Претпочитам да не говорам за идните планови, туку да преминам во акција: Интервју со Бисера Шегмановиќ, претседателката на Клубот на оратори „FORUM ORATORES“
Ја запознавте како успешна средношколка, која истовремено беше активна на повеќе полиња. Во тоа време, Бисера Шегмановиќ ни ги откри и своите идни планови, со тоа што одговори на прашањето каде се гледа за 10 години. Дека тоа не е само желба говори и фактот што секојдневно напорно работи на остварувањето на своите соништа од детството.
„Уште од малечка ме привлекуваа општествените науки, со посебен фокус на правото, па така уште кога бев петто оделениие одлучив дека ќе станам правник. Моментално, десет години подоцна, желбата остана иста, а јас сум студент на втора година на правни студии на Правниот факултет„ Јустинијан Први“ во Скопје.“ – ни посочи Бисера денес.
Додека беше во училишните клупи беше дел од училишниот ораторски клуб „Гарда на мудроста“, каде секоја година активно учествуваше на оратоските вечери, од кои секогаш си заминуваше наградена. Со завршувањето на таа етапа од животот, Бисера не се откажа од ораторството, напротив сега секојдневно сè подлабоко навлегува во говорништвото и е член и обучувач во Клубот на оратори „FORUM ORATORES“.
„Мојата поврзаност со ораторството започна уште во 2016 година, и продолжи во текот на останатите 4 години од моите средношколски денови. Меѓутоа приказната не заврши таму туку се надоврза со самиот старт на мојот студентски живот кога се приклучив кон Клубот на Оратори „FORUM ORATORES“ како член и воедно обучувач за јавно говорење. Да се биде дел од Клубот на оратори за мене е пред сè голема чест, затоа што низ тој клуб поминале многу успешни генерации кои денес се оформени во успешни личности со голем број на достигнувања, но исто така ми претставува и голема одговорност и должност кон сите претходни, но и идни членови. Како моментално членство на клубот имаме обврска да им се „оддолжиме“ на сите оние оратори кои нè подржуваа, нè обучуваа, одвојуваа дел од нивното време со цел од нас да го извлечат најдоброто преку тоа што ние ќе ја продолжиме нивната традиција и ќе ги мотивираме помладите да ја негуваат љубовта кон убавото говорење.“ – ни посочи Бисера, а потоа нагласи каква организација е всушност Клубот на оратори:
„Клубот на Оратори е единствената сертифицирана организација во Република Македонија која се занимава со јавно говорење и реторички вештини. Клубот е основан 2001 година од група млади ентузијасти, учесници на Ораторските вечери "Иво Пухан" на Правниот факултет "Јустинијан Први" - Скопје. Од своето формирање до денес, Клубот брои повеќе од 400 членови, најчесто студенти и средношколци.“
Од неодамна, идната правничка Шегмановиќ, беше изгласана за претседател на Клубот на оратори. Дека оваа фукција не е едноставна, ни посочи и самата, нагласувајќи ги одговорностите што ги носи истата.
„Позицијата претседател на Клубот на оратори „FORUM ORATORES“ со себе носи и определени одговорности меѓу кои свикување и раководење на седниците на Собранието и Извршниот одбор како и потпишување на одлуките донесени од овие органи, склучување на договори за соработка со други организации и институции и слично.“
Иако секој кој ќе дојде на одредена функција обично веќе има направено листа со приоритети и идни планови, Бисера е од оние лидери кои не зборуваат многу за тоа, туку се препуштаат во акција.
„Како личност ја почитувам и прилично многу ја применувам онаа изрека „Визијата без акција е само сон“. Претпочитам да не говорам за идните планови, туку да преминам во акција, па затоа не би сакала предвреме да откривам многу „детали“. Ќе се залагам за одржување на тековните традиционални активности на клубот, како што се обуките во средните училишта, а ќе се потрудам и да имаме повеќе активности и настани. Секако, за сите тековни активности ние навремено известуваме преку социјалните мрежи на кои сме активни.“
Според неа, Клубот на оратори им нуди повеќе можности на младите, кои и тоа како ќе им бидат потребни во животот, особено доколку сакаат да се занимаваат со јавна работа.
„Клубот на сите студенти и средношколци им нуди можност да се здобијат со реторички способности и вештини и да ги совладаат техниките на јавно говорење, што им ја отвара портата кон успех на многу полиња и професии. На обуките и другите настани кои ги организираме, учесниците имаат можност пред се да станат добри говорници, да ја развиваат нивната способност за пишување и критичко размислување, да ги подобрат своите капацитети во поглед на вербална и невербална комуникација, да работат на својата дикција, да ја совладаат тремата од јавен настап и слично. Покрај тоа, имаат можност да учествуваат и на различни семинари, конференции и трибини кои придонесуваат за поголема информираност за актуелните случувања.“
Успехот, моќта и лидерските вештини се кријат во говорништвото ни посочи Бисера, воедно потенцирајќи зошто младите би требало да се зачленат во Клубот на оратори.
„Неспорно е дека говорот е една од најмоќните алатки. Понекогаш некои зборови тежат многу повеќе од олово, некогаш некои зборови се поопасни од било кое оружје на светот. Говорењето во миг може да предизвика бура од емоции, понекогаш се доволни само неколку минути говор за вашиот најголем непријател да го претворите во ваш најголем пријател. Некои говори не познаваат просторна и временска димензија, туку и ден денес одекнуваат во тишината. Говорот може да биде една од главните детерминанти која ќе го трасира вашиот пат во животот. Доколку работите на себе, си дадете време за преземање на нови предизвици, доколку ги совладате техниките за убаво говорење, вие сте го поминале првиот чекор кон успехот, кон моќта и влијанието, вие сте станале лидер.“
Ивана Мисајловска
Може да ве интересира:„И Петар Пан порасна, а во нашава Недојдија само политичарите одбиваат да созреат“: Бисера Шегмановиќ