По само 2 минути сликата во мојата соба беше расплакана мајка, тажен син и расипана Нова година: Стефан Лазаров за првиот дочек со другарите

По само 2 минути сликата во мојата соба беше расплакана мајка, тажен син и расипана Нова година: Стефан Лазаров за првиот дочек со другарите

Објавена во: Stars // Интервјуа

Нешто повеќе од една недела нѐ дели од стартот на Новата година. Празничната магија веќе наголемо владее насекаде – се украсуваат домовите, се купуваат подароци за најмладите, се одбира идеалното место за дочек, се собираме со семејството...

Како деца сите повеќе или помалку верувавме во дедото со бела брада, дедото кој ни ги исполнува желбите, дедото, кој зад кој всушност се кријат нашите родители, кои со години се трудат да го сочуваат митот за него. За тоа кога престанал да верува во Дедо Мраз, за омилениот новогодишен подарок, но и за првиот дочек на Новата година со пријатели зборувавме со позантиот македонски јутјубер Стефан Лазаров.

Го навративме во детството и тинејџерските години, а тој како и досега, искрено ни ги одговори сите прашања и сподели интересни детали од тој период во животот.

# До колку години веруваше во Дедо Мраз и кога сфати дека тој всушност не постои?

Колку што ме држи сеќавањето сигурно до кај 6-7 години верував дека постои. Моите една Нова година донесоа свој пријател облечен како Дедо Мраз и јас бев многу итар и сакав да видам дали е вистински и тогаш му ја потегнав брадата и видов дека не е тој сепак. Го препознав и си стоев разочарано. Имам и слика од таа година.

# Кој ти е омилен новогодишен подарок што го имаш добиено?

Дефинитивно Play Station 1. Мајка ми таа година се сеќавам дека ми вети доколку продаде многу третмани во нејзиниот салон за убавина Тренд АС дека ќе ми го купи новиот, и така испадна. Продаде многу, па Стефан беше среќен и задоволен.

# На колку години за првпат ја дочека Новата година со друштво? Какво искуство беше тоа?

Првпат со друштво славев на 11 години, а се собравме во мојата соба. Бевме повеќе од 10 другари и секој седеше кај ќе најде место. Мајка ми беше полудена од нас таа вечер зошто пукавме петарди. Направивме сериозна беља. Купивме петарди што пукаат по три пати и една несакајќи влезе во чаша со сок. За жал третиот пат пукна во чашата и се распрска на цел ѕид, но среќа никој не беше повреден. Е, сега после само 2 минути сликата во собата беше, расплакана мајка, тажен син и расипана Нова Година... Сепак, од грешките се учи.

# Кој дочек досега никогаш нема да го заборавиш?

Најубав и најбезгрижен ми беше на 15 години кога се собравме прв пат друштво со девојчиња и за моја среќа дојде девојчето што ми се допаѓаше. И мангупот Стефан тогаш за прв пат фати женска која после три дена од таа вечер му раскина. Но, искрено си поминав стварно убава вечер и мислам дека баш таа вечер ми е и првото пијанство од 2 пива и една вотка (хахаха)

# Дали и денес се радуваш на новогодишни пакетчиња?

Кој човек не се радува на подарок. Како мал секогаш се радував, но реален да бидам денес се радувам кога јас ќе подарам на малите дечиња и си се пронаоѓам во нивните насмевки. Нема поубаво чувство...

# Што им подаруваш ти на саканите луѓе за Нова година?

Па, во принцип се секогаш ситници, но подарувам. Не ми текнува некој подарок да го издвојам. Сепак и мала работа да е, сметам дека битно е вниманието и да покажеш дека ти значат...

# Што е она што сакаш да го оставиш во 2021, а што би си посакал за новата 2022 година?

Имав многу успешна година, искрено најуспешната во мојот живот. За моја среќа и немам многу работи што би ги оставил, ете ако може да ја оставам пандемијата и повеќе никогаш да не ја видам. Има таква опција? Би си посакал да имам поуспешна година, истите луѓе кои се сега до мене да бидат и на крајот на 2022. Имам најдобри пријатели, девојка, родители, сестра.... Ќе си посакам здравје, а сѐ друго се прави.

# Како ќе ја прославиш оваа Новата година?

Ќе ја прославам многу пијано, безгрижно и во кругот на најблиските. Искрено, ова ми е првата Нова Година после 4 години на која нема да работам. Така да пушти бригу на весеље и ај со среќа нека ни е на сите.

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: