заедно и да креираат нови рецепти.
фото и видео:instagram/beautyanica