„Порта Европа“: „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер е роман за неприпадноста и отуѓеноста

„Порта Европа“: „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер е роман за неприпадноста и отуѓеноста

Објавена во: После „Школо“ // PR

Романот „Приказна за духовите“ од австриската писателка Лаура Фројденталер, кој е добитник на наградата на Европската унија во 2019 година, беше претставен со онлајн-промоција вчеравечер (27 јуни), на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“. Тоа е едно од делата за кои на конкурс се избираше дизајн за корици за едицијата „Порта Европа“. Победничкото решение на Лара Маринковиќ се најде на корицата на книгата што неодамна излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
Романот „Приказна за духовите“ е трет наслов од едицијата „Порта Европа“ што го објавува и го промовира издавачката куќа „Арс Ламина“ и кој е кофинансиран од Европската унија.  Покрај авторката Фројденталер, на онлајн-претставувањето зборуваа и уредничката на книгата Бисера Бендевска и Ксенија Чочкова, која го преведе романот од германски јазик.

„Приказна за духовите“ е роман за тишината во животот на средовечната професорка по клавир Ан, што се појавува ненадејно откако одлучува да земе слободна година од училиштето во кое работи, за да му се посвети на свирењето и на подготвувањето учебник за наставата. Токму кога се чини дека непречено ќе може да им се посвети на нештата што ги сака, Ан ја опседнуваат немири. Томас сè почесто е отсутен од домот, веќе извесно време престојуваат во различни соби и сè поретко разговараат. Постепено, слободното време се претвора во тесен затвор за Ан, во кој почнуваат да се вселуваат звуци и привиденија што целосно ја обземаат и ја измачуваат.

Уредничката Бендевска истакна дека „иако се чини дека е маргинална тема зад очигледната тема за средовечна криза во бракот, токму во темата на невдоменоста се крие мотивот за големиот пресврт во животот на Ан“. Таа е Французинка која се преселила во Австрија и повремено чувствува непријатност поради несовршеното зборување на германскиот јазик, поради губењето на личниот идентитет (од Ан, станува Ане, како што се изговара на германски нејзиното име...) што потоа се трансферира и во заедничкиот дом со Томас. Дури и таму чувствува неприпадност и отуѓеност.

– Невдоменоста, иако често не е во центарот, во смисла дека не се раскажува и не се објаснува за неа, сепак не е маргинална тема. Таа е една од основите, еден од столбовите, според мене она што се опишува е несигурноста на површината на којашто стои овој живот. Оваа површина ја носат различни столбови. Еден од овие столбови е свирењето клавир, еден е врската со Томас, а еден столб што дава потпора е јазикот и потеклото, кои се неразделно поврзани. Тоа е нешто што кај Ан има особена улога од пред дваесет или дваесет и пет години, преку оваа промена, преку ова пуштање корени на некој начин. Според мене, таа добро се справува со оваа промена, двојазичноста е исто така дел од идентитетот, како и припаѓањето на две култури. Но, во моментот кога таа почнува да се колеба за многу работи, ова станува проблематично. И сето тоа има врска и со станот, тука метафората за површината и основата се проширува и се пренесува и на ѕидовите – рече писателката Фројденталер.

На прашањето со какви други теми се занимава во своето творештво и каква функција има за неа пишувањето, авторката одговори:
– Секоја книга има свои тематски, содржински клучни зборови, со кои може да се опише. Не би зборувала за генерални теми, туку повеќе за фокуси, обиди или еден обид што трае. И за овој обид постојано наоѓам нови форми. Но, она за што се работи е секогаш истражување на перцепцијата. Секогаш станува збор за најпрецизно истражување за тоа што е перцепцијата и како може да се преведе во јазикот... Ме интересира да го раздвижам она што е надвор и внатре, она што е во психата, душата и материјално или физичко, како со феномените во станот. Зашто ми е важно секогаш да отворам повеќе од она што го означуваме како реалност, сеедно што точно знаеме дека не постои како такво – рече таа.

Преведувачката Чочкова истакна дека, и покрај сложениот текст на романот, воопшто не се мачела додека го подготвувала преводот:
– На некој необичен начин навистина уживав преведувајќи го романот, бидејќи приказната целосно ме понесе. Темата на бездомноста лично ме погоди, бидејќи често и јас се чувствувам токму така, бидејќи живеам во Германија, па се враќам Скопје и повторно доаѓам тука. Кај мене постојано е присутна таа потрага по домот. Имаше многу предизвици при преведувањето, бидејќи реалноста се меша со тоа што Ан го доживува во тој стан. Лаура има многу остар стил на пишување и многу јасна мисла и затоа беше многу едноставно да се преведува нејзината книга. Додека ја читав книгата размислував како да го пренесам тоа чувство на острина во пишувањето, а да не премине текстот во некоја патетичност, бидејќи имав чувство дека писателката не би сакала да биде така – рече Чочкова и додаде дека при преводот на насловот (бидејќи може да има повеќе значења) на почетокот „Приказна за духовите“ било само работна верзија. Сакала првично да го преведе цел роман, па потоа да му се наврати на насловот. Но, се покажало дека ова е најблиску до идејата на писателката.
Лаура Фројденталер е родена во 1984 година во Салцбург. Студира и дипломира германски јазик и литература, философија и родови студии. Авторка е на збирката куси раскази „Черепот на Медлин“ (2014) и на романите „Кралицата молчи“ (2018, добитник на литературната награда на градот Бремен) и „Приказна за духовите“ (2019, добитник на книжевната награда на Европската унија). По престојот во Франција, од 2009 година живее во Виена.

Ксенија Чочкова е родена во 1979 година во Скопје. Дипломира на катедрата за германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Денес живее и работи како книжевен преведувач и менаџер во културата во Баден-Баден, Германија. Досега има објавено повеќе од 30 преводи. Во нејзин превод се објавени авторите: Зигфрид Ленц, Бернхард Шлинк, Јулија Франк, Елфриде Јелинек, Бертолт Брехт, Кристоф Хајн, Штефан Цвајг, Елијас Канети, Роберт Валзер, Роберт Музил и други. За своите преводи е наградена со повеќе стипендии.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Промоцијата на книгата можете да ја погледнете ОВДЕ.

ПР објава


Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: