Преку онлајн настава му укажував на недостатоците: Проф. Милица Шкариќ за соработката со младиот пијанист Арда
Претходно овој месец имавте можност да го прочитате интервјуто со младиот и талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој за Хаштаг откри детали за неговиот најголем сон – да биде примен на реномираниот Факултет за музика и театар на Универзитетот во Хамбург, каде што ќе го продолжи своето образование.
Во исполнувањето на овој сон, како што откри и самиот тој најмногу му помогнала професорката Милица Шкариќ, која неговиот талент го препознала на натпреварувањата на кои што Арда се појавувал, а таа била во жирито.
Професорката Шкариќ од еден сосема поинаков агол, од аголот на еден педагог, ни откри каков ученик е Арда, како започнала нивната соработка, но и како течеле подготовките за овој голем успех на младиот и надежен пијанист.
# Како дојде до соработка, односно до моментот за токму вие да го подготвувате Арда за ова ново животно искуство?
Арда го следев уште од мал, а на два натпревари каде тој се натпреваруваше бев во жири. На првиот натпревар тој уште беше мало момче и во неговата категорија го освои максималниот број на поени. На вториот натпревар веќе имаше 16 години и тука уште повеќе дојде до израз неговиот музички и пијанистички потенцијал. Откако ја понесе првата награда на овој натпревар, му пријдов нему и на неговите родители. Им посочив во која музичка средина би било најдобро да студира, базирајќи се врз моето музичко и животно искуство стекнато во Франција, Германија и САД. Во светот постојат огромен број Факултети за музичка уметност, но ретко каде се пренесува она највисокото знаење. Тоа знаење зависи исклучиво од учителот, а вистински учители има малку. Им посочив дека ако ги продолжи своите студии по пијано на Факултетот за музичка уметност во Хамбург и тоа во класата на пијанистката Ана Виницкаја, ќе учи кај мајстор наследник на пијанистичката традиција на Корољов. Јас самата студирав во класата на Корољов, исто како и Виницкаја и точно знам какво знаење се пренесува таму.
# Како се одвиваа подготовките за приемниот испит на Арда, со оглед на целата ситуација со пандемијата? Како ги организиравте часовите?
Овие подготовки траеја цела година. Паралелно Арда патуваше и во Париз, работејќи со француски пијанисти се до месец февруари. Потоа во март се случи светската пандемија со Ковид – 19 и сè се промени. Сите се најдовме за првпат во ситуација, каде нормалниот живот стана минато. Немаше повеќе патување, немаше повеќе настава со физичко присуство. Тогаш беше јасно дека секој ќе се снаоѓа како знае и умее. Арда тогаш ми се јави за помош, да најдам начин како да ги продолжиме подготовките за приемен испит во Хамбург. Продолживме да работиме онлајн. Тој ми праќаше снимки на делата кои ги подготвуваше за приемен испит. Јас тие снимки го преслушував повеќе пати насамо, потоа преку онлајн настава му укажував на сите недостатоци и како тие да ги поправи. Тие онлајн часови траеја од 2 до 3 саати. Работевме и за време на празници. Овој тип настава бара исклучителна посветеност и умешност. Работата со звук преку компјутерски екран многу исцрпува. Но, сите недостатоци и барања на овој тип настава ги претворивме во наша корист. Арда научи да прави се подобри и подобри снимки од прво изведување на програмот. Разви еден вид на концентрација, која е неопходна за снимање во студио.
# Каков ученик е Арда? Ги следеше ли вашите совети?
Арда е прекрасен млад човек, многу дисциплиниран и вреден. Тој ја поседува цврстината на карактер, која е неопходна за оваа професија. Сите мои совети ги следеше, затоа што знаеше дека јас точно знам кое ниво на свирење со бара во Хамбург, затоа што и јас таму студирав. За време на часовите, секогаш ги споредувавме советите добиени од другите пијано педагози со кои тој во минатото соработувал и тоа што јас му го барав. Го терав да ги брани своите ставови на интерпретација. Секаде каде што ќе откриев недостатоци, му укажував како да ги поправи.
# Колку вие како професор сте горди на успехот кој го постигна Арда?
Многу сум среќна на овој успех, затоа што Арда влезе во една исклучително висока музичка средина со висока музичка етика. Тоа знаење што ќе го добие во класата на Ана Виницкаја, е посебно. Ќе може да вежба на факултетот на пијана Steinway. Токму во Хамбург се наоѓа фабриката каде се произведуваат овие пијана, вброени меѓу најдобрите во светот. Ќе слуша феноменални концерти во атрактивната нова филхармониска сала Elbphilharmonie. Ќе престојува во родниот град на Брамс, во градот каде Карл Филип Емануел Бах ги помина последните 20 години од неговиот живот.
# Очекувавте ли да заврши како прворангиран, бидејќи сите сме свесни дека конкуренцијата за влегување на овој Универзитет е огромна?
Додека работев со Арда, најважно ми беше да го сработиме секој детаљ во делото и да го дадеме двајцата својот максимум. Точно знаев како треба да звучат делата, како да му го пренесам тоа знаење, а сепак тој да ја задржи својата индивидуалност и спонтаност. Ја барав неговата гранична линија на максимум, која тој мораше да ја достигне и преку која не смееше да помине. Работата врз детали во делата со различни стилови, различното туше (допир со прсти), познавањето на изведбата на орнаменти, уметноста на свирење кантабиле, цело ова знаење кое Корољов ми го пренесе, му го пренесував на Арда. Ова беше препознаено од комисијата во Хамбург составена од врвни пијанисти и тоа сигурно придонесе тој да го добие максималниот број на поени и да биде прворангиран.
И. Мисајловска